8. Светови
Монолог
Има еден свет на сите и за сите, и има многу светови во секој со секого. Едниот свет на сите е повеќе статичен одошто динамичен, а многуте светови се повеќе динамични одошто статични. Ако вака го разбираме постоењето на човекот во стварноста каква што е, полесно е, многу е поедноставно нашите два света да ги одржуваме еднакво самостојни и наспоредни, со меѓусебно уважување. Мислам дека тоа е во суштината на нашето заедништво.
Јас инсистирам на разликите меѓу нашите светови. Да останат, ако треба и да ги продлабочиме до крајни консеквенции, пред сè за што е можно посодржајна заедничка живеачка. Впрочем, ние сме во љубов токму благодарение на заедничките настојувања да бидеме што е можно понезависни еден од друг; слободоумни, самобитни, единствени. И стварните, егзистенцијалните, материјалните светови, и нестварните, заумните, духовните исто така слободоумни, самобитни, единствени.
Меѓутоа, ќе се согласам дека ние сме во непорочна љубов за и едниот наш и нашите светови да бидат што поблиски и што е можно повеќе испреплетени. Никако не меѓусебно обусловени. Дотолку повеќе оти сакаме да ги живееме, оти обајцата сметаме дека ни нема опстанок во нив кога некое време би се оддалечиле еден од друг или, не дај Боже, би се разделиле. Тоа не е зависност, туку наше вкоренување и разгранување на нашите корени.
Што е со конкретноста на едниот наш и нашите светови како суштествени за нашето заедништво? И во монолозите и во дијалозите? Размисли, па одговори ми. А јас сега ќе ти одговорам дека неа мораме да ја почнеме час поскоро. Затоа што е неодминлива. Затоа што нема никаква смисла таа да се пренебрегнува или просто да се одлага за некои други времиња. Ние немаме, ниту можеме да имаме други времиња. Наши се сите досегашни, откога сме заедно во живот, и сите сегашни. Ги живееме и ги преживуваме. Конкретноста пред сè значи наше, заедничко соочување со нас самите. Како докажани личности со дејствување, работење и создавање дела.
Никогаш да не ги оставаме световите без нас. Ниту едниот на сите и за сите, ниту многуте во секој со секого.
Дијалог
Прв свет:
-Ние сме два света?
Втор свет:
-Да, два света во еден.
Прв свет:
-Знаеш, јас многу често размислувам за нас како два света и како еден. Како си одговарам на секакви прашања, така сами од себе ми се поставуваат сè нови.
Втор свет:
-Секој има свој свет во кој е свој на своето. Се остварува себеси, се докажува, го докажува, а самиот издвојува од него колку што смета дека е доволно за споделување со друг, за заеднички со друг…Јас сè уште немам одговор на едно прашање: колку делот од сечиј свет издвоен за споделување, за заеднички со друг со време се отуѓува, станува нов, без никаква врска со личниот, со оној од кој се издвоил, со оној на себството?
Прв свет:
-Јас не можам ниту да ти одговорам, ниту на каков било начин да ти помогнам. На тоа прашање ќе мораш сам да си одговориш. Знам за мојот, твојот и нашиот свет. За нивната егзистенција и коегзистенција…Според мене, притоа е најважна нивната еднаквост. И временска и просторна, и формална и содржинска. Се радувам и ме спокои дека е таа беспрекорна.
Втор свет:
-Не заборавај на нивната одбрана од недобронамерни, зломислени, злосни, злосторни, од посесивни и секакви други непријатели. Во нашево време таа е суштествена за опстанокот на сечиј личен и заеднички свет. Не смееме во ниеден момент да дозволиме ни најмало невнимание, непретпазливост, ни каква било слабост на одбранбениот систем…
Прв свет:
-Систем?!
Втор свет:
-Да, систем. Тој е суштествен за сечиј свет. За мојот, за твојот и за нашиот свет. Тие инаку не би издржале додека постоиме живи во минато и сегашност.