MOMENTUM II, Последен чин или спокојно доаѓање на утрото, поетска инсталација

Потребно време за читање: 1 минута

Momentum XXXV

За чувствата во природа

Глас 2

Природата сѐ уште ни ги открива своите убавини. Водата е топла, некаде и земјата. Билките имаат многу цветови, но овде сето тоа можеме само да го замислиме.

Глас 5

Сепак, нашиот домаќин, авторот, не заборавил да стави вази и пехари од антички векови. На крајот веројатно ќе бидеме почестени со овошје и слатки, и со топли бањи.

Глас 1

Но не е тоа тоа. Војната може да трае долго. Ништо не се менува ако биде во монолог.

Глас 4

Митовите и легендите си имаат херојства и многу прославени победи. А што ќе слави последниот од нас? Прослава на поразот на…

Глас 3

Токму затоа нема да се случи.

Глас 8

Ако ги спомнуваме јадењата како препорака, тоа не докажува дека нема ништо мое досега. Прво „Мала ноќна музкика“, а потоа јас. Особено за војната.

Глас 10

Треба да има молњи што ќе ја сечат завесата. Затоа што и јас заминувам, запишете: на крајот само тапани, а од срцето на последниот да тече крв додека го измислува монологот. Пред да падне прободен со меч.

Ги голтаме ножот и вилушката,
а лажицата несмасно ни ги превртува рацете.

Ќе разговараме уште,
но не така гласно.
Некој ќе нѐ гледа,
a се договоривме
мирот во светот
и мојот народ
да бидат
наши единствени теми
вечерва.

Некако пребрзо
си ги сушиш усните.
Не ми се верува
оти ќе најдеш време
да ми ги обединиш
сенката и ôдот
со твојата постојаност.

Жабите во супата
почнаа да скокаат,
а тоа ги возбуди
мажите и жените
да ги запрат рацете
сосе забите
од што е топла собата.

Пак ќе речам:
Ова е свечена вечера
со јадења за изненада.

Последен пат
да те поздравам
во првото движење
на окото
и да ти го пресечам
телото
со ѕидови и здив.

 

 

Leave the first comment