57. Упорност како радост
-Сега и отсега треба да се случува што-годе меѓу нас. Како состојба, ситуација, придвижување, движење, процес, промена…
-Добро, штом треба…Причина?
-Нека е причина или последица на динамиката на нашата заедничка живеачка.
-Во ред. Ајде што-годе…На пример нова радост за обајцата.
-За што? Во што? Поради што?
-За нешто…Сеедно за што. Што-годе. Ќе предложиш или да предложам?
-Предложи.
-Смислуваме патување до далечно непознато место. За да го откриеме и да го наредиме во списокот на места во светот кои сме ги откриле ние и малкумина како нас.
-Тоа е интересно. Смислуваме, се подготвуваме и го закажуваме денот кога тргаме кон далечно непознато место. Какво било?
-Штом е непознато не може да е некакво, слично на друго. Ќе го споредуваме откако ќе стасаме на него, во него, па ќе го откриеме, па ќе заживееме прилагодувајќи се.
-Може. Само…Мислам дека треба најдолго да се задржиме на смислувањето. Не е проблем да го пронајдеме на картата на светот, туку дали таа наша нова радост ќе биде од почеток до крај, од пронаоѓањето и патувањето до него, и дали нема да ја надвладеат предизвикот, исчекувањето, неизвесноста…Што ако по престојот местото за нас биде уште понепознато?
-Тоа досега не се слулило.
-Што не значи дека нема и не може да се случи.
-Ако остануваме на смислувањето, би можеле да смислиме нешто друго. Не мора за радост. Ајде ти.
-Јас многу тешко…Што-годе…Да почнеме да создаваме нешто заедно…Заедничко дело…Без оглед дали ќе го создадеме совреме, предвреме или повреме…Тоа да ни стане единствена или најголема преокупација подолго…На пример да почнеме да градиме камена куќа на присојна страна во планинана над градов. Камен по камен, камен на камен…Не мора како наше живеалиште. Може како засолниште од невремиња и скривалиште од несакани луѓе.
-Мислиш дека можеме сами?
-Се разбира, ако сме упорни.
-Кога почнуваме?
-Штотуку почнавме.









