94. Со лесно
Да минува сè што е
со лесно
и време и години живот
до смрт,
па макар никој потоа
да не се ни прашува
зошто живеел.
95. Слики
Се редат на јаве од сон
мртви слики на жива
природа
во рамка, без рамка,
како да се нудат
за будење спомени
меѓу дребнулии
во пајажина.
96. Можам
Можам јас уште
некое време наше
да се искачувам на врв
до небо
и да летам меѓу облаци
до изгрејсонце;
а можам јас уште
некое време дамнешно
и да се замешувам
меѓу луѓе кои пекаат
за спокој и виделина.
97. Ликум
Ликум си ми
на самовила
што сум ја препознал
кога сум жедувал
за твоја љубов зрачна,
болно осамен
во молк по беспатица.