49.
Прво се слушна со Вера од Јане (се слушна?, ја слушна?), мртва од неодамна. Рече дека му се јавува од својот семеен гроб на Градските гробишта. Уште во „Здраво“ наслушна, забележа воздржаност, необјаснива непријатност, жаловност и, секако очекувано, рамнодушност:
„Здраво, драг Ристо од Петар. Се надевам дека си добар и расположен пред вечерашното свечено отворање на твојата изложба во „Лично и единствено“. Знаеш дека многу се радувам поради тоа“.
Не чекаше да ѝ отпоздрави и да ѝ потврди дека не памети кога бил толку расположен како сега. Продолжи:
„Не верувам дека ќе те погоди, ќе те онерасположи многу тоа дека за моја жал нема да дојдам на свеченото отворање. Велам за моја жал, затоа што не верувам дека некој освен ти ќе го забележи моето отсуство. Не мораш да претпоставуваш зошто. Само затоа што јас сум мртва и просто не можам да бидам меѓу живи. За разлика од тебе, кој на многумина им докажа, и на мене се разбира дека откога си жив како мртов кога сакаш можеш да бидеш мртов како жив. Да, токму како што често нагласуваш: меѓу молк и тишина, меѓу паметење и заборав, а може и меѓу сите нив.
Не ми е сеедно што не можам да дојдам, особено откако ми докажа дека сè уште не си сосем рамнодушен спрема мене именувајќи ги твоите невидливи слики со мои метафори. Не се сите метафори, има и други, но тоа е неважно. Искрено ме радува и што успеа да го завршиш платното со невидлива непорочна љубов. Не сум го видела, но и натаму тврдам дека не е и не може на него да биде пак исто насликана. Таа изгоре, игасна во пожарот, а ќе ти повторам дека може да биде само нова. Не може ни да се повтори ни да се обнови зашто во сечиј живот таа е една и единствена“.
Ѝ одрече:
„Непорочната љубов не може ни да изгори ни да угасне. Мора да прифатиш дека таа е неуништлива и во животот и во смртта. Како ниедна друга!“
Помисли дека ќе влезе во раправа со него, но само додаде:
„Зависи дали е остварена или е неостварлива. Не ти спорам дека не мора да биде возвратена“.
За миг замолче, а Ристо од Петар се обиде да ја убеди дека сепак треба да дојде:
„Свеченото отворање вечер нема да биде обично, како на секоја ликовна изложба. Ќе биде едновремено перформанс и уметничка инсталација. Во центарот ќе се слуша кавал, во далечина тапан, меѓу сликите ќе се прикажуваат женски ликови од драми на Шекспир, а јас по обраќањето гостите ќе ги водам од слика до слика. Извајан од Јасна од Спасе во камен, мрамор, дрво и железо. Во природна големина, како возвишен човек и сликар…Неповторливо…Следните денови, до затворањето ќе биде само изложба на слики. А сликите…
Вера од Јане го прекинува:
„Убаво замислено. Ама сепак…не можам…Туку, да те замолам нешто. На твојот мејл ќе ти испратам моја песна со насловите на сликите, а ти закачи ја до првата слика, во средината или до последната. Не да ме потпишеш…Може само „Една анонимна поетеса“. Зашто бев таква дури бев жива и сум како мртва…Мислам дека ќе се вклопи во целиот настан…Ја насловив како твојот циклус-„Боите на животот од раѓање до смрт“…Прифаќаш?“
Ристо од Петар одговори потврдно: „Тоа е одлично!“. Дури ѝ нагласи дека за него претставува и чест и задоволство.
Вера од Јане го прекина разговорот. Му дојде некако само од себе дека се слушна со неа жив за последен пат. (Се слушна? Ја слушна?)
Песната му се допадна искрено:
Во ден за еден сив ден,
меѓу црни и бели,
се случува студена сива ноќ.
Се случува зашто веќе
се случи
при будење во рано утро;
сето жолто, сето сончево,
како портокал недофатлив
за детинска невиност.
Ќе мине мигум денов
за еден сив ден, а по него
квечер на исчекување,
сина и портокалова,
до пред црна полноќна
страст.
Но ниедно доба со мене
како сивило, црвенило,
туку сал црвен пламтеж
на крв
и сина и бела вода
понорница.
Еден небосклон на живи
и мртви,
портокалов, па жолт,
и една надежна земја
потоната во темно-кафеава
мирнотија
чекаат надоаѓање
на светлина зелена,
виолетова и бела,
пак пред црна мрачнина
на човек мртов како жив“.
На големо изненадување, неочекување, незамисливост на Ристо од Петар, неполн час потоа на мобилниот му се јави Јасна од Спасе. (Му се јави? Се слушнаа? Разговараа?) Да, Јасна од Спасе со која некогаш заедно создаваа секој свои, но и заеднички вајарско-сликарски дела; како докажување и продолжување на траењето на убавината на постоењето, без какви било ограничувања и оградувања; заедно со стремежот кон апсолутната слобода. Со која беше и е заедно дури е жива и пред умирање. Му се јави од далечното гратче Плет во кое заживеа наоѓајќи во него мир и самост. Нејзе ѝ е доволно што во секое вајарско дело се тој и таа, какви што беа…Здравјето ѝ е прилично нарушено, знае дека е веќе пред умирање и скоро ќе ја продолжат љубовта мртви. Не го прифаќа нејзиното одрекување на тоа…При секоја средба со неа и при каков било контакт секогаш пред очи му е нејзината убавина. Неретко нагласува дека му била и му е најубава од сите негови љубови. Никогаш не пропушта да искаже восхит спрема нивното заедничко творење и заедничките сликарско-вајарски дела кои најмногу ја изразуваат нејзината, но и неговата природа.
„Остави го сега тоа. Не е ни време ни место“, го спречи Јасна од Спасе да продолжи за нив. Чудно, Ристо од Петар забележа дека зборува испрекинато, со долги воздиви и издиви меѓу зборовите.
„Што ти е?“, ја праша.
„Љубов моја, ти се јавувам за да…те известам дека…не ќе можам да… присуствувам на…отворањето на твојата изложба…Јас умирам, Ристо мој…У…ми…рам“.
Ристо од Петар занеме и престана да дише.
Јасна од Спасе:
„Ме слушна? Јас…умирам…Уште два-три часа…Ми кажаа дека…пред квечер…ќе умрам“.
Ристо од Петар го изгуби тлото под нозете. Седна на подот од дневната соба. Мобилниот му падна од раце. По неколку мига како малку да се созеде. Го зеде мобилниот и успеа да изусти:
„Тоа не може!…Тоа е невозможно!…Знам…знаеш…Знаеме дека си неизлечиво болна, но…не ти е време за умирање…По изложбата ќе видиме…Мораш да присуствуваш!“
Јасна од Спасе:
„Не можам, Ристо мој…Физички не можам…Ама ќе бидам како да сум…Исто како што те извајав…невидлив…Невидлива…Душа!…Ќе бидам присутна и мртва како жива и како мртва, а жива…Ти се јавувам…Ќе бидам таму, ама…да не ме бараш низ галеријата, меѓу гостите…меѓу твоите невидливи слики…
Пак молк, па пак таа:
„А во врска со непорочната љубов…Многу се радувам дека успеа да ја насликаш иста…како на изгореното платно што…го создаде…пред твојата смрт. Белки ќе најдеме заедничко време…додека трае изложбата…Заедно да ја погледаме…како мртви…
Сакам друго да ти кажам…Во врска со твоите…четири големи платна… изложени на трајната…изложба во галеријата…Што ги сметаш за…стожерни во…твоето творештво…Посебно најголемото меѓу нив…„Црно и црвено во миг животворен“…Сакам да го споделам…твојот став за него…Дека возбудливата животворност…со истовременоста на црната и…црвената боја во еден миг…кулминира во точка на вкрстување…на стварниот и заумниот свет…во љубов и заедништво…Нашите…
Запомни од мене…љубов…Јас ти се восхитувам…Ти се возвиши како човек…како творец…уметник…сликар…со тоа што допре до суштественоста на опстојот…на човекот…која…определува кога е животот смрт, а…кога смртта живот. Смртта за тебе е како живот, но за нас веќе…не може да биде живот…Те чекам во Плет…Да ме земеш…Да бидеме заедно…некое време…Како досега“.
Јасна од Спасе престана да зборува. Ја прекина врската. (Му се јави? Се слушнаа? Разговараа?)