Потребно време за читање: 8 минути

XVI

Го прашувам Колумнистот:

-Дамјане, како ти стана колумнист? Се случи во некој миг? Некој предизвик?

Ми одговори:

-Одамна се знам со стопанот на неделникот „Демос“ Митре Кироски, но не сме којзнае колку блиски. Се почитуваме меѓусебно. При една средба, дали со повод или без не знам, ми предложи да станам колумнист. Ми нагласи без никакви ограничувања. Не прифатив веднаш, му одговорив дека ќе размислам па ќе му се јавам…

Го потпрашав:

-Зошто? За што да размислиш?

Се насмеа:

-Не знам. Онака. Да, бев малку изненаден од понудата, пријатно од понудениот хонорар, повисок од просечна месечна плата, доволен за пристојна живеачка според моите норми и перцепции. Но, најмногу да си одговорам на прашањето дали тој ангажман ќе ми го наруши вообичаениот секидневен животворен ритам. Особено во создавањето мислечки и книжевни дела. Ме знаеш добро, не прифаќам ограничувачки обврски односно принуди, па прво помислив дека како колумнист ќе се доведам токму во таква ситуација.

Јас:

-И?

Тој:

-Прифатив без двојба. По два дена му се јавив, појдов во редакцијата на „Демос“, јас и Кироски го потпишавме договорот на редакциски состанок и наздравивме со виски за почетокот на нашата соработка. Со обострано посакување дека таа ќе трае долго. И така.

Не пропуштив да го предизвикам:

-Задоволен си по десетина години? Не мислиш да запреш, да престанеш?Уште го имаш задоволството да пишуваш колумни? Не ти е нарушен творечкиот ритам?

Ми одговори рамнодушно:

-Знаеш, тоа ме релаксира, па и забавува. Не ме ангажира премногу. Напротив, неретко се чувствувам како да сум се ослободил од нешто што несетно ме преокупирало.

Јас:

-Пишуваш за сè и сешто. И за она за што немаш поим…

Тој весело:

-За пишување колумни се важни, но не најважни знаењето и незнаењето. Поважни се промислувањето за животот во сета негова комплексност и конкретност. Јас не признавам стручни, специјализирани колумнисти. Ниту нивна авторитетност и влијателност. Со секоја своја колумна колумнистот само ја докажува или треба да ја докажува слободоумноста, независноста, рзбирањето и доживувањето на нештата. Како личност…Оној момент кога во „Демос“ ќе се обидат на каков било начин да ме ограничат, да ми наметнат тема, камо ли да ме цензурираат или да се самоцензурирам, мојата колумнистичка работа ќе престане.

Завршив:

-Се согласувам, Дамјане пријателе, дека токму со пишувањето за сè и сешто се докажуваш. Ти си веќе докажан како слободоумен и независен. Мислам дека токму затоа твоите колумни се многу читани и, велам јас, со нив си мошне влијателен. На пример со овие:

1. Иноваторството-најголем придвижувач на развојот

Зачудува односот спрема македонските иноватори и на бизнисмените и на политичарите (особено оние во власта). Не оти нема кој не знае дека нивните иновации се најголемите „конкретни“ придвижувачи на развојот на севкупното сегашно и идно живење и дејствување.

Не станува збор ниту за некаква „бизнисменско-психолошка“ одбивност, инфериорност, страв од нивно прифаќање односно примена. Некогаш се јавува проблемот на неподготвеност да се плати бараната цена за откуп на иновација, особено кога нејзината вредност има светска „димензија“, но и тоа е ретко бидејќи македонските иноватори во такви ситуации покажуваат не мала „доза“ на патриотизам, па не им е баш лесно тие сосе нивните иновации да се продадат на „странството“, без оглед за каки пари станува збор.

Дали можете да наведете во нашето минато и сегашнинава макар еден македонски иноватор за „некоја пара“ побогат од кој било наш прекуноќен полит-бизнисменски олигарх? Дали се сеќавате на такви наши во странство кои си го носат и негуваат, односно не си го „продале“ патриотизмот, многупати досега „за ич пари“ се нуделе не да се вратат, туку да се „имплементираат“ во развојот на земјава, а ние сме ги прифатиле со раширени раце?

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), IX, роман

Зошто иновативната дејност во Македонија е постојано на маргините на економијата и политиката (читај: власта), освен во деновите кога се одржува нивниот саем?

Одговорот не е едноставен, но нема да биде погрешен ако го сведеме на следново: главната заложба на сите досегашни власти и на бизнисмените кругови (со папочни врвки врзани за нив)-севкупен забрзан развој на државата со акцент на технолошкиот, е само декларативна, со мошне кратка, пред сè маректиншка-предизборна „употребна вредност“. Затоа неретко се случува изуми на Македонци, патентирани и реализирани-применети во развиениот свет, да ги увезуваме како странски, некогаш дури и да немаме поим дека нивниот пронаоѓач бил или е „од нашата гора лист“.

„Приказната“ се повторува со изумот на еден магистер по земјоделие: Ристо Пановски, кој работниот век го поминал со „македонско жолто злато“ во Радовиш: кон кајот на 2005. година некои медиуми, што континуирано или одвреме-навреме му посветуваат внимание на агрокомплексот односно агробизнисот, објавија дека тогаш 70-годишнит иноватор добил златен медал за изум-машина со која го „лепи“ наместо да го ниже тутунот.

Станува збор за перфорирана носечка платформа која преставува уред или направа за изведување подготвителни работи на тутунот за сушење. Експертот за тутун објаснил дека, наместо со денови да се ниже, тутунот само се реди на обична пластична мрежа, листовите се лепат со специјален хартиен лепак кој не прави никакво оштетување, и така се формира низата. Најважното: со тоа дури 5 пати се скратува времето потребно за една низа тутун. Конкретно, за време од 5-7 минути се завршува целата работа потребна за изработка на низата (1.000 тутунски листови), наместо сегашните 30 минути.

Експертот-иноватор направил неколку демонстрации во тутински комбинати и пред производители на тутун во неколку македонски села.

Негова изјава:

„Овој метод експертите го оценија како многу добар зашто тутунот го задржува својот квалитет, а се скратува времето потребно за негово подготвување за понатамошна преработка. Редењето на листовите може да се изврши уште на самата нива, додека се бере тутунот. Потоа низата се носи во сушница, а времето на сушење е исто како и досега“.

Според него, единствена пречка за поголема примена на овој начин на нижење е што тутунопроизводителот треба да купи дополнителни материјали за нижењето-мрежи и лента за прицврстување на листовите.

Ристо Пановски не го реализира во практика!

Го повторувам одамна познатото и повторуваното:

Во Македонија секоја година се презентираат стотици нови пронајдоци. Повеќето остануваат само идеја, а само мал број влегуваат во масовно производство. Околу 3.000 иноватори не можат да ги реализираат овде, па бараат странски инвеститори.

Зарем тие-иноваторите треба постојано да кажуваат и укажуваат дека развојот на економијата многу земји го почнале токму со инвестирање во мали откритија и нивно патентирање како бренд на државата?

2. Ако не може да се искорени, сиромаштијата мора да се корне

Се разбира, мислам на континуираната борба против неа и не само со економско-социјални мерки. Таа мора да биде приоритетна и жестока, да се бие со сите средства што на власта, особено на Владата ѝ стојат на располагање. Никаква преродба не може да успее, никакви 100 или 1.000 чекори не вредат ако во нивната суштина нејзиниот дефинитивен пораз не е прва и последна цел.

Намерно не ја спомнувам бедата, бидејќи не само што таа „вирее“ во и од сиромаштијата, не само што постои знак на равенство помеѓу нив, туку од проста причина дека народот одамна научил како полесно да живее со неа и секојдневно да ја совладува и да опстои пред неа (со мудрост, искуство, знаење, итрина, добрина, простосрдечност, со својот „Божји глас“). Бедата е емотивен и етички поим, а се однесува на срцето и совеста на човекот, на душата и духот. „Тој е беден човек“ значи човек без етика, без совест, а „се чувствувам бедно“ значи сум понижен, со обезвреднето дело.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXVIII, роман

За разлика од порано, од далечното и блиското минато, денешната „позиција“ на сиромаштијата во нашето живеење, со нас како дел од современиот свет е неприфатлива. Најмногу поради моралната „тежина“. Постои една општа дефиниција за нејзината моралност:

„Сите човечки суштества се еднакви и треба да бидат овластени не само со политичките и со граѓанските права, туку и со социјалните права и потреби како што се храна, засолниште, образование и лична безбедност“.

Се разбира, таа има многу аспекти, но секогаш била и е еден од најбитните фактори кои ги условуваат квалитетот на животот и реализацијата на човековите права.

Кога се анализираат податоците за сиромаштијата во светот, тие мора да му се сопостават на различното ниво на економско-социјална развиеност во одделни земји; една е во земјите во развој, а друга во најразвиените. Првата најчесто се дефинира како недостиг на доволни количества храна и вода, како основни човекови потреби неопходни за преживување, а другата се означува и како релативна-недостиг на ресурси кај поединци, семејства и групи за определен веќе достасан, утврден, нормиран режим на исхрана, неможност да учествуваат во одредени општествени активности и да живеат во вообичаените услови на нивните држави.

Постои разлика помеѓу руралната и урбаната сиромаштија, па следствено е нужен различен пристап во борбата со секоја од нив.

Некои инсистираат дека вистинската слика на сирмаштијата во едно општество станува јасна и веродостојна кога целта е мерење на релативната, а не на апсолутната сиромаштија.

Обединетите нации разликуваат неколку мерила за сиромаштија: асполутна  (се дефинира според еден асполутен минимален стандард, наречен „линија на сиромаштијата“), релативна (и посиромашен и побогат од некој друг), приходна (пр. во споредба со долар дневно), човечка (зема предвид и други фактори, како долговечност, неухранетост, неписменост, екологија) и основна (освен парите, вклучува вработување и удел во општеството).

Во Европа се познати 3 основни типа на социјални системи: англосаксонски, скандинавски и континентален. Англосаксонскиот (се применува во Обединетото Кралство и Ирска) се одликува со минимални социјални бенефиции, а голем дел од услужниот сектор и од болниците и училиштата како јавни установи се приватизирани. скандинавскиот (мошне успешно, со извонредни резултати се применува во Норвешка, Данска, Финска) е карактеристичен според високите социјални повластици-бесплатно здравство и образование и големи социјални бенефиции за социјално загрозените случаи, а континенталниот е најзастапен и претставува баланс помеѓу скандинавскиот и англосаксонскиот.

Република Македонија е најблиску до конти­ненталниот, а тоа најлесно може да се потврди со споредбена анализа на законската регулатива. Секако, поважни се ставовите и препораките за намалување на сиромаштијата: развој на приватниот сектор, со прилив на странски инвестиции, организирано висококвалитетно образование, што значи подоб­рување на човечкиот капитал, и создавање мрежа на социјална безбедност.

Мошне загрижувачко е движењето на сиромаштијата: од годин на година, во сите изминати децении независност, самостојност и сувереност, сè поголем е бројот на апсолутно сиромашните (кое не може да ги задоволи ниту основните потреби), особено во урбаните средини, како и оние чии расходи се пониски од потребните за набавка на минималната потрошувачка кошничка (екстремна сиромаштија и глад).

3. За принципиелноста и компромисот

Колку сме приниципиелни/доследни, а колку компромисни во животот, работата, дејствувањето, политиката?

Ова е уште едно мошне важно прашање во сегашниов миг на нашето опстојување на овие простори или, ако сакате, во овој период на клучни, решавачки моменти за опстојбата на македонската нација и држава.

Принципиелноста односно доследноста најчесто е спротивна, дури „контрапродуктивна“ на компромисот. Најнапред, таа претпоставува јасно заземена позиција, став, а тоа, пак, значи претходно расчистување на секакви дилеми или колебања. Потоа, како последичност, таа нужно предизвикува жртва/жртвување на нешто, некој или, најчесто, на дел од себеси (целосно себеси не е можно бидејќи тоа би значело личен пораз). Но, најнапред принципиелноста односно доследноста е втемелена, изградена врз знаење, стручност, компетентност, авторитет.

Прочитај и за ... >>  КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XXX, роман

Колку е нужен, неопходен, неизбежен компромисот? Тој во суштина значи договор врз основа на отстапка (од една или друга, односно од две договорни страни). Кога не може да се остане принципиелен, да се опстои на принципите (прашањето е токму тоа: кога може, а кога не може?), за да се „помрдне(ме) од мртвата точка“ правиме или ни прават компромис, стануваме или стануваат („другата“ страна) компромисни. Се разбира дека постојат низа случаи, состојби, процеси, прашања и проблеми кога не може поинаку, освен да се постапи компромисно.

На пример, во основата на она што значи живот, егзистенција, продолжување на човекот: љубовта. Кога ќе се отстранат „периферните“ нешта (чувствата/емоциите и сл.-дали воопшто можат да бидат такви?; затоа се во наводници-третирани условно), кога ќе ја „разголиме“ докрај, љубовта (помеѓу две суштества е нешто друго и се именува поинаку) се сведува на договарање-компромис-отстатпка (во еднина или множина-секојдневни отстапки), и тоа од двете „заинтересирани“ страни.

Дали се согласуваме дека принципиелноста е најмногу застапена во науката, во стручноста, знаењето и творештвото, а компромисот најмногу „игра“ во политиката и конкретниот секојдневен личен професионален ангажман? Дали е воопшто можен компромис во науката, во стручноста, знаењето и творештвото?

Јасно, и науката, како сѐ друго, постојано се „надминува“ себеси, но никако не врз основа на некакви компромиси. Не е можна наука која своите откритија, сознанија, теоретски елаборации и практични искуства ги темели на договарање. Тоа еднакво се однесува на стручноста, знаењето, компетентноста (во поширока смисла и професионалноста-како нивна „примена“ во работата и дејствувањето). Евентуалниот компромис (за што и во што?) всушност значи нестручност, незнаење (или несигурно знаење), некомпетентност, непрофесионалност.

Што се однесува на творештвото во најширока смисла, како процес, тоа е или може да биде компромисно сѐ до резултатот-делото. Реализираното творештво, без оглед на квалитетот, не може дополнително да се компромитира (може да го компромитираат други), туку само да се продолжи, да се надградува или да се обновува.

Компромисот најмногу „игра“ во политиката? Ако вие мислите така, јас лично не можам и не сакам да се согласам. Тешко ѝ на секоја „компромисерска“ политика. Таа и не може да се нарече политика, туку политиканство или просто кажано сметкаџиство, манипулација и шпекулација, мимикрија, кариеризам итн.

Бескомпромисна политика? Како вештина во однос на можното? Не е ли тоа и вештина и можно знаење и искуство?

Вистинската политика, која може да се нарече и праведна-дека е во интерес на мнозинството, а не на малцинството, е договарање врз основа на принципи-принципиелност, што значи врз основа на знаење, стручност, компетентност, професионалност. Знаењата и искуствата се многубројни, неретко мошне различни, а се прави договор, компромис за можните, најповолните во даден миг, односно најобјективните (најкорисните, најефектните) во дадена ситуација.

Ќе поставам едно „внатрешно“ прашање за сопоставување на ставови:

За каков компромис односно политички договор може да стане збор користењето на знамиња на етнички заедници на „штета“ на државното-негово непоставување, значи непочитување дури и на државни празници? Таквата постапка овојпат само ја спомнувам и како кривично дело, а за кое досега никој не одговарал.

Прво, такво нешто во светот не постои, а кога ние веќе го измисливме ред е најнапред да се обидеме да го дефинираме како наш „придонес“ за науката. А второ, науката хералдика одамна кажала јасно и гласно, мошне прецизно: во една држава не може да се вее знаме на туѓа држава (или во множина-да се вејат знамиња на туѓи држави). Бидејќи знамето, како и другите државни симболи, ја изразува и ја афирмира унитарноста, интегритетот и идентитетот на државата, нејзиното достоинство, почитување и припадност.