КОЛУМНИСТ ШТО МИСЛИ ГЛАСНО ЗА ЖИВОТ И ЖИВОТНИ ПРИКЛУЧЕНИЈА (ПОЕНТИ), XIX, роман

Потребно време за читање: 5 минути

XIX

Лична борба

Дамјан од Истин постојано води свои, лични борби откога го познавам и го знам. Откога го познавам најмногу и најдолго за свое место под сонцето, како творечка личност со мошне обемно творештво. Од кое засега е објавено многу малку, а што е посебна „приказна“. Откога го знам, пак, како мошне мудар промислувач на далечното и блиското минато и на нашава стварност, со своите процеси и собитија; поготово како колумнист. Тие негови лични борби се мошне лични, што едновремено значи дека се и лесно препознатливи.

Ги води сам. И мене веќе неколкупати ме има одбиено да му се придружам, се разбира кога е збор за заеднички мотиви, противници и цели. А најмногу поради тоа што тие негови борби се лични, изгубените битки не ги признава за изгубени. Нагласува дека само ги оставил настрана поради други. Ќе им се наврати кога тој ќе одлучи. Со еден збор, битките за него се делови од непрестани борби.

Личните борби на Дамјан од Истин се колку општи, би рекол општочовечки, исто толку конкретни, поточно насочени кон проблематизирање и решавање на многу прашања и проблеми, на сите што ја оптоваруваат нашата секојдневна живеачка. Општи и дека според ништо не се разликуваат од борбите на другите, на секој непосредно или посредно ангажиран човек во која било егзистенцијална ситуација, а конкретни и кои може да ги придвижи напред нештата. Со нагласка дека и општоста и конкретноста на борбата се состои од различни форми, однесувања и енергии, со користење на различни, секакви орадија и оружја. Најпрвин мислата, зборот и делото.

Една од неговите најголеми лични борби, која трае многу години, веќе ни самиот не знае колку, а на која ни тој не ѝ го гледа крајот, која и за него, како за многумина како него е исцрпувачка, е борбата за одбрана на личното време. Еднакво делот кој му го отстапува на заедничкото, споделувачкото со оние што му се блиски, и во самост, и делот кој како кај секој друг е природно само негов, неделив, несподелувачки. Од една страна, таа е една од неговите најголеми борби, ако не и најголема, затоа што токму неговото лично време во нашево е нападнато, е загрозено од забрзаниот технолошки напредок, особено од сè поголемата улога на вештачката интелигенција во човечкото на човекот, а од друга глобализмот наспроти поделениот свет и консумеризмот наспроти квалитетот на животот. Во таа борба најмногу му помагаат самоста и создавањето книжевни дела.

Дали ќе успее? Не знае ни тој! Самиот не е сигурен, но не  помислува да престане да се бори, додека е жив.     

Сепак, секојдневната лична борба за одбрана на личното време Дамјан од Истин во најголема мера ја води со својата колумнитичка дејност:

1. Живуркањето

Ќе дојдат некои сметкаџии, ќе ти ја удрат сметката, ќе си пресметаат како може најлесно да биде по нивно, и со сила ако треба, и ќе те соберат за да се најдеш во небрано. Бидејќи не чинело вака, треба, мора да биде поинаку. Не се знае точно какво е тоа поинаку, ама ќе се научи. Само поинаквото да почне.

Ти си живеел некако, бидувало секако, ама дошло време да не може да се живее како што се живеело. Нужни се промени, зашто секаде се околу нас. И…се превртува работата. Излегува дека досега те лажеле, те краделе, си спиел, не си се свестувал. Светот не ги чека оние што заостануваат зад него и одамна отишол толку напред, што да не можат никогаш да го достасаат. Сега барем да почнеш да му се приближуваш. Менувачите се сигурни и тврди. Ако не може да се смени со арно, ќе се промени со сила.

И се промени, речиси преку ноќ. Некаде со сила, со војна, некаде со мир и трпение, макар и се патело непатеното. Сѐ за подобро утре, побогато, поимашно, сѐ за светлата перспектива, подобрата иднина.

Може да е најважното притоа:

Секој знае дека не мора да се растура за да се продолжи, ама кога не се сака така мора да се растури за да се почне одново.

Ја растуривме живеачката за секој да си биде на своето, капата еден другему повеќе да не може да му ја крои. И се промени сѐ: сакањето до омраза го дотуркавме, можењето до завист и зависност од други. Наместо живеачка, си стокмивме живуркање. Или ни го стокмија променувачите. Сеедно. Стокмено е за не од денес до утре, ами од денес до денес да може да се издржи некако. Белки не за долго, белки надежта нема да ни згасне, барем дури скромноста не си ја задоволиме.

Си живуркаме од денес до денес. Рамнодушни, малодушни, сите во трпеж и крпеж. Да, освен сметкаџиите за нивно најлесно, собирачите што во небрано собираат други. Трпиме сѐ, за светот несфатливо колку и до каде. Притисоци од сите страни, блокирани, неразбрани, непризнаени. Некому му пречи мирот што од петни жили се обидуваме да го дочуваме и добраниме, некому исправеноста пред времето; некому името, некому јазикот наш насушен. Најмногуми им пречиме на оние со кои не сме иако не им сме против.

Живуркаме од денес до денес, а векови нѐ научиле дека и за тоа е потребно здравје. Потребна е сила, снага за да додржуваш, на нозе да достојуваш пред најсилни ветришта и најтемни облачишта. Ама ако не трае од долго предолго.

Живуркањето станува живеачка кога е секој ден исто и ние во него и со него. До осамена умирачка.

Како до живеачка по долго живуркање? Може? Што не можело? Само вака:

Кога ќе си заминат сметкаџиите од кај што дошле. Или ќе ги избркаме како никогаш да не ни дошле. Но, пред тоа ќе им ја удриме сметката и ќе им ја наплатиме. Не со сила, туку со ум и разум. Или ќе ги собереме во небрано, да не можат никогаш пак да се приберат и соберат. Па ќе пресметаме како најдобро и најзадоволно да биде по наше. За никогаш пак одново да не почнуваме, за сѐ од нас почнато да продолжуваме.

Живеачка без живуркање како умирачка без умирање.

2. До кога Македонија ќе чека на Интернетгласање?

Ако нешто во светот ќе се развива и применува со молскавична брзина, тоа сигурно ќе биде користењето на Интернет при гласање на избори. Ние, пак, наместо да бидеме брзи и да се потрудиме да го примениме што поскоро, некои „класични“ судии се јавија со став дека тоа не е можно во догледно време. Дали „таквите“ работат со компјутери и солидно, со знаење го користат Интернет?! Зошто сметаат дека Интернет гласањето во догледно време нема да биде применливо во Македонија? Мислам дека е во прашање нешто друго.

Најчесто и најмногу се истакнува дека дека Интернет-гласањето подразбира поинаква политичка култура и голема доверба во институциите, поконкретно во изборната администрација.

Се разбира, тоа не значи дека не може и не треба да се размислува за електронско гласање, за воведување машини со читач или компјутери со екран на кој со допир може да се гласа. Тоа се методи кои не подразбираат гласање од гласачки места кои не се на избирачкото место, туку се методи многу поблиски до сегашниот начин на гласање.

Експертите Интернет-гласањето го гледаат како иднина во изборите. Според нив, неприфатлива е резервираноста, поточно песимизмот дека Македонија може тоа да го воведе многу брзо.

Меѓутоа, ако не се реагира брзо и ако се има предвид фактот дека на тој план веќе сериозно работат многу земји, во догледно време со жалење ќе констатираме дека нè претрчале и оние пред кои сме сè уште понапред.

3. Запознавање: Комеров модел

Досега неприменуван, веројатно и малку познат, на нашите одговорни веројатно и тотално непознат (инаку би бил барем актуализиран), овој модел би требало да даде брзи позитивни резултати во севкупната здрава, пред сè етичка клима во училиштата. Особено во намалувањето на девијантните појави.

Во Македонија од поодамна е детално познат Комеровиот модел. Станува збор за филозофски концепт презентиран-афирмиран уште во далечните 60-ти години на 20-от век. Негова главна цел е вклучување на целото општество во воспитно-образовниот систем, односно за посилна врска помеѓу училиштата, родителите и другите- психолози, директори, градоначалници.

Со Комеровиот модел родителите можат да предлагаат училишни активности, а наставниците се врската помеѓу училиштето и родителите. Доколку ученикот има проблеми, наставникот веднаш ги известува родителите, но и социолозите, педагозите и психолозите, чија задача е да најдат превентивни мерки и нивно решавање. Со него се инсистира на училишта како отворени институции, во кои родителите се добродојдени, во кои учениците се чувствуваат пријатно, а наставниците се сервис за учениците.

Моделот налага да се работи во три тимa-родителски, училишен и тим за ментално здравје. Тие на директорот на училиштето му доставуваат извештај за сработеното, а тој ги препрати до ресорното министерство и локалната самоуправа.

Како треба да се применува Комеровиот модел, им беше презентирано на скопските директори на училиштата.

Зошто сè уште не е применуван кај нас, или се применува нецелосно, поради што девијантните појави во училиштата се со неподносливи и опасни размери?