Генералната асемблеја на „Еуродрам“, која од 27 октомври до 1 ноември 2026 година се одржува во Скопје, во изминатите денови отвори неколку прашања што одамна го надминуваат тесниот простор на театарската сцена. Како една драма патува од еден јазик во друг? Што се случува со театарот во услови на војна, политички притисоци и општествена несигурност? И колку преводот е важен за авторите кои создаваат на јазици со помала меѓународна распространетост?
Свеченото отворање на Генералната асемблеја се одржа на 28 октомври на големата сцена на Театар Комедија, во присуство на шеесетина гости од 28 држави. Настанот е дел од програмата со која „Еуродрам“ – Европската мрежа за драма во превод одбележува 25 години од своето основање. За целата шестдневна програма и значењето на Генералната асемблеја во Скопје Panoptikum пишуваше и пред нејзиниот почеток.
Од македонската драма до европската театарска мрежа
Еден од поважните моменти на отворањето беше претставувањето на изданието „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001-2026“ од Иван Додовски, објавено од Театар Комедија со поддршка на Министерството за култура и туризам. Каталогот содржи хронолошки преглед на 32 избори, во кои се застапени 30 различни драми од 18 македонски автори, како и биографски и библиографски податоци, информации за преводи, премиери и авторски права.
Неговата практична вредност е токму во тоа што македонската драматургија ја прави полесно достапна за преведувачи, режисери, театри, издавачи и истражувачи надвор од домашниот културен простор. На отворањето беше посочена и „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, подготвена од Шенај Мандак.
Претседателот на „Еуродрам“, Иван Додовски, ја потсети публиката дека мрежата е создадена во Париз во 2001 година и денес поврзува стотици театарски професионалци од повеќе јазични средини во Европа, Централна Азија и Медитеранот. Основната идеја останува едноставна: драмските текстови да се читаат преку јазичните граници, да се препорачуваат за превод и да добиваат шанса за нов живот како издание или сценска изведба.
Во рамките на јубилејот, Додовски му врачи плакета на основачот на мрежата Доминик Долмие за неговиот придонес во изминатите 25 години. Така свечениот дел на асемблејата доби и своја историска линија – од една иницијатива создадена околу драмскиот превод до мрежа што денес поврзува различни театри, автори и културни средини.
Што може театарот кога околу него се распаѓа нормалноста?
Најострата општествена димензија на собирот се отвори на 29 октомври во Европска куќа – Скопје, на панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“. Во разговорот, организиран во партнерство со Канцеларијата на „Креативна Европа“ во Скопје, учествуваа претставници на украинската, грузиската и арапската театарска средина, заедно со писателот Владимир Јанковски и Билјана Прентоска од македонскиот деск на програмата „Креативна Европа“.
Јулија Скибицка, театарска истражувачка и координаторка на Украинскиот комитет на „Еуродрам“, зборуваше за последиците од војната врз културните институции, театрите и самите уметници. Таа, повикувајќи се на податоци од украинските институции, посочи на голем број оштетени или уништени културни објекти и локалитети, како и на уметници кои ја напуштиле земјата или се вклучиле во војската. Размерите на штетата врз културното наследство во Украина ги документира и УНЕСКО во својата тековна евиденција за оштетени културни локалитети.
Во нејзиното сведоштво, сепак, важен беше и другиот дел од приказната: драмското пишување не запрело. Се создаваат нови текстови и проекти, а тематскиот простор на тие дела не е сведен само на војната. Во нив, како што рече Скибицка, остануваат љубовта, хуманоста и секојдневниот живот – теми што сведочат дека уметноста не мора да го негира ужасот за да одбие да му го предаде целиот простор.
Татија Мтварелидзе од Грузискиот комитет ја опиша состојбата во својата земја низ искуството на протестите, политичките притисоци и стравот од ограничување на слободата на изразување. Анамарија Бјанко, координаторка на Арапскиот комитет, зборуваше за последиците од војните, миграцијата и раселувањето врз авторите и театрите од арапскиот свет, особено за тешкотиите со кои се соочуваат уметниците што продолжуваат да создаваат во нови јазични и културни средини.
„Мал јазик“ не значи мала литература
Од македонска перспектива, еден од најважните моменти на панелот го отвори Владимир Јанковски. Говорејќи за пишувањето на јазик што има ограничена меѓународна распространетост, тој ја постави суштинската дилема: дали едно дело може да биде помалку вредно само затоа што е создадено на таканаречен „мал јазик“?
Одговорот практично го дава самата работа на „Еуродрам“. Кога книжевноста нема превод, нејзината потенцијална публика останува ограничена со границите на јазикот. Преводот не ја зголемува уметничката вредност на едно дело, но му овозможува таа вредност воопшто да биде видена, прочитана и проверена во друга културна средина.
Во Panoptikum ова прашање веќе го отвораме преку приказните за луѓето кои ја носат македонската книжевност надвор од нејзиниот прв јазичен круг. Таков е примерот со Соња Должан и нејзината повеќедецениска работа со македонски писатели во Словенија, како и со преведувачките потфати што покажуваат дека книжевната комуникација не завршува со авторот и оригиналниот текст.
Токму затоа и зборовите на Јанковски дека „ниту една литература не може да живее без превод“ овде не звучат како пригодна фестивалска формула. За книжевност создадена на македонски јазик тоа е многу конкретно прашање на присуство: дали некој режисер во друг град ќе ја прочита драмата, дали издавач ќе ја забележи, дали ќе се појави преведувач и дали текстот еден ден ќе проговори пред публика што не го разбира јазикот на кој бил напишан.
Од преводот до гласот на актерот
Практичната страна на таа идеја се виде и на сценските читања. На 29 октомври актерите Тони Денковски, Елена Кузманов, Јаков Спасов и Кристина Христова Николова читаа извадоци од „Џинови и џуџиња“ на Владимир Јанковски, со англиски превод на Иван Додовски, и од „Anorexia Feelgood-Songs“ на Фајер Кох, во македонски превод на Ана Ристоска Трпеноска и со англиски титлови на Катја Андруш.
Разговорот што следуваше по читањето го отвори и помалку видливиот дел од драмскиот превод – барањето точен глас, ритам и карактер во новиот јазик. За драмата тоа е особено чувствително, бидејќи текстот не е создаден само за читање. Тој мора да може да се изговори, да се слушне и да функционира во телото и гласот на актерот.
Генералната асемблеја истовремено вклучува промоции, преведувачки работилници, театарски претстави и средби меѓу автори, издавачи и професионалци од различни земји. Официјалната програма на „Еуродрам“ продолжува до 1 ноември.
Вредноста на скопската средба, затоа, нема да се измери само со бројот на панели, гости или одиграни претстави. Поважното прашање доаѓа подоцна: колку од текстовите што овде биле прочитани, преведени и препорачани ќе стигнат до нова книга, нов режисер и нова сцена. За македонската драма токму таму почнува вистинскиот пат преку границите.















