7. И Буле за љубовта како тинејџер
кој отскокнува од другите
„Е да, нормално е јас како ваш главатар поточно лидер на идната наша партија да отскокнувам и кога ја ставаме љубовта во прашање. Сега ја ставивме, па е ред нели да ви кажам за неа нешто што гарант ни сте го чуле, ни сте го почувствувале, ни сте го доживеале, ни сте го преживеале. Најмалку, пак, сте го мислеле.
Е да, и јас мислам дека нема што многу да се мисли за љубовта. Ниту, пак, има штода се чуе нечуено и од мене. За чувствувањето, пак, можам да скршам некој збор, пред сѐ како почетно бидејќи ко да почнувам да ја чувствувам како таква. Доживувањето и преживувањето да ги оставиме за другпат или да ви пренесам што досега ми пренеле моето татиче и моето мамиче во рамките на домашното сексуално образование и воспитание.
Дури и како ептен перспективен поет почетник милам дека нема што многу да се мисли за љубовта. Освен да се потенцира дека секогаш била, е и ќе биде вечна.
Од порано, откога читав чат-пат лектира, пред ретко да сме без мобиљкиве за дружба преку нив, за ти реков-ми рече и за играње и спортски дух, ми останало во ум дека љубовта е спој или судир на две сродни души. Многу често со лесни, потешки, дури и ептен тешки последици. Без многу мислење, дилеми и повеќе леми во таа смисла. Тоа е толку просто што просто не може да биде попросто. Ич не треба да се арчат зборови заш` во основата не е ништо за зборење. Сум читнал при читање поезија дека притоа почнувале да летаат пеперуги во стомакот, ама јас сум убеден дека тоа нема врска. Од кај на кај пеперуги долетуваат во стомак кога се раѓа и почнува да расте љубов? Јас сум убеден дека, кога се пее во поезија за пеперуги во стомакот, се мисли на некакво треперење или чешање кое личи на летање на пеперуги. Така што јас како ваш главатар односно лидер на нашата идна партија ви велам дека не треба ни да ги спомнуваме пеперугите во врска со љу бовта. И да не ви падне на ум да ми речете дека никогаш не сум ви го рекол ова како памет.
Јас мислам дека кога е љубовта во прашање најмногу треба да се посветиме на нејзиното доживување и преживување. Веќе ви реков дека можам да ви пренесам што досега ми пренеле моето татиче и моето мамиче во рамките на домашното сексуално образование и воспитание. А сами знаете дека на школо на часовите по сексуално образование најмногу нѐ учат за сексот, и тоа за она што ни е веќе познато детално.
Не знам за вашите татичиња и мамичиња, не сте дошле на ред да кажете што имате за кажување од нив, ама моето татиче и моето мамиче од некои нешта едно нешто ми повторуваат: дека љубовта без секс не ја бидува, ниту сексот го бидува без љубов. Јасно е што сакаат да кажат, нели? Наводно постои некаква платонска љубов, но јас досега не знам за таква. Знам и знаете кој бил Платон, ама не знам и сигурен сум дека не знаете дали тој има некаква врска со неа. Поготово ако го поврзам него со Сократ и Аристотел. Наводно, платонската љубов била ко занесување во спротивен пол не само без секс, туку и без допир на тела или на нивни делови.
Е да, да не заборавам. Ја прашав мојата приколка односно првиот мис Стојна вејката на ветрот чула ли, знае ли што е тоа платонска љубов. Таа ми одговори дека е иста како кога ќе почнат да ти летаат пеперуги во стомакот. Ме праша дали ми летаат кога ќе ми е во непосредна близина, а јас ѝ реков да не ме жешка кога сака коњ, да јадам трева и да каскам. Зашто сум мозок.