40. И замислен, па и загрижен
Богами, тешко на народ и држава со ваква марионетска власт. Кај ли ја најдоа, како ли им успеа баш ваква да стокмат?! Што ќе правиме? Усвет да фаќаме? Ами бизнисот, роднините, пријателите? Ами наследеното од умрени ближни и стекнатото со личен труд и заедничка мака?
Не, ич не оди на арно работава. Тамам се прилагодивме вака-онака на незавиднава ситуација за сите, колку-толку ни стана завидна, а сега пак сè Јово наново! Ај ние некако, ама како со оние со кои можевме и веќе не можеме? Нема што, за голема секирација е работава. За замислување, па и загрижување.
Ова не е од устата на војводата Буле, туку од татичето му Делјан по сељачки, а Деко ко што си го вика тој, и мамичето му Костадинка по сељачки, а Дина ко што си ја вика тој. Сосе неговото презиме Езеркоски и нејзиното Езеркоска Каменоска. Како и сосе нивното селско потекло, никако не сељачишко. Нормално, причинско и последователно тоа што го слушна од нивните усти и го замисли, па и го загрижи Булета. Особено кога обајцата си потенцираа дека работава е за голема секирација. Зарем дошле во прашање и под прашање Деко како најглавен од главните во мрежата молови и Дина како лична секретарка на газда на сервис за поправка на виљушкари, багери, ровокопачи, камиони и други такви машини?!
На Буле некако само по себе му се наметна дека со богами тешко на народот и државата со ваква марионетска власт веќе не вреди советот на Деко: тој само да учи, да учи толку што глава да му бучи, а не е ништо ако ништо не научи со оглед дека сè што учи и на што го учат нема ама баш ништо да му треба за бизнис и политика. И на смирувачкото на Дина: оценките да не си ги става на душа и на срце оти се на нивни срца и души? Добро, нејзе ѝ олесни кога разбра дека веќе не го влече поезијата, за неа не му се изрази најмногу талентот, па ја батали, поготово што тој се согласи дека таа нема блиски врски и односи со бизнисот и политиката. Ама до оваа мера да се дотурка работава…
Буле е замислен, па и загрижен. И тоа од ден на ден и од ноќ до ноќ сè повеќе. Истовремено, во него како да се буди незадоволство, лутина, нешто како запален фитил за револуционерна, буревесничка борба. Ко татичето му и мамичето му ептен да му го погодиле крстеното име Буревесник! Само уште да смисли како да се изрази и како да дејствува. Се разбира не сам, туку со неговите комитки и комити. А што би му прилегало на неговото тинејџерство односно адолесцентство односно пубертетлиство.
Засега не може да смисли и осмисли друго по она што тие решително му го одбија. Им предложи:
-Татиче мое и мамиче мое, бидејќи слушнав од ваши усти дека работава со марионетскава власт е за голема секирација, јас решив да почнам револуционерна односно буревесничка борба. Решив пред крајов на чколијава да учам толку што глава да ми бучи, а ни вие ни јас ич да не му ја мислиме дека сè што ќе научам нема ама баш ништо да ми треба за бизнис и политика. И дорешив, мамиче мое, баш на крајов оценките да си ги ставам на моја душа и мое срце, вие веќе ич да не ги ставате на вашите. Па откако ќе ја завршам основнава чколија, вие ќе ме запишете во приватно средно што ќе го завршам со светлосна брзина и после ќе му ја дувнам во странството. Кога таму добро ќе се опарам, како бизнисмен без политика, и вас ќе ве соберам. Знам и во што најмногу ќе ми се изрази талентот. Оставам вие да ми изберете помеѓу ѕидар и готвач!
Деко и Дина зинаа од чудо колку нивниот Буле имал револуционерен, буревеснички дух. Ама не му прифатија. Му објасни Деко:
-Види, Буле наш. Идејата не ти е лоша, и ние помисливме дека тоа би било најдобро за твојата иднина и кариера. Добро ти е и тоа со учењето и со средното. Сепак. Знаеш, бидејќи оваа марионетска власт нема брзо и лесно да падне, не е за џабе марионетска, а работава е стварно за голема секирација, остави на нас да се прилагодиме некако. Сепак, нема да ни личи наш син да стане ѕидар или готвач. Да не заборави дека инвестиравме многу и допрва ќе инвестираме во твоето компјутерство во корелација со играњето, сурфањето на Интернет и онлајнството?
Буле прифати молчешкум, но продолжи да биде и замислен, па и загрижен.