ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 3 минути

5. Куле на Буле му е како брат близнак

Куле на Буле му е како брат близнак, а исто е обратно. Си личат како јајце на јајце, а ептен им се блиски и карактерите. Згора на тоа и уште на друго, Куле на Буле му е главен фактор во школската, индијанската и партиската кариера. Исто е обратно. Ма како да се правени од исти татенца и родени од исти маменца.

Буле и Куле паметат, како да им се врти филм пред очи дека уште од раѓање почнале да бидат заедно. Просто не можат да дишат еден без друг! Како шлакнати се ако не бидат во ден или ноќ пет минути, час, два, три, пет-шест часа; или цел ден, голем дел од ноќта, па дури и цела ноќ. Филмот им се развил и го паметат според кажувањата на маменцата, а почетните и крајните кадри според зафрканциите меѓу нивните татенца.

Го кадросаа раѓањето во ист ден, во ист час, во разлика од само полчас; прво Буле, па Куле. Буле решил да излезе од стомакот на маменцето му, па почнал да прета со нозете и рацете. Просто му боктисало да плива во тесно. Одлучил да излезе надвор, на бела виделина. И излегол во рани зори, пред изгрејсонце. Куле го чул претањето на Буле, а до неговите уши дошло и викањето на маменцето му поради породилните болки. Не треба ни да се спомне дека маменцата им биле во иста соба во болница, кревет до кревет, а сите во породолиното биле подготвени за нивно пораѓање во исто време. Му подвикнал на Буле дека иде по него како што се договорени, да излезат заедно на виделина, па и тој како него почнал да прета, да предизвикува породилни болки на маменцето му за да почне да вика. Речиси истовремено, како што беа договорени, им ги пукнале водењаците. Куле излегол полчас по Буле зашто уште како ембриони во зачеток некако природно, само по себе се наметнало лидерството на Буле.

Во вториот и следните неколку кадри на филмот Буле и Куле ги расчистуваат прашањата и дилемите во врска со бебињата и штрковите. Да, така е, според зафрканциите меѓу нивните татенца.

Буле му вика на Куле:

-Тоа со штркот, дека носи бебе и им го фрла на мамиња и татиња за најголема радост во животот, тоа е приказна за големи деца во епизодни и бебиња во главни улоги. Што сакал поетот да каже?

Куле му дава корекција:

-Поетот не кажува приказни, Буле. Тој прави стихотворение или рецитира свои стихови, строфи и песни.

Буле е максимално концентриран и корекцијата не го деконцентрира:

-Што ме мислиш ти мене, брату близнаку мој? Дека не знам, па грешам? А си чул ли ти за поезија во проза?…Јас сум апсолутно убеден дека поетот сакал да каже дека кога меѓу женско и машко што се сакаат голема е веројатноста да долета штрк и да им донесе бебе. Мислам симболички, метафорички и епитетно. Пази сега што ќе ти нагласам! Во таа приказна за штркот и бебето многу е важен клунот на штркот. Ти текнува? Штркот го носи бебето обесено на неговиот долг клун, лета така и во прав момент им го фрла, без да го прекине летањето. Ептен симболички, метафорички и епитетно.

Куле му се воодушевува:

-Браво бе, Буле, брату близнаку мој, само што се роди докажуваш дека имаш смисла за поезија. Ќе биде поет од тебе.

Буле рамнодушен:

-Не бе, нема да си дозволам да биде поет од мене. Како да не! Може евентуално текстописец на народни и забавни песни. Поезијата нема цена, а текстовите баш имаат….Туку, што им е на нашиве татиња? Стојат крај креветите на нашиве маменца ко здрвени Марии и жива вода се. Ко тие да се пораѓаа, како тие да нѐ родија. Толку викаа и бодреа „Ајде, стисни заби женичке моја драга, напни се, уште малку па ќе излезе“, што за малку ќе се онесвестеа. А кога им излеговме пред очи, на виделина, од радување скокаа, рипаа, оро играа и песни пееја, та ептен заборавија на штркот. Па уште кога нѐ видоа ко браќа близнаци, просто се одушевија и не може да си одговорат кој кого од нас го направил.

Куле му се уфрлува во зборот:

-Ај не претерувај. Нашите маменца и татиња се сакаат многу, љубовта меѓу нив само цути и никогаш не венее, ама никогаш не им била до толку интимна.

Буле продолжува незбунет:

-Сакав да речам дека тие од радување, скокање, рипање, оро играње и песни пеење не ни помислија на штркот, а камо ли да им падне на памет дека беа два што долетаа еден по друг и нѐ фрлија нас меѓу нив.

Куле констатира:

-Е, стварно си мозок Буле, брату близнаку мој.

Буле пак, по којзнае којпат му докажа на Куле дека е мозок. Без оглед што не можеше да си одговори каква врска има неговиот мозок со штркот, со двата штрка и нивното излегување од мамкините утроби во рани зори, пред изгрејсонце, на бела виделина.

Leave the first comment