ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 2 минути

21. Млатење празна слама

На Буле и Куле им иде сè почесто да млатат празна слама. Засега два-трипати неделно, со тенденција секој ден, а сигурно скоро ќе им дојде и ноќум. На обајцата не им е јасно како тоа сè повеќе им се наметнува, па дури им станува и главна преокупација во часови на релаксација, кога на лицето на местото односно на село се уверија дека млатењето полна слама е ептен тешко и мачно, а камо ли празна. Како и да е, како е така е, млатењето празна слама им иде загрижувачки сè почесто.

Еве баш сега, по папсување од играње крива магарица со сите смокови и смоковици:

Буле:

-Куле, вака веќе не оди.

Куле:

-Не оди, Буле, ама мораме да го заодиме.

Буле:

-И јас мислам дека мораме. Што се мора не е тешко.

Куле:

-Тешко-лесно, кога мораме мораме. После ќе биде лесно.

Буле:

-Најтешко е да се почне.

Куле:

-Така е. Најтешко е, а после е сè полесно до најлесно.

Буле:

-Поготово е тешко да се почне одново.

Куле:

-Ма тоа е најтешко. А што одново да се почне, Буле?

Буле:

-Оценките, Куле мој, што друго? Уште два месеца и ќе ни дојде полугодие. Нема смисла нашите татичиња и мамичиња пак, по којзнае кој пат да ги ставиме во небрано, па да не стегаат, да мораат на главите да ни се качат во второто.

Мислам дека не треба да потенцирам во кое годишно време е ова млатење празна слама. Пресметајте два месеца пред недела-две по Нова година.

Куле:

-Стварно нема смисла. А што да почнеме одново со оценките како најтешко?

Буле:

-Да ги организираме смоковците и смоковиците, да ги ангажираме да запнат со учење за нас и да ни ги поправат под итно. Не ни се многу расипани, ама ќе им треба многу напор со потење.

Куле:

-Аха, разбрав. Само не разбирам како можат тие да запнат со учење за нас.

Буле:

-Засега и јас не разбирам како. Затоа реков дека е ново и затоа ќе биде најтешко како што е такво сè одново.

Куле:

-Јас мислам дека не вреди да запнува секој посебно за нас, туку тоа, мислам запнувањето мора да биде групно односно заедничко односно колективно. Сакам да речам максимално упростено. После тоа да ни го пренесат пишано, па ние да научиме што мораме, а да препишуваме на часови кога ќе ни се укажува прилика.

Буле:

-И јас мислам така некако. Ама прво мораме да го редуцираме играњево крива магарица, мижитатарка, каубојци и индијанци, мафија на власт и сè друго што ни паѓа на памет кога го пуштаме паметот на пасење.

Куле:

-Тоа ти е баш паметно, Буле. И јас мислам дека мораме прво тоа…Да, да, тоа со оценките ќе биде ептен тешко како почнување одново…А што велиш да не биде? Да ни биде како продолжување, само зајакнато, засилено, со наша тотална концентрација?

Буле:

-Не сум баш сигурен дека можеме, ама ај да пробаме. Да си тураме знаење без имање секој ден колку што се може, да бидеме ептен проактивни, како што се вели, макар тоа да излезе онака кампањски, па што ќе поправиме ќе поправиме. А во второ полугодие ќе им го оставиме традиционалниот ангажман на нашите татчиња и мамичиња кај наставничкиот кадар.

Ја измлатија празнава слама и секој си отиде во својата дома.

Leave the first comment