3. Поет
Јас поет седнав
во ореова ладовина
за да напишам песна.
Не пишувам песна,
јас не пишувам песни,
ами збирам зборови
кажани и недокажани
во игра со смисла
која допрва треба
сама најпрвин мене
да ми се докаже;
или да биде што
неретко е:
капка крв излеана
од мој дамар
на сончевина.
Се разбира,
не ми е првпат
јас поет да седнам
во ореова ладовина;
се разбира,
не секогаш за песна
да напишам.
Особено затоа што
јас не пипшувам песни,
ами ослободувам знаци
како гласови
од зборовна немост
што макар мигум
ќе ја вкоренат
мојата постојаност.