БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 2 минути

3. Изрека на Буле во луцида интервала

Истураше дожд, грмеше и секавици секаа меѓу црни облаци, па индијанското племе на Буле (и тој и дружината во вакви околности најпрвин влегуваа во филм со Индијанци без каубојци) мораше да се собере зад колибата на чичко Спиро дрвосечачот. Тој беше без двата последни прста на десната рака што при сечење на дрвја во Дабовата шума му ги отфикарила моторна пила со која никогаш не стана толку добар сечач како со секира. Буле го збираше племето само кога ќе смислеше нешто во интерес на што е и како може да биде.

Индијанското племе Смокови (никој не знаеше кој го крсти така, а никој во живот не беше видел смок) на главатарот Зелен гуштер што свири на шупелка (така си се нарече Буле за некој да не го нарече несоодветно или неблагопријатно) се состои од две Индијанки, смоковици-Лидија кракатата и Митра штиклата, како и од петмина Индијанци, смокови-Куле дренот, Јонче стаорецот, Зоре сомот, Иле мачорот, Томче кубурата и Стојмен каменот. Да не се збуни некој, често објаснува Буле дека секој во неговото индијанско племе, како во Американа, мора да се вика по име, а по презиме може да се вика како сака. Се согласува дека изборот за викање по презиме е чуден зашто на едни им значи што им значи, а на други не им значи ништо.

Испоседнаа во круг скрснозе, ко сите племиња кога има нешто важно за мислење и решавање, ќе запалеа оган и лулиња на мирот (што си ги направија од трски ко за пушење), но не им даде чичко Спиро оти можеа да му ја запалат колибата.

Стана Буле, направи мудра фаца и ја крена раката дека зема збор, па треба да го слушаат што ќе кажува. Сите направија концентрација во молчење и ги втренчија погледите во него.

-Драги мои соплеменици, браќа и сестри, мои сопатеници во ова наше бизнисменско-политикантско-политичко живуркање. Токму сега, во ова дожделиво и облачно-секавично невреме сакам да ви соопштам што решив по долго мислење: ќе формираме политичка партија која ќе се бори за власт на нашите мамиња и татиња. Тие се одамна власт за наше добро, за нашето правилно одгледување и изведување на правилен пат кон иднината, ама немаат кураж. Дури собрале толкав уплав што не ни помислуваат. Затоа јас одлучив оти ме знаете колку сум ви одлучен.

„Така е, Зелен гуштеру што свири на шупелка!“, извика некој и сите по него извикаа „Така е!“.

Продолжи Буле:

-Јас знам дека никој од вас не знае освен јас што значи луцида интеврала. Тоа ви е ко секавица во паметта, кога ќе ви светне нешто во неа. Значи и миг на свест кај умоболен, ама тоа сега нема врска. Вие знаете дека во последно време многу често во луцида интеврала ми светнува во паметта, па тогаш кажувам нешто што вие треба да го паметите како доказ дека сум ви многу паметен и од ден на ден сѐ попаметен. Односно дека сум мозок.

Пред малку како секавица во паметта, значи во луцида интервала ми дојде изрекава:

Учи глава да бучи и учи се на врти-сучи.

Сега решив тоа да биде мото на партијата! Се согласувате, мои соплеменици, браќа, сестри и сопатеници?

Се согласија и скрснозе почнаа да ги пушат лулињата на мирот од трски.

Leave the first comment