Болест на модерното време: метеопатија

Потребно време за читање: 6 минути

Одамна е утврдено дека постои врска помеѓу здравствената состојба и атмосферските прилики, особено кога тие се менуваат нагло. Многумина се чувствителни на влијанието на климата и мошне тешко ги поднесуваат временските промени. Тоа може да биде поврзано со конституцијата или со стресот кој го слабее организмот.

Метеопатијата во последно време во светот се развива како посебна медицинска наука.

Според некои истражувања, околу 80% од светската популација има тегоби при промена на времето. Центарот на Светската здравствена организација во Милано ги опишал просечните метеопати како лица повеќе од женски пол (две третини на метеопати се жени), кои имаат зголемен крвен притисок, се грижат за своето здравје, тешко ги контролираат чувствата и не ја сакаат зимата. Пречувствителност на временските прилики покажува секоја петта од 20 години, секоја трета од 40 и секоја втора по 60 години.

Пасивните метеопати врз основа на тегобите што ги чувствуваат можат непогрешливо да предвидат какво време ќе биде во наредните денови. Во активни спаѓаат практично сите луѓе на планетава. Речиси не постои лице на кое не му пречи студено, ветровито, дождливо или сончево време, а се е поголем бројот и на оние кои сериозно ги сфаќаат прогнозираните биометеоролошки параметри.

Лекарите сметаат дека временските прилики секако имаат влијание врз организмот и психичката состојба на луѓето. Статистичи, на луѓето најмногу им пречи преминот од студено во топло време, зашто повеќето се физички неподготвени така што процесот на адаптација тече побавно. За разлика од хроничните болни, кои чувствуваат вообичаени здравствени проблеми, здравите лица често не се во состојба да кажат зошто имаат тегоби.

Преминот од едно во друго годишно доба, промените на притисокот на воздухот и временските прилики во целина, а особено во првите есенски денови и на пролет, ги прави луѓето нерасположени. Кај многумина се јавуваат чести главоболки, а кај одделни лица може да дојде и до значително варирање на крвниот притисок. Забележано е дека лицата кога ќе влезат во чевртата деценија од животот почнуваат полека да чувствуваат реакции при промена на времето.

Познато е дека во минатото голем број на познати уметници имале нестабилни психички биоритми поради наглите промени на временските прилики. Лекарите велат дека одморот и релаксацијата се најефикасни против метеопатијата. Употребата на лекови може да предизвика несакани ефекти и проблеми, како зависности кои подоцна треба дополнително да се лечат. Метеопатските состојби обично траат онолку колку што трае неповолниот временски период. Со подобрувањето на временските прилики и симптомите на метеоропатија се намалуваат.

Објаснение на Проф. Др. Емилио Минели, од Универзитетскиот центар за природна медицина при СТО во Милано, инаку стручњак за климатските влијанија врз здравјето, зошто настануваат симптоми на метеопатија:

Многу лица се чувствителни на дејствување на климата и мошне тешко ги поднесуваат временските промени. Причина за така зголемената реактивност може да биде телесната граѓа или стресот кој го прави организмот чувствителен на сите влијанија. Кога дува ветер сме нервозни, понекогаш чувствуваме дека срцето ни чука лудо, наелектризирани сме и реагираме на секоја ситница. За сите овие симптоми заслужна е електростатичката енергија, која настанува кога дува ветер, односно кога ќе дојде до мешање на воздушните маси. Тоа е онаа иста струја што ја чувствувате кога ќе протресете синтетичко ќебе и завеси, или кога ќе ја соблечете блузата или кошулата од вештачки материјал“.

Кои с најчестите симптоми на метеопатија?

Психичките симптоми се умор, нагла промена на расположението, недостиг на концентрација, безволност, раздразливост и несоница. Физички се главоболка, мигрена, мачнина, вртоглавица, ревматски тегоби и болки во мускулите. Кардиоваскуларни болести: влошување на состојбата со забрзување на работата на срцето и зголемување на крвниот притисок. Дигестивен тракт: изразен гастритис и болки во стомакот во случај на чир на желудникот и дванаестопалачното црево. Наглата промена на времето предизвикува поголема зачестеност на срцевите и мозочните удари, воспаление на белите дробови и астматични напади кај постарите лица и хронични кардиоваскуларни болни.

Во случај на главоболка, мигрена, нерасположение, вознемиреност и раздразливост е неопходно да се избегнуваат стресни ситуации и поголем напор. Промената на времето неповолно влијае врз нервниот систем, па одреден дел од денот треба да се издвојува за опуштање. Се советува одмор во тивка, замрачена просторија, туширање наизменично со топла и студена вода, а се препорачува и испивање на чај од матичник.

Стресот ги зголемува апатијата и исцрпеноста, поради што треба колку може повеќе да се одморате и да избегнувате психички и физички напор. Неопходно е да земате што повеќе овошје и зеленчук за организмот да се исчисти од токсини и да се снабди со корисни материи.

Кај лицата кои патат од низок притисок, поради промена на времето може да дојде до уште поизразена хипотензија. Се препорачува конзумирање на поголемо количество на течност, вода, но не студена, како и млаки неразладени чаеви и разблажени природни сокови. Исхраната би требало да ја збогатите со житарици и риба, а по ручек се советува чаша црно вино.

Без оглед на тоа дали веќе постои проблем со хипертензија или е тоа само моментна тегоба, во случај на промена на времето е важно да обрнете внимание на сите навики. Неопходно е да ги исфрлите продуктите богати со маснотии, да избегнувате цигари и кофеин.

Најдобар лек за слаба концентрација и чувство на губење на сила е- храната. Треба да избегнувате тешки продукти и да јадете што повеќе житарици, зеленчук, овошје и млечни производи со низок процент на масти, а од голема помош е и умерена физичка активност. Во случај на пореметување на сонот, пред одење на спиење не би требало да земате изобилни оброци, а се советува навечер да се испие шолја чај од камилица или валеријана.

На временските осцилации, во поголема или помала мера, реагираат сите, но најтешко ги поднесуваат хроничните болни. И покрај редовното спроведување на пропишана терапија, симптомите на основната болест се зголемуваат, а метеопатските тегоби се поизразени и кај жените во менопауза. Доколку организмот на здравиот човек реагира бурно на промена на времето, се препорачува детален лекарски преглед за да се утврди дали се работи за зачеток на некое заболување.

Конкретно:

Кога метеоролозите најавуваат ветер или приближување на големи воздушни маси, можат да помогнат природните препарати на жен-шен или различни чаеви за релаксација на мускулите и нервите. Оваа терапија особено се препорачува на преминот од есен во зима. Напнатоста можете да ја ублажите и со чаеви од камилица, липа и глог. Дејствувањето на чаевите е ефикасно по една недела секојдневно користење. Се препорачува и стречинг, вежби на истегнување кои дејствуваат врз еластичноста на мускулите и нервите, а со тоа и на поголема толеранција на временските осцилации.

Кај промени на времето од помош се препарати кои ја подобруваат периферната циркулација. Во зимскиот период е важно да не се престојува во претерано топла просторија и да не се претоплувате. Собната температура е повисока од 20 степени Целзиусови ја прави слузницата поподложна на инфекција. Освен тоа, телото неповолно реагира на големи температурни разлики.

На мошне магловито и влажно време хроничните болни треба да избегнуваат излегување од дома. На овие временски прилики особено се чувствителни лицата кои боледуваат од костобол. Им се препорачуваат чаеви кои ја поттикнуваат циркулацијата на крвта, како што се жен-шен и анѓелика.

Кога дува ветер вие сте нервозни и срцето ви чука како луд? На ветровито време сте „наелектризирани“, нервозни и пречувствителни:

Сувиот ветер има за последица натрупување на електростатичка енергија (онаа поради која доживувате „струен удар“ кога се ракувате со некого) и дејствува стимулативно врз некои рецептори во кожата. Затоа нервите, но и мускулите се напнати.

Сличен механизам имаат и изклучително силните ветрови. Меѓутоа, во тој случај тегобите ги предизвикуваат наглите осцилации на атмосферскиот притисок, кои влијаат врз некои хемиски рецептори во организмот и можат негативно да се одразат на расположението. Оттаму необјаснивите болки во мускулите, главоболка и несоница. И не само тоа: кај лица кои патат од грчеви во стомакот, цревата можат да станат уште почувствителни во деновите кога дува ветер.

Студените денови за вас се синоним за настинка, кивавица, кашлање и болки во грлото:

Студениот воздух ги стимулира рецепторите на кожата, предизвикувајќи промени кои се одразуваат на целиот организам. Тој им отвора пат на вирусите и бактериите бидејќи ги блокира влакненцата во носот кои ги штитат респираторните органи. Освен тоа, слабее имунолошкиот систем.

Крвта е задолжена за транспортот на антителата до деловите кои треба да се бранат, но на студено време централните органи земаат повеќе крв од обично и затоа периферните делови, на пример носот и врвовите на прстите, се секогаш студени, но на вирусите и бактериите им е олеснет животот. Исто така, студот го става на тешка проба кардиоваскуларниот систем, бидејќи додатно го заморува срцето кое мора да го компензира падот на температурата така што побрзо ќе ја пумпа крвта. Надбубрежните жлезди го зголемуваат производството на адреналин и кортизол за на организмот да му се обезбеди повеќе енергија. Ако патите од зголемен крвен притисок, држете го под контрола, бидејќи ниските температури можат да предизвикаат скок на притисокот.

Кога има магла сте меланхолични и ве боли сѐ? Секогаш сте нажалени кога ќе падне?

Причина е недостаток на светлина, што има за последица намалено лачење на серотонин, хормон задолжен за опуштање. Освен тоа, кога е лошо времето чувствувате болки во целото тело.

Високата влажност ги поттикнува инфламаторните процеси во нервите и зглобовите и го спушта прагот на болката. Она што лете би го почувствувале како непријатно тиштење, зиме се претвора во остра болка.

Во капка вода од магла се наоѓаат микроби кои така полесно доспеваат во органите за дишење и затоа се почести воспалувачки процеси. Затоа по такво време постои поголем ризик од воспаление на синуси, уво, ждрело…Високата влага на преминот од едно годишно доба во друго може да предизвика и проблеми со варењето (колитис). Тогаш се буди хелиобактерот, бактерија која предизвикува чир.

(Користени повеќе прилози објавени на Интернет)

 

Leave the first comment