БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 3 минути

86. Библиофилските изданија

Чудно, за библиофилијата кај нас не само што не може да се слушне или прочита макар збор-два, туку и библиофилските изданија воопшто ги нема! Пред неколку децении еден реномиран издавач објави „поетски мапи“ со поезија на неколкумина современи македонски поети кои беа „збогатени“ со ликовни дела на современи македонски уметници. Потоа…ништо.

Нека ми биде простено ако некое објавено во меѓувреме не сум го забележал/ регистрирал, но констатацијата е несомнено точна: на македонското издаваштво не му е позната библиофилијата, ниту има предизвик неа да ја поттикне и афирмира.

Некој ќе рече дека не сум „реален“, се „занесувам“; кај нас книгата вооопшто не се чита, камо ли да се купува, а мене ми „паднала“ на ум библиофилијата. Ма, воопшто не ми „паднала“, луѓе мои, туку одвреме- навреме, како сега, сама ми се наметнува кога се навраќам на една „лична издавачка авантура“ со мое дело во за мене веќе далечната 1998. година.

Треба ли да потсетувам некого? Зошто да не оној што подзаборавил, а можеби случајно не знае:

Библиофилијата не е повремено или редовно купување книги, поседување на обемна лична библиотека, книжно колекционерство, туку над сѐ љубов спрема книгата како предмет на собирање. „Основоположник“ на библиофилијата е Ричард де Бари, бискуп во Дурхам во Англија, кој живеел во 14. век, а ја објавил книгата Philobiblon во која се обидел да ги утврди естетските и етичките вредности на собирањето и поседувањето книги.

Библиофилското издание, пак, е вонсериско или нестандардно; отпечатено на посебна хартија, задолжително во тврд повез (картонски, кожен, дрвен…); со посебно писмо (често краснопис); богато опремено со цртежи, фотографии, слики, графики и сл. А најважно: печатено во ограничен тираж и со нумерирани примероци. Што само по себе „повлекува“ висока цена-единствена или различна за секој примерок (во зависност од „редниот број“, слично како кај графиките).

Една моја случка на Саем на книгата што сум ја забележал како краток расказ-ескиз, а местото ѝ е баш овде:

Еден постар господин застанува пред штандот на кој, меѓу други, се наоѓаат и некои мои печатени дела. Ја зема в раце „Генерика“, ја разгледува нејзината „надворешност“, потоа ја отвора, ја прелистува и како да се сепнува:

„Ова е книга поезија?! А јас мислев роман…Вакво издание…Не, не сум видел слично, толку ексклузивно. Па ова е како Библија, богами!“

Ми се обраќа:

„Извинете, а што значи бројов 26 на корицава?“

Му одговарам премолчувајќи дека автор на книгата сум јас:

„Тоа е библиофилско издание, Господине. Печатено е во 1998. година во само 99 примероци. Доколку го купите тој примерок, ќе го имате за сите времиња само Вие…Се двоумите?…Да не Ви е скапо?“

Одговара:

„Интересно…интересно…Скапо?! Што ви е вам? Библиофилско издание…“.

Ја остава „Генерика“ на „своето“ место. Со поднаведена глава, како да му е непријатно, се свртува и си ја продолжува прошетката низ саемската хала.

Знаеше ли или не што е тоа библиофилско издание? Можеби го збуни моето „објаснение“?

Да, моето големо дело (574 страници со песни „собрани“ во одделни и поврзани поетски студии) е ретко, ако не и единствено во македонското издаваштво. Печатено на „специфична“ кафеава хартија (што се користи за вреќи за цемент!), во тврд повез, тврда црвена корица (да, како „вообичаените“ изданија на Библијата).

И нешто што го знаат само најблиските: сите 99 примероци (нумерирани од 01 до 99) издавачот според договорот ми ги „препушти“ на лично располагање-како „компензација“ за авторскиот надомест. Освен 30-тина подарени и неколку продадени примероци по симболична-„нелогично“ ниска цена), сите други се сѐ уште кај мене и просто не знам што да им правам. Ми иде да ги подарам, на пример на библиотеки, или едноставно да ги оставам на клупа на прометна улица, па кој сака нека си земе примерок, онака, на минување. Но бидејќи станува збор за поезија…

Што се однесува на библиофилските изданија:

На некои факултети на применета уметност во светот постои посебен предмет-Графика на книгата, со „акцент“ на создавање библиофилска библиотека од страна на студентите. Станува збор за креативна примена на стекнатото знаење од графиката, илустрацијата, типографијата и фотографијата. Тоа се рачно или дигитално печатени книги во ограничен тираж, најчесто од 5 до 20 примероци. Тргнувајќи од сознанието дека книгата е единствената печатена ствар направена да трае, ексклузивноста на ваквите изданија ѝ даваат посебна вредност и квалитет.

Во последно време во светот, особено на Интернет се одомаќи изразот Artists’books (книги на уметници), но тој подразбира не само печатени, туку и уникатни книги.

На крајот да повторам свој дециден став:

Не е загрозена иднината на книгата во печатен формат, но само како библиофилско издание.

Leave the first comment