БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

108. Непремолчено

И по бројни искази во ова дело, всушност искрени исповеди, ќе останат многу неискажани, недокажани, сокриени, таени нешта? Секако! Како што е при (раз)откривање на многу, да не речам на сите животи на знајни и незнајни во минатото и сегашноста. А тие нешта обично се „случени“ во непријатни, тажни, неретко трагични мигови.

Во мојот живот имало недоброј такви. Со еднаква, помала или поголема тежина и последица. Побројни од другите се тажните, а претежнуваат трагичните. Но не им давам ни да се навестат, камо ли да излезат на виделина, надвор од мене, да се ослободат од мојот внатрешен свет.

Што се однесува на „искористените“ односно вградените во мои книжевни дела, немам што да додадам на она што веќе го потенцирав: дека станува збор за човечки мотиви, чувства, мани, добрини, злости, доблести, слабости, заа проблеми и односи во заедништво, поточно сопатништво со блиски и далечни итн. Токму таквата „содржина“ ги „прераснува“ во драма, комедија, роман и сл.

Многупати сум се прашувал, а одвреме-навреме уште се прашувам дали се за премолчување непризнаените нешта во животот на една креативна, творечка личност, со самосвест за вредностите на создаденото и она што го создава. Не велам за сокривање или таење. Особено кога влијаеле врз континуитетот на создавањето и објавата, предизвикале сериозни дисконтинуитети (пред сѐ поради разочараност, повлекување, сомнежи). Контрадикторно е тоа-да се сокриваат или таат непризнаените нешта и да се има самосвест за вредностите? Може да е. Меѓутоа, од друга страна личноста може нив да ги премолчи, ама со време или по време секако ќе ги откријат други бидејќи се неизбришливи.

Не премолчувам:

Јас сум еден од малкутемина радио-новинари, не верувам дека би згрешил ако речам дека сум единствен, кој во својот работен век (40 години) создал и оставил огромни, најдлабоки неизбришливи траги во македонското радио-новинарство (во Македонското радио и на сопственото/приватното „Радио Гром“). Кого го интересира тоа нека истражува-брзо и лесно ќе му се докаже. Непризнаено и веќе подзаборавено? Непризнаено да, ама не верувам дека е подзаборавено. Без оглед на обидите за заташкување и бришење.

Јас сум еден од малкутемина книжевници и мислители од Македонија, не верувам дека би згрешил ако речам дека сум единствен, кој во изминатите 50 творечки години (од објавата на првите песни во едно неделно списание) создал и објавил на Интернет над 60 дела (!) и во книжен формат 8, а моментно едновремено, наспоредно создавам и објавувам 10-тина нови. Ова лесно може да се провери на мојот книжевен сајт https://ljupco.panoptikum.mk/, како и на социјалната мрежа Facebook (на „Профил-времеплов“ и фан страницата https://www.facebook.com/ljupchodimitrovski/.

Подвлекувам: без никакво книжевно или општествено признание, со статус на пензиониран новинар и со пензија колку за старосно преживување.

Баш интересно: 40 години непрекинато и интензивно, секојдневно радио-новинарство (неколку години и телевизиско) и 50 години книжевно творештво без никакво признание!

Понекогаш помислувам дека е добро што е така. Непобитно е и единствено!

Leave the first comment