БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

154. Меѓувремено

Во еден мој прилог со наслов „Ступидарии“ укажав на ступидноста на „проблемот“ на Република Грција со името на нашата земја-Република Македонија и со свои аргументи иронизирав некои од бројните предлози или „спомнувани“ во разговорите/ преговорите кои се водеа со „олеснувачки напори“ на меѓународниот „фактор“.

„Напорите“ завршија, беа „крунисани“ со Преспанскиот договор, а одлуката за губење на идентитетот на македонскиот народ (промената на името е еден од првите чекори кон таа цел) ја донесоа „главни политички главатари“ на власт.

На 08.08.2013. на мојот блог „Хрономер-Хроничар“ (нов назив „Поенти“) објавив прилог-промислување на оваа тема, со (не) мала доза на сатиричност. Го „вградувам“ во делово како важен за Јас обичен смртник, конкретно новинар-хроничар, а и зашто сметам дека е ова најприфатливо решение за обете „засегнати страни“.

Насловот е „потенциран“ со големи букви:

ПРЕДЛОГ ЗА ПРОМИСЛА И КОНСТРУКТИВНА РАСПРАВА
РЕШЕНИЕ ЗА ПРОБЛЕМОТ НА ГРЦИЈА ВО ВРСКА СО ИМЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА:
МАКЕДОНИЈА (КИТИМ)

Називот во заграда е всушност втор назив за државата (не алтернативен) и е библиското име на Македонија.

Убеден сум дека моево решение ќе биде поддржано како компромисно и од граѓаните на Македонија (од мнозинската и немнозинските заедници на референдум), како и од меѓународната заедница. Нема причина да не се прифати и од страна на Грција зашто се предлага за севкупна употреба (erga omnes), како што бара таа.

Образложение:

Проблемот што го има Грција не се однесува на уставното име на нашата земја-Република Македонија (кое го нагласува уставниот поредок на државата, а што е внатрешно прашање на секоја држава и никој нема право да се меша во тоа, да наметнува свое решение, да арбитрира и сл.), туку на нејзиното географско име-Македонија. Со понуденово решение во заграда (инкорпориран и нејзиниот втор назив во Библијата-спомнуван на повеќе од 20 места во неа), тој проблем конечно се надминува затоа што се прави разлика со сите постојни „други“ Македонии (не само грчката покраина Македонија, туку и, на пример, повеќе градови во Америка).

Од друга страна, приведувањето на библиското име не предизвикува никакви политички, територијални, етнички, идентитетски, историски и какви било други негирања или аспирации.

Потсетувам дека тој „кореспондира“ со веќе постојни слични имиња на држави во светот: Финска Финците си ја викаат Suomen tasavalta, Германија се нарекува и Deutschland, Швајцарија го има древниот назив Helvetia…

Се разбира, предлогов предвидува и промени во Уставот на Република Македонија, со нагласка дека Македонија (Китим) се простира помеѓу 40°51′ и 42°22′ северна географска широчина и 20°27′ и 23°5′ источна географска должина (најпрецизна и најрелевантна географска одредница), како и додавка на нов член во кој ќе се нагласи дека облик на државата и на власта во Македонија (Китим) е парламентарна република.

Leave the first comment