БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

16. Вреднување-критика/рецензија

Недоволно се рецензираат делата на писателите, нема доволно рецензии. Најмногу затоа состојбата со валоризацијата и ревалоризацијата е…таква каква што е: од една страна активна, динамична, дури интензивна објава на дела, а од друга тие ниту забележани, макар информативно, а камо ли оценети, критички опсервирани, вреднувани.

Точно? Не е точно!

Критики и рецензии секогаш имало и ќе има. Можеби сега не се доволно, но јас не знам кога биле. Доволно е да посочам само на една издавачка обврзувачка практика, особено кога се бара финансиска поддршка од Министерството за култура: една или повеќе рецензии (од еден или повеќемина критичари-рецензенти) како заложба/препорака за објава. (Нормално, со негативни рецензии издавачите не ни одат пред неговата „врата“.)

Проблемот е од малку поинаква „природа“: сме имале ли и имаме ли доволно добри, стручни, експертски критики односно рецензии? Или, пак, се многу повеќе на број „нарачаните“, „калкулантските“, „возвратните“? (Наводниците се зашто таквите се апсолутно нерелевантни.)

Што е добра, стручна, експертска критика односно рецензија?

Во теоријата на литературата тоа е одамна темелно елаборирано од многумина. Само ќе потсетам на основните „елементи“: специфики на делото, нивна аргументирана потврда во поширок контекст (вредности и невредности), конструктивност (би рекол коректност, почит, достоинство, одбрана на дигнитетот на авторот…), промисленост…

Не дека немало рецензии за моите дела (речиси сите), за моето творештво. Иако не многу на број, како за други македонски писатели, па да се „препорачувам“ со нив кај што „треба“ или со нивното „редење“ да си ја (з)богатам својата библиографија. И не дека не ми значеле, не ми значат. Ама…

Особено ги ценам, неизмерно ми се драги критиките/рецензиите на наши реномирани критичари, теоретичари на книжевноста, естетичари, кои ја откриваат и спознаваат мојата поетика (или дел од неа), кои мошне промислено и авторитетно го следат нејзиното остварување од дело во дело. Ама…

Во сиот мој досегашен изминат творечки пат некој да се обидеше да направи критички избор на мојата поезија (на пример), со поголема студија-есеј како предговор или поговор, секако ќе ми претставуваше најголема чест (за задоволството да не трошам зборови).

Всушност, имаше една најава што остана само тоа (колку што знам). Еден поет, критичар, есеист, теоретичарот на книжевноста, професор, спрема кого имам голема почит, еднаш (поодамна) ми понуди да направи избор за превод-препев на моја поезија (значи печатење во странство), проследен со негов есеј. Се разбира, најнапред се изненадив од информацијата дека некој странски издавач покажал интерес, планирал да ми објави избор, да ме претстави пред „своите“, а потоа не можев што друго да одговорам освен: „Се разбира, би ми претставувало голема чест“.

И толку беше, на тоа остана. Не знам што се случи во меѓувреме, но тоа веќе не е важно. Важно е дека од понудата не излезе ништо. До ден-денес. Изгледа издавачот во меѓувреме се пишманил или, пак, му „помогнале“ наши „компетентни“ навреме да си ја согледа „грешката“.

Којзнае, можеби сепак ќе доживеам такво нешто дури сум на овој свет. На оној веројатно нема да ми значи ништо.

Leave the first comment