БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

30. Јас за личноста и политиката

Специфичен е односот на мислечката личност и творецот спрема политиката. Не мислам дека тие треба да бидат што подалеку од неа, особено зашто се секогаш „добредојдени“, ако не и неопходни со својот мислечки и творечки потенцијал, а најмногу со својот авторитет. Многу такви личности и творци во минатото биле и денес се на чело на движења, партии, на позиција, во опозиција. Биле или се и непосредни политички „практичари“. Во што е специфичноста?

Добра тема за подолг есеј, а сега само неколку мои нафрлоци:

Најважни се индивидуалноста и слободоумноста кои тие ги внесуваат односно ги искажуваат во своите конкретни ангажмани во политиката. Сеедно дали писмено или усно, во есеи, студии, колумни, статуси на социјални мрежи и коментари, или во изјави, интервјуа, на прес конференции и слично. Неретко тие ги дефинираат темелните одредници на одделна политичка опција и се највлијателни во нивната реализација, во нивното вградување во општеството и државата. Притоа, можеби најважно: тој ангажман и тоа влијание никогаш не ги „мешаат“, туку секогаш строго ги разграничуваат од своето творештво.

Не е мал бројот на наши мислечки и творечки личности на кои политиката, особено дневната просто им се „наметнала“ со професијата која им обезбедила/им обезбедува материјална егзистенција. На пример новинарската.

Уште во младешките години не само во семејниот круг важев за прилично „бунтовен“. Не сум се истакнувал, не сум покажувал лидерски амбиции (ха-ха!), но не сум стоел настрана од главните „збиднувања“. Сакам да кажам дека не сум влегувал во „директни дуели“, но не сум пропуштал и најмала можност да го изнесам својот став и да се залагам за она што го сметам за правилно, корисно, неприкосновено. Сум одбегнувал конкретен политички ангажман и секогаш сум се трудел да го „заштитам“ своето книжевно творештво; тоа на никаков начин од мене и од кого било да не биде „употребено“. Па и кога сум пишувал сатирични текстови, секогаш давајќи им универзални и вонвременски димензии на конкретни ситуации, проблеми, дејанија и лица.

Во овој контекст треба да се има предвид мојата новинарска професионалност. „Круна“ на тоа беше еден не многу амбициозен и, следствено, неуспешен обид да формирам политичка партија.

Кога е збор за политичкиот ангажман на мислечките и творечките личности, мислам дека се многу важни виталноста, енергијата, годините, па и здравствената состојба. Тоа значи оти тој мора да биде „соодветен“.

Leave the first comment