БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

157. Потресен

Една од најтешките парадоксални ситуации во кои може да се најде човек: му починува најближен (најблизок роднина) со кого од поодамна нема никаква блискост, дури никаква врска односно контакт.

Една од најтешките, но едновремено и една од најболните. Притоа, воопшто не е важно зошто, кои биле причините за целосниот раскин на блискоста.

Ете, и тоа го доживеав во мојов не баш лесен и прилично драматичен живот (пред сè во егзистенцијална смисла), и Јас книжевник и Јас обичен смртник:

Денеска почина сестра ми, две години постара од мене. Жртва на вирус, на пандемијата со Ковид 19. Брат ми почина пред осумнаесет години, на четириесет и шест, на утрешен ден. Значи, бевме тројца, а од денеска сум само јас.

Не по моја вина, но не велам и по нејзина, од пред десетина години немавме никаква блискост. Дури никаква врска или контакт. Сега е неважно зошто и како. И едното и другото остануваат во мене.

Ја прашав еднаш:

-Зошто, сестро, го стори тоа? Што ти требаше сè да присвоиш за себе по смртта на родителите ни? До крпче, до каква било нивна и трага на дедо ни и баба ни со кои живеевме, растевме. Дури и нивни фотографии. Дури и онаа на татко ни на која толку личам на него што сите кои ја гледаа беа убедени дека сум јас!…Семејството ти е имашно, животот ти е повеќе од пристоен…Намерно го стори тоа? Да ми напакостиш?…Дека никогаш не сме биле блиски, како брат и сестра?

Долго молчеше и ми го избегнуваше погледот пред да ми одговори:

-Сам велиш дека никогаш не сме биле блиски. Па зошто што било да споделиме? Секој за себе, секој за свое.

Јас:

-Да, не бевме блиски, ама крвта не е вода. Нели? И најдалечни ближни се чувствуваат и не се забораваат. Најмалку, пак, помислуваат да си наштетат еден на друг.

Таа:

-Во животот има нешта што се непоправливи.

Ја пресеков во збор:

-Не, нема! Сè може да се поправи. Само да не е предоцна.

Таа по длабок воздив:

-Добро, ти така мислиш. Јас не. Ние никогаш не сме имале нешто заедничко.

Ме вџаси:

-Зарем?! А детството? Игрите? А растењето? Учењето? А младеењето? Созревањето?

Занеми. Се сврте и се оддалечи со наведена глава.

Не, сега не ми е најтешко и најболно во животот поради нејзината смрт. Исто ми е како кога почина брат ми.

Толку. Немам зборови.

Leave the first comment