БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 3 минути

48. Јас книжевник особено ја истакнува поезијата
на состојба во миг и во траење
(Повод: Фросина Тасевска: „Реликвија“, стихозбирка)

Сѐ што е во нас заедно со нашето внатрешно јас треба да излезе на виделина, да му го покажеме на светот. Тој да го препознае не како свет на поезијата, туку како поезија на еден внатрешен свет.

Несфатливо, а доживеано, откриено, а неосознаено? Да. Со поетски јазик изедначени стварен и заумен свет? Секако. Недопирливо, а согледливо искажано што ги буди, па ги засилува, па ги продолжува човековите сетила? Секако.

Поезијата не е само зборови наредени во смислена, можеби и во бесцелна игра, туку е и празнина помеѓу нив и молк во нив. Предмети, процеси, луѓе, доживелици, преживелици, изгреви, хоризонти, залези-сѐ е во неа во онаа мера што ја одредува создавачот на песната. Но не само тој! Може не баш сѐ, ама сигурно многу од сѐ свое во неа вградува и надградува нејзиниот консумент-читателот, слушателот.

Поетот пишува песни не од некакви алтруистички побуди, со некакви интереси, калкулации, туку е тоа негова насушна потреба. Да го преточува во стихови она што минува низ него и останува во него, а е дел од светот што го споделува со друг/со други. Претерување е ако кажам дека поетот живее пишувајќи, дека без пишување не умира, ама и не живее? Воопшто не! Напротив, ќе докажам: тој не може да престане, но ако по некој случај се случи макар некое време, тогаш веќе ниту постоел, ниту постои.

Да го поткрепам мојов поводен кус исказ за поезијата и поетот со искази на други? На пример, Едгар Алан По има речено дека поезијата е „ритмичко создавање на убавина во зборовите“. Пол Елијар говори за големата улога на поезијата во животот: „Поезијата е заразна. Таа е во служба на животот. Поезијата е во животот. Таа е пред животот“. Уште ова, од Фридрих Шлегел: „Една муза бара и наоѓа друга, а сите потоци на поезијата се слеваат во големо заедничко море. Разумот е еден единствен, и тоа ист кај сите; но бидејќи секој човек има своја сопствена природа и своја сопствена љубов, така поезијата ги зближува и соединува со нераскинливи врски сите души кои ја сакаат. Иако тие впрочем во својот живот бараат најразлични ствари, некои сосема презирајќи го она што е за други светиња, и иако не се ценат, ниту се забележуваат една со друга, останувајќи вечно туѓи, во оваа сфера и тие се сепак обединети и успокоени со виша волшебна моќ. Секоја во себе носи и своја поезија“.

И македонската поезија не е поштедена од тектонските движења што ги предизвика Интернет. Кој не е свесен или не го прифаќа тоа, тој едноставно е надвор од светските поетски и воопшто книжевни процеси. Не треба да се трошат зборови за електронското издаваштво, но и за „изданија“ што не се во книжен формат (графички) како што се на пример фан страниците на кои се објавуваат цели книжевни дела-романи, есеи, студии, поезија…

Сакам да посочам на нешто друго: и пред појавата на Интернетот книжевната периодика не беше ниту тиражна, ниту „општопозната“, а со него ѝ е нанесен тежок, ако не и дефинитивен удар. Особено во однос на динамиката на објавувањето, поточно постојаната отвореност на специјализирани сајтови, на страници на „групи“ на социјалните мрежи, на блогови и сл.

Во последниве неколку години на Интернет односно на македонската книжевна сцена се појавија неколкумина творци со бележити, дури врвни поетски, прозни, есеистички и други дела, кои книжевната критика едноставно ги премолче/ги премолчува. Пред сѐ затоа што воопшто не е присутна на мрежата, а што е апсолутно неприфатливо. Нема да спомнам никого, доволно е само неколку дена да се биде вклучен во неа за да се забележат, проследат, оценат, рецензираат.

Сакам да посочам на една поетеса која е присутна на Интернет, конкретно на социјалната мрежа „Фејсбук“ (Facebook), а изненадува со зрелоста на своите творби: Фросина Тасевска. Сигурен дека нејзината прва книга, што ја објави како самиздат („личен“ издавач) под логото на Здружението на писатели „Манускрипт“, ќе го предизвика вниманието на критичката свест. Ова го тврдам откако ги забележав и ги следам нејзините речиси секојдневни поетски пројави.

Станува збор за поезија која со секој стих, со секоја строфа го докажува, го препознава авторовото завидно поетичко искуство и знаење. Има во неа впечатлив ритам, јасна мисла и промислување-рефлексивност. Но, има и излеани нескротени емоции кои бранат една мошне важна специфика на поезијата воопшто-искреноста. Забележливо е и рамновесјето односно согласјето помеѓу стварноста и заумноста, кое иде како „предуслов“-инспирација за раѓање на песната. Мене ми е особено привлечна нејзината игра помеѓу човекот, времето и она што најчесто се назначува како неискажливо.

Зборовите во песната живеат сопствен живот, но едновремено го живеат животот каков што е, каков што го посакуваме и каков што го замислуваме. Сосе немоста во нив, сосе молкот што го насобрале додека излегле на виделина. Сосе времето во нив што е и што допрва треба да биде.

Оваа поезија е поезија на состојба во миг и во траење. Одмерена во сликовноста, во мелодичноста, со воздржана звучност и медитативност. Со примирена и притаена тишина во неа. Песната тргнува од важен инспиративен, најчесто љубовен момент и како целина завршува во сопствената недореченост или наслутување.

Leave the first comment