54. Јас обичен смртник за Јас икнижевник изненаден
За човек и од човек во години, со веќе нарушено здравје, со скромна, преживувачка пензија, згора писател со не мал „пишувачки“ стаж (повеќе од пет децении „влезен“ со осум објавени дела во македонската книжевност-во печатен формат), а непризнаен, а премолчуван и одмолчуван (но со „достаточен“ број критички прикази и согледби во кои се потенцирани „несомнени вредности и оригиналност“), не би можело што било да претставува изненада. Напротив, нему му е единствено важно во преостанатите години од овоземниот живот да дооформи, дозаокружи, доработи и преработи колку може повеќе од напишаното-создаденото, се разбира и да напише-создаде уште нешто ново. Притоа, вооошто не надевајќи се дека некое од неговите дела во ракопис ќе го „дочека“ излезено на виделина. За сѐ друго од творечката сфера е рамнодушен, дури „затворен“-непристапен, повлечен, дури незнаен-непознат.
Меѓутоа, имајќи го предвид токму нафрленово во воведов, се случува нешто за него сосема неочекувано, навистина изненадувачки. Можеби само за него, не за најблиските и пријателите, оние кои добро го познаваат неговото творештво и односот спрема чинот на објавата: голем-огромен интерес како јасно искажани реагирања и куси коментари за објавените „парчиња“ од дела што се (пре)создаваат во континуитет. Не во нашата книжевна периодика (во неа одамна нема објавено ред, стих, ниту, пак, помислува да објави), туку на социјалната мрежа Facebook; конкретно на профилот-времепловот, на неговата официјална „писателска“ страница, како и на некои „специјализирани“ (за поезија и проза) на „затворени“ и „јавни“ групи.
За човек во години и со веќе нарушено здравје, згора писател со не мал „пишувачки“ стаж, а непризнаен, а премолчуван и одмолчуван, е секако големо изненадување што, од една страна, никому не му боктисува со 5-6 објави „статуси“ дневно, а од друга со големо внимание се следи создавањето (во контиунитет) на неговите дела: роман, раскази-ескизи, поетски студи, песни-двостишија, сатирична поезија, афоризми, проблесоци во мислата…
Еден од FB пријателите не „издржа“:
„Што ти е тебе, човеку? Што е ова?! Ептен си се распишал, секој ден по неколку објави-постгови, статуси на Интернет…Не се уморуваш? Не ти треба здив макар ден, макар неколку дена?“
Му одговори Јас книжевник:
„Не е така од вчера. Одамна е, само ти не си ни можел да знаеш оти од неодамна им се „приклучи“ на речиси 5.000 пријатели и „фанови…Што знам…Мислиш дека е претерано од мене?…Којзнае…Засега никој не реагирал негативно, нервозно, да каже дека сум му дошол „преку глава“. Напротив! А ти или не читај, едноставно „прескокнувај“ штом ќе видиш нешто од мене. Можеш и да се „избришеш“ од списокот пријатели, што секако нема да ми биде право, ама е твое право што можеш да го „искористиш“ во секое време“.
Ова најважно во врска со неговото секојдневно присуство на Интернет:
Во изминатите 50 години (!) создавање, пишување, буквално без престан, секојдневно, и повремено објавување на дела, со големи паузи од една до друга (10, 15 и повеќе години) се собраа толку многу ракописи што не верувам дека до последен здив ќе успее да ги заврши, да ги заокружи, да ги „затвори“ сите. Големо прашање е дали воопшто ќе биде издадено некое од нив во книжен формат. Можеби откога по „доволно“ време ќе се дознае дека одамна им се придружил на мртвите.