60. Учителка
Ленка ѝ беше името. Жена во години, ниска, стројна. Се држеше достоинствено и секогаш со спокојно, ведро убаво лице. Поначесто весело одошто замислено или загрижено. Како сѐ во животот да ѝ беше суредено. Ги паметам кажувањата и прекажувањата за нејзината скромност. Дека сѐ ѝ беше достатно. Голема госпоѓа.
Живееше во голема дрвена зелена куќа, со приземје и кат, со двор преполн со секакви цвеќиња, обградена со ограда од ковано железо. Сама откога знаела за себе, без род и рожба.
Ја знаеја и почитуваа сите како жена целосно посветена на работата-учителствувањето.
Ленка ми беше учителка од прво до четврто одделение во основното училиште „Јосип Броз Тито“ во Тетово. Со нешто, според нешто посебна со мене? Не, никогаш. Беше секогаш еднаква со сите, сите во одделението ѝ бевме исти. Нејзини. За мене како за секој соученик само моја.
Многу ја сакавме. Се разбира, мислев дека јас најмногу од сите. Несомнено, најнапред зашто нашето играње, поточно палавоста и учењето ѝ беа еднакво важни, во свое време и со ред. Учењето низ игра, поточно палавост, и играњето, а играта, поточно палавоста како учење? Така некако.
Не паметам дека некое од триесетината дечиња не беше одлично. А сѐ научувавме на часовите. Никогаш не ни задаваше домашна задача. Го возвишувам нејзиното учителствување? Можеби. Мислам дека е поточно дека му се восхитувам секогаш кога се сеќавам на неа.
Мојата учителка Ленка е одамна почината, сигурно пред повеќе од пет децении. Би сакал да го посетам нејзиниот гроб на Градските гробишта во Тетово. Ако постои сѐ уште, ако не е збришан.