Предвидливост

Потребно време за читање: 3 минути

Јас не сега или отсега, туку одамна, пред повеќе децении предвидов и реализирав/реализирам неминовна мошне „позитивна страна“ на Интернет (вклучително на другите мас-медиуми), односно негов (нивен) единствен перспективен развој: креативен индивидуализам.

Кој не ме следел, не ме следи, не знае:

Пред 30-тина години (1996.) со научна студија за модерното радио, објавена на Интернет, го предвидов-поставив-осмислив и реализирав радиото на иднината: ONE MAN RADIO (ЕДЕН ЧОВЕК РАДИО). Дури и како негов „последен спас“.

Беше реализирано како РАДИО ГРОМ. (За жал мораше да угасне по 10-годишна жестока борба за „гола егзистенција“, всушност одбрана на самостојноста, независноста и врвниот радио-новинарски професионализам.)

Во мојата научна студија „Аспекти на модерното радио-Радио на современата модерност“ се детално изложени спецификите односно главните обележја и програмската концепција, а во оваа белешка го наведувам основното:

ONE MAN RADIO (ЕДЕН ЧОВЕК РАДИО) е радио на еден или доминантен „радио човек“, препознатлив според гласовни и говорни специфики-квалитети (пријатност, убедливост, чистота и култура на говор, авторитетност, непосредност-комуникативност; со неменлива програмска шема или шема која се обновува по долги временски периоди на постојаност (време-момент на очекуваност); и постојан-неменлив радио-дизајн (именување на одделни програмски сегменти, авизо, ритам, звук итн.).

Денес радиото во македонскиот медиумски простор е и ќе биде уште некое време во „клиничка смрт“. Може да „заживее“? Ќе повторам, единствено како ЕДЕН ЧОВЕК РАДИО. Но тешко, со оглед на состојбите и собитијата.

(Се случува и со телевизијата. Youtube-Интернет, поготово Potcast и вештачката интелигенција ја „умираат“ постепено, засега бавно.)

Пред 40-тина години на Радио 2-Втора програма на Македонско радио (јавен сервис МРТВ) ја реализирав единствената, култна, легендарна, до ден-денес неповторлива ЛИЧНА РАДИО ЕНЦИКЛОПЕДИЈА „Паноптикум“ (кога Интгернет не беше ни во најава). Се емитуваше сè до стартот на РАДИО ГРОМ (концепциски доминантно „енциклопедиско“ радио). Непосредно пред гаснењето на радиото, на Интернет „Паноптикум“ беше поставен како веб сајт-ЛИЧНА ИНТЕРНЕТ ЕНЦИКЛОПЕДИЈА-ЕНЦИКЛОПЕДИСКИ ЕДИТОРИЈАЛ. Постои и содржински се развива до ден-денес (веќе подолго време мошне забавено, а поради никаква маркетиншка поддршка)- https://panoptikum.mk/. До ден-денес овој веб сајт како ЛИЧНА ИНТЕРНЕТ ЕНЦИКЛОПЕДИЈА и концепциски е единствен на светот! Убеден сум дека многу скоро нема да биде тоа-ќе има безброј исти или слични.

Целосно замирање на печатените енциклопедии? Да!

Потсетувам:

По цели 224 години печатење без престан во 32 тома (првото печатено во 1768. година во Единбург, Шкотска), во 2012. година Енциклопедија Британика го запре печатењето на своето главно издание и сосем премина на дигитален формат, пред сè на Интернет.

Познато: Британика има(ше) илјадници стручњаци-соработници од целиот свет, меѓу кои и добитници на Нобеловата награда, и стотина уредници.

На Интернет постојат бројни веб сајтови кои ја афирмираат персоналната креативност, односно творечкиот-креативниот индивидуализам-на писатели, уметници, научници и др. Тие допрва ќе стануваат сè побројни, но без меѓусебна споредливост или конкуренција. Мојот веб сајт „Паноптикум“ е во значаен дел творечки, односно мислечко-книжевен. Имено, на него се објавени и се објавуваат тековно сите мои мислечки и книжевни дела, сè уште неоформени како електронски книги (e-books).

Суштинско за нив (како за секој поинаков портал) е „поставената задача “ на Википедија: собрано цело човеково знаење (творештво), пристапно до секого бесплатно, слободно лесно.

Посочувам: на социјалната мрежа Facebook мојот FB-профил е еден од ретките творечки-креативни, ако не и единствен на светот. На него ги објавувам моите мислечки и книжевни дела тековно-нивно наспоредно создавање и објава („отворени“ дела).  

Што се однесува на моето творештво на Интернет:

Меѓу досега објавените дела е и „Поетска FB антологија-Мој избор“, исто така единствено. Тоа е потврда на една мој став и моја заложба: какви било книжевни антологии (поетски, прозни)-критички, тематски, жанровски итн. отсекогаш биле и можат да бидат само лични-творечки. Тоа значи дека тие не се и не можат да бидат презентации на национално творештво (погрешно „дадена“ задача-улога). Додатна вредност на интернетските: отвореност-можност постојано да се збогатува со нови дела.  

ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, белешки, 72