XLI Нашата последна средба
Молчеше додека се искачувавме по неговата врвица и додека не се одморивме на неговиот врв, на планината која ја вика Тежест.
Ме изненади Дамјан од Истин:
-Мислам дека треба да го завршиш пишувањето за мене. Неважно е што е, расказ ли, повест ли, роман ли, а е исто така неважно дали ти успеа да ме претставиш како Дамјан Истиноски, Дамјан Гласномисленик и Дамјан мислител и книжевник. Како мислител и книжевник најмалку, од проста причина што нема којзнае што необично, единствено. Освен грандиозноста на моето творешто…Послушај ме, заврши. Се обиде да ме раскажеш, да ме претставиш како интересен лик, дури необичен…Според мене неуспешно зашто сум пообичен од секој обичен…
Го прекинав налутено:
-Чекај малку! Кој си ти да ми кажеш дека сум се обидел, не ми успеало, било залудно?!…Добро, не сум во кажување и раскажување добар како ти, немам ни амбиција да создадам нешто вредно, какво било книжевно дело. Но напротив, ти како лик, јас тврдам како личност си баш интересен. Особено дека беше.
Пак ме изненади:
-Размислував како да завршиш…Барем крајот да биде ненадеен, изненадувачки…Или напротив, поочекуван, пообичен од сè досега меѓу нас и со нас…Како за кого…
Од внатрешноста на есенската јакна изваде свиток хартија.
-Во едно поглавје изнесе мои размислувања и ставови за самотата како слобода. Притоа, цитираше дел од моја колумна. Напиша дека ќе ја пренесеш цела, но тоа досега не го стори. Е, јас во меѓувреме нешто бришев, нешто допишував и сега е како што треба….Не, немам намера да ја објавам…Еве ти ја, нека биде само во твоето дело за мене…Не ме прашувај зошто…Само ќе ти речам дека за мене е суштествена самотата како слобода.
Веќе беше близу полноќ кога слеговме од Тежест и се разделивме без поздрав.
Неговата последна, необјавена колумна:
„Во последно време среќавам сè повеќе луѓе познати и непознати во самота. Како јас? Никако! Лица на кои лесно се открива единствена, според мене неспоредлива, неповторлива самота. Не изразена со бројот и длабината на брчките, туку со видливоста на бледилото, модрината на подочниците, видливите и невидливите лузни на образите, подобрадокот и вратот.
Кога е збор за човечката самота, секогаш треба да се има предвид дека таа, за разлика од на животните, со кои најмногу владее инсџтинктот, е двојствена. Едната е самота со луѓе и без нив, а другата, која неточно се нарекува создателна, е без луѓе како со луѓе и за луѓе. Обете истовремени? Може, но не мора. Всушност, би било подобро да не се. Од проста причина: едната, со луѓе и без нив, е неискажлива, поначесто болешлива одошто здрава, уште поначесто поразителна за човечкиот интегритет, а другата концентрирачка, предизвикувачка, поттикнувачка и жизнена. Зошто е неточно другата да се нарекува создателна? Просто затоа што таква може, но не мора да биде само до почетокот на создавањето. На пример, создател намислува да создаде дело, го замислува, па за да го почне минува некое нужно време во кое најпрвин го мери просторно-временски, а потоа го доживува и преживува како живо. За што му е неопходна самотата како слобода.
Знам дека самотата на многумина им е тежина, може неподнослива. Но, мене ми е драгоцена оти за мене претставува и простор и време на слобода. За најлесно да се разбере тоа, ќе раскажам во два-три збора за еден човек кој живее самотнички во пустина опкружена со големи планини со неосвоиви врвови.
Човекот е безимен, деноноќно е на раб на преживување. Одамна докажал дека и пустината го овозможува тоа, доколку се прилагоди на неговите екстремности. Особено кога е таа опкружена со планини и неосвоиви врвови.(Можностите се на нив и во нив.) За него таа воопшто не е проблем, а самоста му е безгранична слобода. И поголема колку повеќе се оддалечува од планините. Во последно време во пустината среќава сè повеќе самотни, а слободни и слободоумни луѓе. Со кои радо споделува од неговото време и простор во неа. Со радост и надежност им помага да соградат свои постојани живеалишта. Разбирливо, повеќе подземни одошто надземни.
Лично го знам човекот. Всушност, јас сум тој! Само измислив дека е во пустина со повеќе самотни, а слободни и слободоумни луѓе. Всушност, тоа е метафора.
И оваа метафора на крајот:
Јас сум сам пред моја пустина, во која скоро несомнено и неминовно ќе исчезнам.
Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин
1. Политичкиот дилетантизам
Што беше тоа дилетантизам? Ви текнува?
Тамам работа да не знаете: дилетант е нестручњак, површен познавач (синоним: аматер); дилетантизам-површно, повремено, нестручно занимавање со некоја наука, уметност, работа.
Што има навредливо во неговото значење? Нема ништо! Тогаш зошто се навредуваат таквите кога ќе ги именуваме како такви? Јас немам поим. А вие?
Мислам дека никој нема ништо против, ниту, пак, штета од дилетантите. Напротив, бидејќи во сите области и дејности се во масовен број, цели армии, тие се или можат (ако не се) да бидат мошне корисни, употребени и злоупотребени. Се разбира, од недилетантите-стручњаците, темелните познавачи (синоним: професионалци).
Најконкретно:
Нашите бизнисмени, јас ги нарекувам полит-бизнис олигарси, не би биле толку успешни, доколку својот бизнис не го туркаат со помош на дилетантите. И во бизнисменските и во политичките кругови. Можете ли во овој миг да се сетите на некој од нив, а успешен благодарение на професионалци? Не можете!
Нема шанса. Едно затоа што тие се за нив опасни по живот, а друго, можеби и поважно, не се во состојба, поради „објективните околности“ да ги платат колку што вреди на пазарот нивната стручност и способност.
Со дилетантите, пак, особено со оние од посредните дејности и сфери, на пример медиумската, е многу полесно; речиси безопасно, речиси безболно да се…манипулира. Ете зошто нема, без исклучок, недилетантски медиум. Оние што повремено се појавуваат мораат да згаснат, да ги снема од сферата. Превентивно, пред да станат заразни за другите.
Ако општеството и државата, поточно власта, најточно полит-бизнис олигархијата сакаше да си има работа со професионални медиуми, најнапред ќе беа многу малку на број (концентрација на стручноста, знаењето, професионализмот), а потоа, што е најважно, најголемиот број од нив ќе беа независни, самостојни, моќни, силни, влијателни. Не седма сила, каква што е во развиениот демократски свет, туку прва.
А политичкиот дилетантизам? И порано сум (пот)кажувал понешто лаички и стручно за него. Овојпат, со конкретен повод, ќе поставам само едно прашање за ваша дилема, трилема, а може и полилема:
Колку е политиката кај нас, пред сѐ како ежедневен ангажман, наука, уметност, дејност која се темели на стручност односно професионализам? Колкумина од политичаритер кај нас чуле за политикологија?
Кој е основниот наш проблем со нашите политички дилетанти, засега ненадминлив и до блиска иднина нерешлив?
Тоа што се во самите врвови, на челата на политичките партии. Ама да се разбереме: кога мислам на политички стручните, на политичките професиноналци, не мислам само на дипломираните (на политички науки и блиски на нив), туку, како и во секоја друга област или дејност, на посветеноста на политиката, во занимавањето со неа (што е суштинско значење на професинализмот). Не посветеност за освојување на власта (што е, пак, сосема легитимна основна цел на секоја политичка партија), туку во дејствувањето и работењето во интерес на граѓанинот или, во поширока смисла, на „својот“ етникум, а во најширока на народот и државата.
Се наметнува еден мошне интересен парадокс: наспроти политичките дилетанти во врвовите односно челата на партиите, многу поголем и пораширен е професионализмот помеѓу членствата! Па тогаш како е можно, како си дозволуваат тие да бидат (зло)употребени, манипулирани од една „шака јадници“ (покажани и докажани како такви)? Добро е, време е да си се прашаат самите и да се обидат да го пронајдат одговорот.
Конкретниот повод:
Иако не ми беше непознат (напротив), сепак сум поприлично изненаден од докажаниот политички дилетантизам на врвовите на една докажана партија. Едноставно затоа што не е од вчера, туку од завчера. До вчера беше во власта како позиција, а денес плаче и кука (речиси буквално) како власт во опозиција. Демек, не е жедна за власт, туку бара да бидат во Влада оти таков, властодржачки легитимитет ѝ дале гласачите со тоа што поголемиот број од нив гласале повеќе за неа одошто за најконкурентната.
А политичкиот дилетантизам? Нема многу да редам, туку само ќе посочам на првиот, и тоа како прашање до врвовите на партиите со национален или граѓански предзнак:
Што е Парламентот? Не е власт-позиционо-опозиционерска? Зарем само Владата е власт? За што се жедни изгласаните пратеници кога се бореа за довербата на гласачите?
Кога јас би бил премиер, на оној ептен важен и ладнокрвен Господин од европскана, кој предупреди дека не бил задоволен оти немало дијалог со лидерот на легитимната партија, без око да ми трепне би му поставил реторичко прашање:
Дали Европа дијалогизира со политички дилетанти?
2. Пак за власта
Не играј си со власта. Може да ти се качи на глава, да ти се обеси на вратот. Може да те касне за јазик, да те онеми, да ти се смачи од неа.
Се знае, верувам дека и ти си знаеш: власта е секогаш моќна, способна да те обработи, преработи, доработи, што сака да ти стори. Сè тоа во името на демократијата и личната слобода. Божем ти ги штити, божем таа не може со тебе недемократичен и лично неслободен.
Нема немоќна власт. Немоќната власт не е власт.
Демократијата се освојува во борба против власта, а потоа таа, власта, откако ќе ја победиш, со сите сили ти ја брани освоената демократија. Бидејќи демократијата никогаш не е доволна ниту за лична, ниту за колективна употреба, па власта како власт не е никогаш доволна. Ниту за себеси, ниту за оние под нив. Така било, така си е и така ќе биде.
Затоа, немој ти мене да ми продаваш демагогии! Демек не мора да е така, може да е поинаку! Како поинаку? Дека и на власта кога-тогаш власта ѝ доаѓа преку глава? Како да не! Дека и власта може да биде демократична ако, на пример, се избере на слободни и демократски избори? Кај имало и кај може да има такви? Та нели демократијата е владеење со народот зашто е невозможно да се владее за народ? Па кој народ демократски и слободно, со радост и оптимизам си избира такви на кои ќе им даде власт за да владеат со него?
Јас лично мислам, а мислам дека и ти колективно мислиш како што јас мислам, дека проблемот со власта е токму во слободата.
Вака:
Во името на колективната слобода, значи во името на сите се контролира, се дозира, па ако треба и ќе се укине личната слобода. А како што е добро познато од поблиското и подалечното минато, без лична колективната слобода е безлична.
Што е со нашата власт? Ништо не е!
Народот си избира власт каква што заслужи-рекоа некои ептен умни луѓе. Умни?! Не ќе се баш.
Вака ќе да е:
Народот секогаш заслужува да има подобра власт од таа што ја има, секогаш се труди да избере подобра од претходната. Ако навистина избира тој, а не некој да му ја избира божем тој ја избира.
Што е со нашата власт? Ништо не е! Арна си е. Од арна-поарна. Ама може да биде уште поарна доколку сме убедени дека сами сме си ја избрале, дека народот ја избрал, односно ние, јас и ти како народни елементи. Ако, пак, наскоро односно предвреме треба пак да ја избираме, тоа ќе значи дека сме се излажале, дека некој нѐ свестил и освестил оти таа не била ни малку арна, а камо ли од арна-поарна. Ако треба пак да ја избираме, ќе мора да избереме некоја нова како стара, или некоја стара од новите.
Мене лично едно ми се чини дека она што го правеше досега и уште го прави власта (и старата како нова, и најновата како стара) некако останува недоправено, со многу нешто непоправено.
А знам и нешто друго: не е добра онаа власт која си има многу на власт. Не само затоа што е многу скапа, туку пред сѐ, над сѐ и под сѐ не ѝ се гледа крајот, па затоа и не си го гледа крајот.
Ако го мислиме времето пред нашево, можеме да речеме и да доречеме, притоа да не ја грешиме и да не си згрешиме:
Ние имаме слобода, дури може да се рече дека сме ептен слободни; дури преслободни. Се разбира, токму благодарение на власта што не била и не сака да биде вчера.
3. Страна или настрана
„Си зазел ли страна или стоиш настрана? Твој проблем, само да знаеш дека на вистинскиот интелектуалец никогаш не му било својствено, ниту треба да му биде стоењето настрана во вакви турбулентни, драматични, пресвртни моменти“.
Го слушам младичов, кого го имам забележано секогаш во првите младешко-бунтовнички, шарено-револузионерни редови, како го дофрла тоа кон средовечен господин пред фонтаната „Воинот на коњ“. Тој, пак, стои со видно исправена става и молчешкум го следи бојосувањето, односно сквернавењето од страна на неколкумина млади, меѓу нив некои речиси разулавени, со канти боја и четки во рацете, но и со кутии прашок и детергент со кои ја вцрвуваат водата во неа.
Не е првпат да го слушам прекорувањево на интелектуалците од страна на…Што? Младичов не е интелектуалец зашто меѓу „шарени“ нема интелектуалци?!
Ама, ај по ред:
Што е тоа интелектуалец? Знае ли младичот, знаат ли „шарениве“ и оние што „стојат“ зад нив, кои ги „координираат“? Ако знаат-добро, ако не знаат-за да не се мачат, да не губат од своето „револуционерно“ време еве им од општа енциклопедија:
Тоа е лице кое „од останатите се истакнува со интелигенција или образование, односно со интелектуални способности што ги користи во професионални или јавни цели. Во потесна смисла е секое лице кое врши одредена интелектуална работа како главен дел од својата професија или занимање. Во уште потесна смисла, тоа е лице кое благодарение на своите интелектуални способности ужива углед, односно претставува авторитет во одредени области на општествениот живот, како што се културата или науката“.
Што ни докажува цитираново? Прво, дека таквото лице е личност со интелигенција или образование, односно со интелектуални способности. И второ, таа личност секако ужива углед, претставува авторитет, сеедно голем или мал. Според мене, постојат уште две суштествени карактеристики на интелектуалецот, а на кои во посочената дефиниција се „укажува“ посредно: тој емислечка и творечка личност.
Е сега, дофрлувањето на младичот кон средовечниот господин (не само негово дофрлање, туку исто или слично на многумина со него и зад него):
Треба ли интелектуалецот да заземе страна во „турбулентни, драматични, пресвртни моменти“ и зошто? Која страна? Чија страна? Кому му е тоа потребно? Зошто да не стои настрана од страните?
Најнапред, дофрлувањето е повик или довик за поддршка, односно заземање „моја страна“. Тоа подразбира дека „другата страна“ (обично не постојат трета, четврта…) не е „онаа вистинската“, дека е „погрешна“, конкретно страна на „заблудени“, „заведени“, „излажани“, „заслепени“…, па сѐ до „неписмени“, „стока“, „овци“, „багра“…
Значи, младичот го познава или го препозна господинот како интелектуалец, значи го признава како личност, ама бидејќи е очигледно дека ја зазел „конкретната“ страна (не е со него и „неговите“, не му се придружува во бојосувањето односно сквернавењето), тој е…не е интелектуалец?!
Реторичко прашање:
Интелектуалците кои ја зазеле страната на младичот (сосе прашањето дали ги има или не, во колкав број се) се „оние вистинските“?
Што значи стоењето настрана или незаземање страна? Бидејќи, според „дофрлувачот“, на интелектуалецот „никогаш не му било својствено, ниту треба да му биде стоењето настрана“, тоа значи дека…господинот не е интелектуалец?!
Да се знае и секогаш да се има предвид:
Интелектуалецот-мислечката и творечка личност секогаш, во какви било моменти зазема своја страна и кога стои и кога не стои настрана.
Проблемот на неинтелектуалците е дали и колку ги слушаат, ги следат, ги почитуваат и ги признаваат интелектуалците.
4. Инфериорни и супериорни
Колку инфериорни, а колку супериорни луѓе ви се пред очи, околу вас, со вас, пред вас или зад вас? Кои се повеќе на број?
Ова е мошне важно за вашиот личен статус во општеството и државата, за вашата лична афирмација и кариера, за вашата егзистенција воопшто.
Во однос на инфериорните и супериорните е сѐ јасно. Нема ништо непознато. Јас се чувствувам инфериорен само пред оние што знаат и умеат повеќе од мене, па и во областите кои ги сметам за свои. Таквата инфериорност (доколку ја сметате за тоа; јас повеќе преферирам да ја наречам почит на другиот оти се почитувам себеси) воопшто не е проблематична, односно воопшто не ѝ штети на мојата перспектива. Напротив, ме поттикнува не да станам еднаков со таквите (во временски контекст тоа не е можно оти таквите-супериорните никогаш не стојат во место), туку колку што можам повеќе да разберам, да научам, да преземам-позајмам од нив. (Но никако да украдам оти како супериорен на „своето“ тоа едноставно не ми доликува.)
Реков веќе, јас сум супериорен на „своето“, на своја „територија“. Неретко ми се случува инфериорни да ми ја омаловажуваат-потценуваат, унижуваат, да се обидуваат да ми ја обезвреднат или едноставно да ме тргнат настрана, да ме остават што подалеку од нив, да не ме „познаваат“. За да не им пречам, да не ги попречам, да не се најдат пред мене во „незгодна“ ситуација. Притоа, не станува збор за некаква надменост или слично („со кренат нос до небо“), туку за самосвест и самопочитание. Доколку ги немате, вие сте инфериорни во однос на другите во вашите „редови“.
Проблемот на инфериорноста и супериорноста е всушност проблем на индивидуалноста, на личниот идентитет и интегритет. Претставува проблем кај нас бидејќи токму тој е потиснат, оневозможен до степен на целосна негација, деградација, деструкција, а во името на колективната-колективистичката загроза и опстојба.
Затоа што е така, многу повеќе се на број инфериорните со кои „колективните“ лесно и вешто манипулираат, шпекулираат, си играат, ги местат, сместуваат, преместуваат. А најнапред ги прават зависни, да не смеат ниту да помислат на каква било независност (во мислењето и дејствувањето). Тие-инфериорните самите се покажуваат и потврдуваат како медиокритети, полтрони, „долни кариеристи“ (народот ги нарекува посоодветно: подопашкари, подлизурковци, лигавци). Тоа е единствената причина зошто „индивидуалците“ ги нема во редовите на „колективците“. (Или се толку малку на број што „позиционо“ се апсолутно инфериорни.) Бидејќи се супериорни во однос на нив. И тоа не само во своите области, туку воопшто во општествениот статус, личниот јавен авторитет.
Каде ги има инфериорните во најголем број? Да, се разбира, не треба погодување: во политиката. Не, грешите: во политичките партии. Ни најмалку да не грешите: во нашите политички партии. Сите постојни, без исклучок. Кои постојни? Оние „старите“, и од позицијата и од опозицијата, кои со своето политичко дејствување, со својата досегашна политика се ептен афирмирани како инфериорни, маргинални, минорни, безначајни, што значи и медиокритетски, полтронски, долнокариеристички (подпопашкарски, лигавечки).
А новите? Да се воздржиме во однос на нив, да имаме малку трпение. Да видиме кого сè ќе „привлечат“ во своите редови. (Тоа е клучниот збор во однос на политичката инфериорност и супериорност.)
Друго прашање:
Може ли наскоро да се формира партија на супериорни луѓе-политичари? Сигурно. Но, токму поради „колективистите“ односно постојните партии на инфериорни, тоа-нејзиното формирање ќе оди со судни маки. Затоа што нивните членови се посилни? Па, да!
Верувам дека ви е познато оти една од главните карактерни (психолошки, психопатски) особини на инфериорните е агресивноста.
5. Посветеноста
Искуството на искусните кажува дека резултатот-успехот не може да изостане доколку целосно си посветен на работата што ја работиш, на она што го правиш, на целта на која што сакаш да стасаш. Посветеноста или целосната оддаденост на нешто е најважниот, клучниот предуслов за постигнување највисоко задоволство од самиот себеси.
Оној што не го слуша или не сака да го послуша ова кажување на искусните, сигурно нема да успее. Ќе запре на полпат, па брзо ќе крене раце од бизнисот што го почнал, ќе се умори на самиот почеток од создавањето на своето дело.
Всушност, посветеноста може да се определи како единствена, најсилна творечка енергија. Се разбира, таа бара моќ на концентрација и самодоверба, и јасна цел, но пред сѐ свест и самосвест односно убеденост дека „тоа е она вистинското“. Секоја најмала колебливост, пресметливост, неискреност спрема себеси и спрема оние чија помош е неопходна, потоа одржувањето на сомнежот како деструкција, а не како творечки поттик, нереалниот оптимизам или песимизмот како страв од непредвидливото. На пример од она што го наметнува бизнисменот и особено политичарот? Па, ајде малку да ги проблематизираме.
Секој успешен искусен бизнисмен ќе ви каже дека за успехот во бизнисот може да му благодари најмногу, дури исклучиво на посветеноста. Таа му овозможила самодоверба, додатна енергија, леснотија во совладувањето на пречките, решенија во вистинскиот момент. Кога ви вели дека никогаш не се плашел и не се плаши од конкуренцијата, всушност ви вели дека е толку посветен на својот бизнис што ништо не може да го поколеба. Па и привремениот неуспех поради непредвиден ризик, а кој ја оневозможува посветеноста или во голема степен ја намалува нејзината сила и вредност.
Ги препознаваме ли посветените луѓе помеѓу нас? Дали сме ние посветени на она што го правиме, што го работиме? Колку ја цениме, почитуваме, колку ја вреднуваме, плаќаме посветеноста на творецот-сликарот, писателот, композиторот, иноваторот, на бизнисменот и политичарот?
Да, токму така: посветеноста во голем, во најголем дел значи жртвување.
Заклучок со кој не мора да се согласите, ниту да го прифатите:
Ние имаме многу малку успешни бизнисмени бидејќи нивото на посветеност им е многу ниско. Многу повеќе се оние успешни во наводници односно „прекуноќни“, бидејќи се посветени на сѐ друго, само не на бизнисот што го почнуваат или им го почнале. (Најмногу посветени на алашвериши, мито, корупција и слични валканици.)
Зошто посветените се многу малку на број? Затоа што не можат да се посветат на она што го працват или создаваат поради навалиците, агресиите на непосветените.
Еден конкретен и мошне илустративен пример:
Неподносливата навалица-агресија на медиумите за „рекламче“ или „спонзорче“. Нема кој од успешните да не ви се пожали дека глава не можат да кренат од нив. „Здодевни се како муви“. Пред извесно време еден од нив беше принуден на вратата од својата канцеларија да обеси ваква опомена: „Не сум тука за оние што бараат реклама“. Таквите ќе ви речат дека знаат каде треба и со задоволство би ја рекламирале својата фирма, би дале пари за реклама на својот бизнис: кај оние што не бараат, туку создаваат и се целосно посветени на тоа што го работат (програмата, професионалното новинарство итн.). Само кога би можеле барем малку да здивнат од „непосветените“.
А политичарите? Кај нив има еден проблем кој сѐ уште и за нив и за нас е нерешлив. Поради кој ниту ги бидува за политика, ниту сме имале и имаме некој аир од нив. Тоа е проблемот на колективната посветеност.
Имено, во секоја порелевантна партија на македонската политичка сцена можете да најдете посветени политичари (со сѐ што значи посветеноста). Меѓутоа, проблемот е што во ниедна од нив не можете да најдете посветено „јадро“ (не раководство) кое, ако не друго, барем доследно односно посветено, до „запирка и точка“ ќе ја реализира програмата на партијата, ќе ги исполнува заложбите и ветувањата дадени во предизборните кампањи.
Кога би постоеле такви „јадра“, тие не би биле ништо друго освен фракции, поточно потврда, показ и доказ за демократијата во нив.