ЖИВОТВОРНА СОНЧЕВИНА, наративна поезија, 50

Потребно време за читање: < 1 минута

50. Камени скалила до земјанка

Се искачува по стрмни камени скалила од подножје на камена планина до нејзин врв; на кој, познато е, се наоѓа земјанка покриена со базје, папрат и гранки од дабје скршени од ветар. Се искачува со бавен чекор, одморајќи се на големи стени. Видливо е дека камењата за секое скалило биле внимателно избирани; големи, мали, рамни, со рзлични форми а приближно исти, наредени еден до друг и еден врз друг без празнини меѓу нив. Забележливо е дека се откршувани од десната страна на планината, загадочно со што. По, пак, има помали и поголеми длабнатини и камења што стрчат, кои очигледно служат за придржување. На левата црн амбис.

Се искачува по стрмните камени скалила на камената планина и никако не може да си долови со каква сила, мачнотија, упоритост и време се правени; ниту како, ниту да домисли зошто баш до нејзиниот врв, до земјанката покриена со базје, папрат и гранки од дабје скршени од ветар. Зошто е таа направена? За одморање пред за слегување, за долго живеење или за до смрт?

Несомнено е дека скалилата се правени многу време. Сигурно години, можеби децении, можеби цел животен век. Од еден ли, од повеќемина или од многумина? Од една или од повеќе генерации?!

Се искачува со бавен чекор, притоа одбегнувајќи да фрли поглед лево, во амбисот. Стравува дека стрмнината ќе го ошумоглави, ќе му ги наруши мирнотијата и рамнотежата, па ќе полета, па ќе пропадне во него.