V
Може да се каже дека Дамјан Истиноски, самонаречен Дајман од Истин, живее двоен наспореден живот. И тоа буквално! Имено, како колумнист е видна, авторитетна и мошне влијателна личност во државата и општството, најмногу со своите колумни, а како педесет и шестогидшен мислител и книжевник, со завидно творештво, познат со псевдонимот Колумнистот или Гласномисленикот, е безработен, живее самотно и мошне сиромашки; благодарение само на повремените, поточно нередовните хонорари за своите колумни и објавените мислечки и книжевни дела. Што е можеби поважно од сè, ова им е познато само на негови најблиски роднини и пријатели. Што пак, меѓу другото, говори за неговата достоинственост. Се разбира, мене ми значи многу тоа дека сум еден од нив.
Уште нешто кое во голема мера ја одредува неговата состојба: тој не само што не бара, туку и не дозволува никаква финансиска или материјална помош. Тоа просто го смета за навредливо.
Двојниот наспореден живот на Дамјан од Истин, Колумнистот или Гласномисленикот, во продолжение на мојов животно-творечки, поточно творечко-животен исказ за него се определувам за псеводнимот Гласномисленикот, а кога станува збор за неговата колумнистичка дејност Колумнистот, тоа значи ретко Дамјан од Истин, го почнувам со една негова дамнешна колумна за рамнодушноста.
Од колумните (поентите)
на Дамјан од Истин
1. Рамнодушноста
Јас за рамнодушноста промислувам имајќи ги предвид синонимите „незаинтересираност“ и „безволие“, а пред сè „апатија“. Имено, често читам и слушам дека народот e апатичен, а што е сосем неприфатливо со оглед на сегашните состојби во државата, на очекуваните скорашни состојби во неа, како и на иднината кога е збор за неговиот опстанок и идентитетот.
Првата дилема, всушност спротивставување во врска со неа е во прашањето дали може народ да биде апатичен. Во поширока смисла: дали апатијата според својата суштина е колективна или индивидуална?
Веќе навестив дека јас апатичноста ја сметам за индивидуално, а не за колективно однесување. Притоа не мислам само на нејзината „општа“ дефинираност-како чисто психолошка, како емотивна состојба (недостаток на мотивација, страст, радост или интерес за други луѓе и социјални активности) или на медицинскиот аспект-како невролошко оштетување, туку и на „општа“ состојба-како реакција предизвикана од собитијата во општеството и државата. Каква што е во Македонска република.
Суштината на рамнодушноста е во недостигот на волја за менување на нештата и нивно доведување до некоја „нормална“ состојба. Најчесто каква што била или треба да биде, споредувајќи ја со „нормална“ односно „стандардна“ на други, обично поразвиени и најразвиени општества и држави. Нечинењето-да не се прави, да не се презема ништо најмногу доаѓа од немоќта дека ништо што се случува нема значење. Не оти не ги засега индивидуата и колективот, туку затоа што постојната состојба може да се промени, но за тоа е потребна упорност, жилава и долготрајна борба. Кои несомнено недостасуваат. Треба да се имаат предвид и неорганизираноста и разединетоста, кои, пак, се директно и индиректно поврзани со бесперспективноста.
Јас не ја прифаќам, ниту ја признавам рамнодушноста како колективно, конкретно „народно“ однесување. Ја сметам за исклучиво индивидуална и која врши не мало влијание на колективот. Во тој контекст, треба да се издели рамнодушноста на оној од кого се очекува едновремено поттик, активитет, па и конкретни докажани организациски способности. Него, пак, најчесто го препознаваме во интелектулно супериорниот политичко-партиски предводник и во видна творечка личност.
Кога е збор за рамнодушноста, сакам промислувањето за неа да го насочам на свесното наметнување на таквата „колективна“ (не)расположба и однесување, на целното „сенародно“ пасивизирање. Тоа иде пред сè од позицијата односно власта, но од одговорноста сосема не може да се „ослободи“ опозицијата. Позицијата со цел лесно, без отпор и брзо да спроведе свои замисли, поточно зададени задачи, поготово кога власта е октроирана. Позицијта со закана, притисок и физичко насилство, а опозицијата со „конструктивност“ која всушност значи индивидуална пасивизација. И едната и другата е насочена кон неа, пред сè кон „најгласните“ и „најнезгодните“, поточно кон највлијателните. Од друга страна, тие „индивидуалци“ не наоѓаат на поширок „прием“. Не можат, а многу и не се трудат да привлечат поголем број свои поддржатели. Како да им е полесно да обвинуваат за масовна пасивност, пред сè на народот, употребувајќи придавки како „заспан “, „исплашен“, „неосвестен“ „недостоен“ (за што?!).
На сечија рамнодушност можеме да ѝ се спротивставиме единствено со слободна мисла, знаење, критериум и вреднување.
2. Личен став
Да се има личен став е меѓу најважните „легитимации“ на личноста во едно демократско, плурално општество. Се разбира, тој мора да биде јасен, прецизен, изграден, втемелен на цврсти аргументи и факти, а за да биде респектабилен и дел од заедничка заложба или решение.
Личниот став може да биде преземен од друг, од други, значи туѓ, но притоа никако не и безличен. Прифаќајќи став од друг, едновремено идентификувајќи го неговиот носител како потврда на авторитетноста, тој без дилема станува личен (не присвојувајќи го „авторското право“). Па сепак, непреземениот личен став има поголема тежина и вредност. Затоа што се гради упорно, настојчиво, макотрпно, а се брани уште поупорно, дури потврдоглаво.
Колкумина во вашето опкружување познавате луѓе, личности со свои, лични ставови за суштествени, па и судбински прашања поврзани со егзистенцијата, опстојувањето, личната и заедничката/колективната перспектива? Можете да ги изброите? Дали помеѓу членството на нашите партии, особено помеѓу „истурените“ или оние од врвот познавате, препознавате личности со личен став?
Што се случува со таквите?
Последново прашање е можеби најважно и одговорот ја отсликува реалната состојба на овој план, но и нешто друго: именио дека изнесениот, искажаниот личен став, кој може да биде и сосема спротивен од заедничкиот-колективниот, партискиот, само ја потврдува личноста, нејзината самостојност, индивидуалност; ја афирмира нејзината авторитетност, го предизвикува почитувањето на сите без исклучок (па и на оние од „противничките табори“).
Мора да се нагласи дека, и покрај декларативната заложба за плурализам на мислења во рамките на нашите партии, таа-декларираната залужба останува само тоа, не се конкетизира и практикува. Напротив, не е единствен „драстичниот“ пример кога една партија смени од висока и значајна функција свој член само поради личен став сосема спротивен од партискиот. Без оглед што таа функција ја вршеше врвно професионално и авторитетно. Се разбира, тоа воопшто не ѝ наштети на личноста, туку единствено на партијата која токму затоа, а и поради други „гестови“ и „активности“, дури ја сметаат за несериозна и маргинална.
Да се има личен став не е никаква храброст или особена доблест, особено позитивна карактерна особина на личноста. Кај нас се издвојува од другите токму поради реткоста која, пак, е резултат на поставеноста на работите на глава. Кај нас од заедничкиот став, заложба, од заедничката програма или платформа „произлегуваат“ личните ставови, а не обратно. Како што е во сиот развиен демократски, политички плурален свет: личните ставови, кои, пак, содржат знаење, компетеција, искуство, одмерени-измерени, вреднувани и вградени во дефинирана заедничка цел, ја афирмираат заедничката акција.
Бидејќи кај нас личните ставови се сѐ уште „проблематични“, „незгодни“, „непожелни“, неприфатливи, тие се за жал ретки, а нивните носители опстојуваат надвор од „круговите“ и по цена на егзистенцијално загрозување.
3. Што е тоа политика?
Не, не ми е намерата да пренесам некои познати и помалку познати дефиниции на политиката или да понудам сопствена. Нема потреба од тоа бидејќи ние сме толку „изверзирани“ во политиката, што знаеме да ја водиме и со површно (па и никакво) разбирање. Што, пак, од друга страна и не е лошо ако се има предвид дека кај нас е најважно да „водиш“, макар и без никакво знаење.
Единствено во овој момент ми паѓа на ум како најпогодна малку „прилагодена“ големата Гоцева мисла:
„Јас политиката ја разбирам како поле за културен натпревар помеѓу партиите на политичката сцена“.
Баш така: политиката како поле за културен натпревар помеѓу партиите на политичката сцена.
Е сега, ако малку се потрудиме ова да го детализираме, елаборираме, анализираме и синтетизираме, лесно ќе дојдеме до она што политиката никогаш не била, не е, ниту ќе може да биде: пофалба на глупоста. Освен кај нас. Без оглед што на тоа предупреди мошне одамна Еразмо Ротердамски, кој на цивилизацијата ѝ остави токму таква пофалба.
Да не се разбереме погрешно: не ни помислувам дека нашите политичари се глупави, па нормално е да водат глупава политика. Скраја да е. Напротив, со поставувањето токму на ваквата релација-паметни политичари-глупава политика, јас само сакам да ја потенцирам потребата од разбирање на политиката како културен натпревар.
Се надевам дека се согласувате со мене оти умноста/мудроста и културата одат рака под рака, а се неразделни и дење и ноќе глупоста и некултурата. Се согласувам ако помисливте и на примитивизмот.
Дали политичката умност/мудрост е различна од „општата“? Лично не знам за никаква разлика, освен можеби малку „попотребното“ искуство кај политичката. На која повеќе ѝ лежи итроштината, а која неретко се изедначува со вештината и спсобноста да се остане „на нозе“ во политички виорни времиња.
Може ли умниот/мудриот политичар да не е културен и обратно-некултурниот да биде умен/мудар? Нема шансани едното ни другото!
Вие како да не сте баш сигурни кога имате пред „вид“ некои особено помлади наши политичари и од позицијата и од опозицијата? Да ви кажам право, и јас станувам несигурен кога ќе ми дојдат тие пред „вид“. Дури ми се случува одвреме-навреме, на пример кога ќе ги слушнам како портпароли или како сериозни „давачи на изјави“ (се разбира, прашани или испровоцирани од некои други прашани и одговор(е)ни), да заклучам дека политичката умност/мудрост нема врска со културата односно некултурата. Има врска со степенот или нивото на нешто што писателски (од еден голем светски писател) е наречено „заробен ум“.
Сигурен сум дека и вие како јас можете во овој момент да се сетите на многу повеќе културни „заробени умови“ отколку на некултурни. И тоа многу повеќе на такви млади, отколку на стари-возрасни, искусни. Како тоа? Од каде тоа?
Сето претходно од мене сега сакам да го поврзам не со некои конкретни „еклатантни“ примери на млади политички „заробени умови“ (чинам дека нема потреба, добро ви се познати со своите „бисери“ на глупоста што ги тресат штом ќе отворат уста), туку со еден друг мошне голем проблем поради кој нашата иднина е прилично неизвесна: на политичката сцена нема, ниту може да се догледа некој нов политичар, а особено не од умните/мудрите кои инаку ги нарекуваат интелектуалцим или творци.
Што велат тие за овој навистина круцијален проблем и за постојните и за онаа партија што би требало да се појави и да ја направи политиката кај нас навистина поле за културен натпревар, а не да си остане и натаму во не мала мера пофалба на глупоста?
Велат:
„Не, благодарам, јас сум индивидуалец, а на интелектуалецот не му е својствено да дејствува колективно“.
Нивниот проблем е токму во тоа основно неразбирање на политиката, конкретно на политичкото дејствување.
Парафразираната Гоцева мисла сега ќе ја „корегирам“, па со таа „корекција“ ќе го кажам последното од мене во врска со прашањево „Што е тоа политика?“.
Да беше денес жив Гоце Делчев, сигурно би бил (со својот револуционерен дух) умен/мудар политичар и сум сигурен дека би го рекол ова:
„Јас политиката ја разбирам како поле за колективен културно-политички натпревар помеѓу политичарите и политичките партии на политичката сцена“.
Значи, не сакам да ги учам интелектуалци и творци, зашто се учени и знаат, туку само да ги потсетам:
Политиката е колективен чин, колективно дејствување. Во едно граѓанско општество и во една граѓанска држава е можно, дури нужно индивидуалното дејствување во рамките на политички колективното. Најнапред како потврда на интелектуалниот потенцијал.
Одамна не сте ја (пре)прочитале „Пофалба на глупоста“ од Еразмо Ротердамски? (Пре)прочитајте ја. Ако не сакате и натаму да бидете настрана, во сенка, во заветрина. Како дел од апатичната, збунета, неопределена, неориентирана, разочарана, изневерена публика. Ако сакате да бидете учесник, натпреварувач во културен и умен/мудар политички натпревар.
4. За критичката свест и самосвест
Можеби критичката самосвест е поважна, посилна и повредна од свеста. За творецот сигурно. А може ли едната без другата? Не може, но немаат иста валидност, нема равенство помеѓу нив. Напротив, критичката самосвест кај него ја претпоставува свеста за она што го создава. И едната и другата се потврдуваат во задоволството или незадоволството од резултатот. Притоа, задоволството значи крај на ангажманот (како нов почеток), односно пренасочување на творечката енергија во друг правец, кон друга цел (ново дело). Незадоволството, пак, значи или продолжување или одново почнување за да продолжи. Да, свеста и самосвеста се најповрзани со задоволството и незадоволството на творецот.
Колку можам да бидам задоволен од она што сум го создал? Погрешно. Не колку (малку или многу сеедно), туку дали и до кога можам да бидам задоволен.
Дали сум задоволен? Се разбира, и затоа по создаденото ниту сум почнал нешто ново, ниту сум продолжил од него. И она што сум го почнал, она го почнувам е само можен почеток, којзнае дали оној вистинскиот.
До кога ќе бидам задоволен? Не знам, но знам друго: дека, како и на многумина други како мене, тоа-задоволството не ми трае долго. Незадоволството е многу, многу подолго (да не речам постојано, трајно). Впрочем, не е ли тоа она поттикнувачкото за откривање, осознавање и создавање (токму според тој редослед)? Незадоволството заедно со сомневањето.
Меѓутоа, за критичката свест и самосвест е можеби поважно она со вредносниот критериум. Вообичаено е тоа врзување, особено на планот на поширокиот интерес-поставување, втемелување на систем на вредности и негова постојана надградба. Вредносниот критериум е предуслов за системот на вредности, без оглед на кое развојно ниво е. Тој, пак, ги претпоставува, ги предвидува личните, индивидуалните критичка свест и самосвест.
Чија критичка свест и самосвест, чиј вредносен критериум? На творецот или на вреднувачот на неговото дело?
Јас би рекол подеднакво, на едниот и на другиот, и на исто ниво. Ако не е, ако не биде така, тогаш се јавува инфериорноста кај едната страна која, пак, раѓа агресивност и несоодветна валоризација (за ревалоризација не може да стане ниту збор).Тоа е причината за недостиг или непостоење на критика. И обично, супериорноста е на творецот на авторот на делото. Притоа одново се наметнува, се актуелизира релацијата создавање-создадено, процес-дело.
Дали писателот е најдобриот критичар на сопственото дело?
Јас велам: откако ќе го заврши-да.
Меѓутоа, може ли тој да одговори на едноставното прашање:
Кое Ваше дело го сметате за завршено?
5. Независноста и непристрасноста
Одамна е осознаено од врвни учени дека независноста во својата суштина значи објективност. Па сепак, кај нас одвреме-навреме се поставува, всушност се повторува ова прашање и се покренуваат дискусии, се развиваат полемики: постои ли или не независност (особено медиумска), како таа се потврдува и афирмира во практиката-секојдневјето, ја препознаваме ли, дали се наметнува, дали доминира или е одамна „поразена“ итн.
Независноста е веќе подолго време „дежурна тема“ кога станува збор за судството и неговото реформирање. Како да го направиме нашето судство независно (бидејќи не е) или повеќе независно (бидејќи е недоволно). Некој ќе рече дека тоа го бара од нас меѓународната заедница, ни е поставено како една од првите задачи во процесот на „европското нормирање“, односно сеопштата „европеизација“ Мкедонија.
Два-три збора за суштината на независноста:
Таа не значи ништо друго, освен објективност. Независност каква што вообичаено се разбира кај нас ниту постоела, ниту може да постои. А вообичаено се толкува во егзистенцијална смисла.
Уште од раѓање човекот е зависен-од мајчиното млеко, па таа-зависноста го следи во текот на целиот живот. Во зрелото доба егзистенцијално сме секогаш зависни. Или од други (кои ни даваат работа-работодавците) или од сопствениот бизнис (кој е исто така секогаш поврзан со друг(и). Па и „слободните“ активности-пасиите нѐ прават зависни со тоа што им го подаруваме своето слободно време. Треба ли да потсетуваме на зависноста од заедницата на која ѝ припаѓаме и на системот во кој егзистираме и дејствуваме?
Независноста значи објективност, и само тоа. Кога зборуваме за независно судство, за независни медиуми, за независни интелектуалци итн., попрецизно е да зборуваме за објективно судство, објективни медиуми, објективни критичари, промислувачи, интелектуалци.
А за објективноста, пак, суштествен е критериумот или, во поширока смисла, системот на вредности. Не може да се биде објективен кон нешто или некој, ако се нема критериум за вредност-естетска, етичка, научна итн. Не е можно објективно да се анализира и оценува-проценува нечие дело или нечиј придонес во рамките на еден систем, ако нема изграден систем на вредности (норми, стандарди) кој, што е исто така мошне важно, кореспондира со системот што владее во (по)развиениот свет и претставува „филтер“ за оценка на квалитетот на животот како најопшта категорија на човековата егзистенција.
Немаме независни медиуми, немаме независно новинарство, немаме и ќе немаме независно судство, ако сме (како што сме) урнисале еден систем на вредности, а на негово место не сме поставиле и не градиме нов. Во тоа е проблемот на моментумот во кој се наоѓаме, во кој се наоѓа Македонија.
Порака до политичките партии на позиција-на власт и во опозиција:
Вашиот рејтинг е низок и ќе биде сѐ понизок, што значи граѓанството веќе или воопшто не ви верува или ќе ви верува сѐ помалку, сѐ додека не договорите систем на вредности во сите области на нашето живеење. А кој потоа ќе го понудите како темел на сето ваше и наше сегашно и идно дејствување.
Сѐ друго што сте правеле досега, што правите и ќе правите во иднина (ќе) претставува обична манипулација, шпекулација, политички дилетантизам. Со еден збор: сеопшта зависност. (Ваша од други-на пример ваши спонзори и од вас односно од вашиот „врв“-вашето членство и оние што ги „спонзорирате“.)
За непристрасноста:
Таа нема никаква врска со независноста односно објективноста. Таа е еден од двата најопшти критериума при оценување, донесување на каков било суд при судење. Вториот е „спротивставениот“-пристрасноста. А да се биде пристрасен не значи да се биде необјективен, туку да се заземе страна (да се навива, да се поддржува, да се поттикнува итн.). Тоа, пак-заземањето страна може и обично е пообјективно од независноста каква што се разбира кај нас од многумина.
Најчесто непристрасноста се врзува за донесување одлука или суд помеѓу две еднакви, рамноправни, еднакво позиционирани или валидни страни. Тоа значи дека кога зборуваме за судството (една од најактуелните теми кај нас) не треба да зборуваме и да се залагаме за независно, туку за непристрасно судство.
И уште ова во овој контекст:
Се вели: „Колку си повеќе платен, толку си понезависен (јас велам понепристрасен)“. Затоа во развиениот демократски свет се настојува оние што одлучуваат или работат за заедничкото добро да бидат добро платени. Со тоа, меѓу другото, ќе бидат и помалку подложни на корупција.
Апсолутно погрешно! Намерно или случајно, сеедно. Имено, не негирајќи ја „доброплатеноста“ (иако не ни е баш јасно што значи тоа, во однос на што итн.), во името на независноста и непристрасноста јас велам:
Не колку, како или кога, туку е најважно кој најдобро плаќа (ќе плати).
Кај нас за жал или за радување најдобро плаќаат странците, па платените од нив се најобјективни и најнепристрасни кога сме ние во прашање. Бидејќи тие знаат кого колку треба да го платат, Бидејќи имаат критериум, поставен систем на вредности кој го доградуваат постојано, континуирано го доградуваат, надградувааат.