54. Апостол совреме
Апостол е црномуресто младо момче виссоко близу два метра, со мускулесто, атлетски градено тело. Секогаш весело и насмеано. Без знајни биолошки родители, заедно со сестра му Ѕвездана посвоени, растени и одгледувани од Бисера и Пламен. Целосно посветен на учење, на постојано богатење на знаењето на информатиката-програмерството, со врвна цел-да стане софтверски девелопер, но и на планинарењето. Заедно со школските другари Милан, Јордан и Филип, одм неодамна и другарка им Стела која се приклучи пред два месеца, веќе искачи шест врвови во Македонија: Меденица на Бистра, 2163 метри, Магаро на Галичица, 2254 метри, Голем Крчин, 2341 метар, Црни Врв на Јабланица, 2257 метри, Зелен Брег, 2166 метри, највисокиот врв на Кожуф, како и штотуку, минатата сабота и недела освоениот Пелистер, 2601 метар, највисокиот врв на планината Баба. Сè уште го држи одушевеноста од морињата од карпи под самиот врв на Пелистер и глацијалното Мало Езеро. Веќе ѝ здодеа на сестра си со описите на виденото и доживеаното. Одамна се откажа да ја вклучи во групата. Таа нема никаков интерес за планинарење.
Заедно со тројцата соученици Глигор, Иван и Живко, и сесрдната помош од професорот по програмирање Петар Жедовски ги заврши софтверот и дизајнот на апликацијата. Како тим со одлични оценки добија многу пофалби, а професорот ги поттикна да размислуваат за профитирање, за сопствен бизнис-програмерски услуги, па и за настап на меѓународниот програмерски пазар.
Апостол доби голема поддршка и конкретни упатства за она што го интересира најмногу-„девелоперството“, конкретно девелопер на мобилни апликации. Веќе ги проучи трендовите и перспективите на пазарот, во тие рамки на потребите од квалитетни програмери на апликации за паметни телефони и таблети. Од ден на ден неговиот личен список на IT компании во светот е сè поголем. Темелно се подготвува и за работа како фриленсер, хонорарен „играч“, конкретно веб девелопер. Перспективно предвид доаѓа и компанија во странство. Сепак, најмногу ја посакува „комбинацијата“-работа во или за конкретна компанија (open space канцеларија) и едновремено или напоредно работа на фриленс проекти за домашни и странски клиенти. (Засега е „насочен“ кон Канада, кон Монтреал, кон мајка му Бисера.) И во рамките на наставата на училиште, но и како „слободна активност“ засега ги проучува спецификите на двата главни оперативни система Android и iOS.
Тој и другарите „ортаци“ темелно учат и наголемо расправаат за четирите клучни области на програмирање на мобилните апликации: дизајнот, конкретно креирањето на кориснички интерфејс лесен за користење и со модерен изглед; сметководството-основните знаења, особено во областа на хардверот, управувањето со базите на податоци, алокацијата на меморијата и безбедноста на софтверските системи; програмирањето-познавање на различни програмски јазици, пред се Java, Objective-C i Swift, како и алатки за развој, тестирање и дистрибуција на готови апликации; и таканаречените меки вештини како што се проблемот солвинг, односно наоѓање начини да се одговори на потребите на корисникот и надминување на евентуални прекини во работата, потоа креативноста и иновативноста, воочувањето на евентуални проблеми и поправка на ситни детали за апликацијата да функционира беспрекорно, како и трпението и позитивниот став и комуникациските вештини. Апостол предничи во учењето и расправите, а со своето стратешко размислување и вештините на претприемништвото кои ги изучува во своето „лично слободно време“ сè повеќе се наметнува како нивен предводник.
Што му недостасува? Му недостасува „домашен“ што ќе му помага на каков било начин; ќе го дополнува и насочува. Се разбира, со повеќе знаење и опитност. Пламен не може да е тоа, посветен е на својата работа и надградба како градежен инженер, а не може ни Бисера како медицински технолог.