ВО ЖИВ ПРОСТОР ЖИВО ВРЕМЕ, Залезни мигови, поетска инсталација

Потребно време за читање: < 1 минута

24. Гасне светлина

Светлина
блиска и далечна
на постоење во круг
којзнае од кого,
којзнае од кога
направен од бели, црни,
најмногу од сиви карпи
и камења во пустелија,
гасне како да дошла
на крајот од сон
на човек премален
од будност.

Гасне светлина
во живот и во смрт
на сенка
која одамна не знае
дали има уште срце
за љубов неугаслива.

Сонот на човек
премален од будност
се обидува да излезе
од камениот круг
во пустелија
за во последен здив
да го запре гаснењето
на светлина
што некогаш била
непокор.

Leave the first comment