12. Животното напредување
И во тесниот семеен, но и во поширокиот семејно-пријателски и деловен круг, Бисера и Пламен се познати како посветени на знаењето, доследни, решителни мислечки личности и профилирани експерти во своите области-Бисера како медицински технолог, а Пламен како градежен инженер.
На триесет и една година, по четири години обиди да се вработат во институт или компанија која просто не може без нивната образовна профилираност, влегоа во приватниот бизнис; без никаква врска со нивните определби-отворија агенција за недвижности. Вложија за нив не мали финансиски средства, најмногу позајмени од свои ближни и пријатели, ангажираа, формираа мал соодветен компетентен тим и тргнаа амбициозно.
Се соочуваа со бројни тешкотии, бизнисменски, многу повеќе вонбизнисменски. Успеваа да ги надминуваат, но по долги и тешки седум години конкурентска битка на пазарот и не успевајќи да обезбедат реализација на поголем и подолготраен проект, не добивајќи ни најмал тендер од власта зашто одбегнуваа каков било контакт со неа, решија да кренат раце; да го затворат бизнисот и да се вратат во своите професионални области.
Успеаја да се вработат: Бисера во приватна болница за гастроентерологија, а Пламен во голема градежна компанија. Со цврста намера колку е можно побрзо да си овозможат професионално и животно напредување.
Нужно е да се нагласи уште еднаш: со својот бизнис, но и како дел од раководните тимови на болницата и градежната компанија беа близу до власта. Соработуваа со неа на секакви начини: финансиска поддршка на редовни и предизборни партиски активности, користење поволни услови и можности за конкретни зделки, договори за воспоставување на јавно приватно партнерство, давање стручни, експертски совети и решенија и слично.
Се разбира, пред сè со оглед на годините и нивната неприкосновена љубов, во меѓувреме стапија во брак, ги вдомија Ѕвездана и Апостол и изградија свој дом-приземна куќа од осумдесетина квадрати во елитната населба „Габерија“.
Обајцата станаа мошне активни на Интернет. Не само што ги поставија и постојано ги менуваа своите CV-ија, туку и ги збогатуваа со свои стручни статии.
По таков деветгодишен деноноќен ангажман на работа и дома, со големи лични откажувања и заеднички жртвувања, особено на нивното заедничко време, пред четири месеци на големо изненадување проследено со неизмерна радост, конечно успеаја: обајцата добија понуди од странски компании за вработување, професионално и, се разбира, животно напредување. Конечно можат триумфално да извикаат: Доста беше!
Тргнаа сами на своите наспоредни врвици на животот. Молчешкум, одвреме-навреме загледувајќи се во далечините. Бисера кон Монтреал, Канада, а Пламен кон Бирмингем, Англија.