Потребно време за читање: 3 минути

40.

Го изненадив со прашање:

-Дали мртвите умираат?

Прво се насмеа, па се замисли и ми одговори со втренчен поглед во мене:

-Ти што мислиш?…Ај и јас да те прашам: дали сите живеат до смрт?

Јас:

-Добро, ќе одговорам прво јас…Мислам дека порано живуркањето го сметав за неживот, па и за живот во смрт, а денес се смета за предодреден живот. Ако го прифаќаме тоа, тогаш сите живеат до смрт, па и по неа. Ако го прифаќаме, тогаш моето прашање е последователно.

Го чекав на неговиот и семеен гроб веќе половина час. Трупот на гробницата-кораб беше речиси готов. Очигледно, син му Јане и снаата Борјана ја забрзале работата. Гробницата-кораб ќе биде изградена најмногу за месец-два. Ми се извини објаснувајќи дека бил на погреб на филозофот Павле од Огнен. Починал ненадејно од сè уште незнајната сотирачка болест која во последниве година-две пустоши низ живиот свет. Тој проживеал педесет и шест години. Не го познавав лично, а признавам дека не сум прочитал, ниту проучил ниедно негово дело.

-Нема зошто да ми се извинуваш. И онака не ти најавив дека ќе дојдам,-му одговорив.

Почна да образложува и објаснува:

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

-Ако мислиш на продолжување на животот по смрт, дека човекот всушност не умира умирајќи, на делењето на душата од телото и нејзино продолжено живеење во светот на мртвите односно на нејзина реинкарнација, мислам дека ги знаеш моето знаење и мојот став. Дека не знам и немам став.

Јас отсечно:

-Не мислам, туку те прашав прецизно и јасно: дали мртвите умираат?

Ристо од Петар:

-Се разбира! Како што умира сè живо. Едни умрени умираат порано, други предвреме, трети ненадејно, четврти очекувано, петти совреме, шести доцна или предоцна, седми…Да, и мртвите умираат како живите, но разликата е во траењето на умирањето до самоти смрт. Меѓу молк и тишина, едновремено или наспоредно меѓу паметење и заборав. Според некои учени, тие се во равенство.

Коските на лицето му се озарија. Продолжи:

-Белки не ја заборави симболиката, а особено значењето на гробницата како кораб. Кога ти зборував за неа, нагласив дека мртвиот човек и мртов како жив го напушта одвреме-навреме домашното огниште, па се враќа во него. Ако го начека смртта, ако го пречека, ако го претрча, тогаш остава завештание да го вратат потомците и да го погребаат, да го упокојат во свој гроб или во своја семејна гробница. Притоа, не случајно тоа го споредив со корените. Тие никогаш и никаде не пуштаат жили во туѓа земја без корени што ќе ги придружуваат и помагаат во вкоренувањето. Зашто тогаш бавно или брзо би пресушувале. Значењето на гробницата како кораб е дека и како мртов човекот е жив секогаш кога ќе посака заедно со своите блиски и далечни предци да „заплови“ низ небеските и земните пространства, од своето минато во сегашно време. Еве, да повторам: како сè на планетата Земја, мртвиот човек пак заживува и пак умира меѓу молк и тишина или меѓу паметење и заборав.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Изразив незадоволство:

-Се разбира дека не заборавив, но пак те прашувам: дали мртвите умираат?

Ми одговори по малку нервозно:

-Умираат кога ќе се збришат нивните живеалишта-нивните гробови и гробници, а тие во исто време отидат во бестрага без никаква трага на нивно постоење. Тоа е знајно одамна, од постоењето на човекот со свест и самосвест…Ти се правиш наудрен!

Не прозборев ни збор, па продолжи:

-Сакаш пример? Ми раскажуваа и ти раскажував за Молненик, за Земјенци, Изгревци и Рабенци. За кои веќе се откриени некои траги на западната страна-неколку гробови еден до друг, со коски на млади и стари што ги погребале Рабенци. Веројатно од последните Земјенци задушени, а неизгорени во пожарот. Јас веќе му се придружив на Ангел од Михаил во натамошното откривање на нивни траги…Го знаеш возвишението на северната страна, како меѓа меѓу Молненик и Страдец. Многупати заедно сме го искачиле и сме оделе по наши врвици. Дали си помислил дека во дамнина токму на него биле гробиштата на Молненичани? Јас знам за едно старо предание кое вели дека тие гробишта биле напуштени, запустени, па збришани откако по цел век не останал ни камен на камен од гробот на последниот Изгревец, некојси Трипун од Злате. Значи, откако тој мртов умрел.

Прочитај и за ... >>  МЕЃУ МОЛК И ТИШИНА, роман

Јас:

-Ако не се шегуваш со мене, тоа значи дека мртвите умираат подолго од живите.

Ристо од Петар одмавна со десната рака во знак на крај на средбата и разделување, па промрмори колку да слушнам:

-Тоа значи дека смртта не е крај ни за живите ни за мртвите сè додека има смисла животот како траење со и во беспоговорно дело.

Се разделивме. Беше точно напладне.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here