ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 3 минути

12. Оставка

Во кабинетот на трчи-лажи премиерче и партиско лидерче Зајко Итромански се собрани сите негови најблиски мафијашки пајташи. Ги собрал токму тој зашто видел, разбрал и почувствувал дека веќе нема мрдање. Народот не сака ни очи ни сурат да му види. Демек ептен му одмилил, па затоа решил дека веќе не може да им биде што е-трчи-лажи премиерче и партиско лидерче.

Зајко Итромански (им се обраќа со тага и длабока разочараност во гласот):

-Пајташи мои, сакал јас не сакал, во ваква матна ситуација, откако народот јасно и гласно ми порача мене дека не сака ни очи ни сурат да ми види, јас морам да поднесам оставка. Не само што веќе не можам да мрдам, ами ни вие не можете да мрдате на чело со мене. Затоа ве собрав да се договориме што да правиме.

Митре Воловски, првиот пајташ во хиерархијата:

-Што збориш бе?! Да поднесеш оставка? Не доаѓа предвид! Свесен ли си што би значело тоа за нас? Би се ставил себеси и би нè ставил сите нас во многу незгодна, да не речам ептен незавидна ситуација…Ај лебати кажи зошто ти текнало тоа?

Зајко Итромански (со помалку тага и поплитка разочараност во гласот):

-Не ми текнало, ами оценив дека оставка е неминовна. Затоа што нема спас за сите нас. А и треба да го искористиме вакуумот што ќе настане потоа до доаѓање на новиве на власт. Да се спакуваме, да ги собереме дисаѓите со краденото азно од народот и кој каде мили мои-едни џенем или во бестрага, други во глувчешки дупки. Ако не го искористиме, мав ни е работата. Ќе не испозатворат во зандани и мрачнина во мачнина ќе нè голтне.

Верка Швалеровска (првата пајташка во хиерархијата):

-Другар Зајко, јас мислам дека си под депресија и треба да испушиш некоја од твоите зелени. Мислам од цигарите со марихуана. Колку да ти олесни и да мислиш со ладна глава. Оставка не доаѓа предвид.

Зајко Итромански (како да почнува дуел со неа):

-Верке Швалеровска, многу слобода си дозволуваш. Јас сум наредил никој да не гукне ништо за тоа марихуаната, а ти уште ме советуваш и ми препорачуваш да испушам некоја таква зелена. Ситуацијава е премногу сериозна за ти да реагираш така левтерно и ноншалантно. Веќе ни збор да не слушнам од тебе!

По неколкуминутно консултирање односно мрморење на присутните се јавува Пајо Политикантски:

-Другар Зајко Итромански, наше трчи-лажи премиерче и партиско лидерче, ние мислиме дека смисливме неште ептен паметно и за тебе и за нас: ти да дадеш ѓоамити оставка, тоа за јавноста, колку да се смири, а после ние нема да прифатиме зашто баш не е време за тоа. Затоа што претстојат важни односно клучни односно решавачки моменти за државата. Проверена работа.

Зајко Итромански (замислено):

-Нема проблем, ќе сторам така. Ама што ќе правиме со меѓународниот фактор? Ни дише во вратови, па уште одозгора на тога крадењето и корупцијата не ги вадат од уста…

Го прекинува Жаре Грубовски:

-Во меѓувреме ќе се правиме наудрени, а факторот ние нема да го вадиме од уста. Во меѓувреме ќе го убедуваме дека состојбата е редовна, нормална и баш е добро што толку доби сила опозицијата како конструктивна и коректив на власта. Значи, ќе продолжиме конструктивно до ниедно време, а после…

Зајко Итромански (со разведрен глас):

-Во право сте, мои мафијашки пајташи. Ќе дадам оставка како да давам. Не ми е првпат…Утре ќе ве соберам пак јавно и вие решително нема да прифатите. Само, имајте го на ум вакуумот во меѓувреме. Моите преплатени советници и јас мислиме дека треба да се спакуваме и да ги собереме дисаѓите со краденото азно од народот. За кога ќе дојде време полесно и побрзо да избегаме кој каде мили мои-едни џенем или во бестрага, а други во глувчешки дупки. Инаку, ќе нè снајде што не нè снашло досега. Ќе нè испозатворат во зандани и мрачнина во мачнина ќе нè голтне.

Сите кимаат со главите во знак на одобрување, а потоа стануваат и задоволни излегуваат од кабинетот на трчи-лажи премиерчето и партиско лидерче Зајко Итромански.

Leave the first comment