Потребно време за читање: 2 минути

38. Се прашуваат Јас книжевник и Јас овбичен смртник како една самосвесна лоичност:
До кога ќе туркам вака секој ден?

За многумина, да не речам за сите веќе несфатливо, непостижно-недостижно, а за некои дури запрепастувачко: илјадници песни во стихозбирки, поетски студии, поетски инсталации на Интернет; илјадници прозни текстови- раскази, цртички, романи; хумористично-сатирични раскази, белешки, скечеви, коментари, илјадници афоризми и други јадровизми и слободарски и слободоумни закони со чија примена не може да има или-или, а ни трте-мрте; илјадници енциклопедиски одредници (лична енциклопедија „Паноптикум“)…Што ми треба сето тоа?

Три од прашањата што просто ме измачуваат, секако како многумина други творци.

Првото:

Им треба ли сето тоа на мои познајници, блиски, пријатели, почитувачи на мојот творечкиот збор и мојата мисла?

Можеби, ама сигурно не на многумина. И?

Неретко ми иде да запрам, да престанам со создавање/пишување оти ми се чини бесмислено, бесцелно, безначајно.

Второто:

Нема да видат бел ден (особено не во печатен формат) моите создадени дела и дела во создавање додека сум жив?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Необјавата на едно дело ниту нешто му додава, ниту му одзема. Ќе се објави во свое време, освен ако неговиот автор не го дозволи тоа. На пример, ако го уништи, ако не дозволи да започне неговиот самостоен живот. А што ако го покрие прашината на заборавот? Ништо! Исто како да било, исто како да не било.

Само едно ме спокои:

Сето во создавање и создадено од мене може некој да го молчи, може и да го премолчи, ама никој не може да го замолчи! Како дел од мојата духовна опстојба и вишнеење.

Да престанам? Не доаѓа предвид! Едноставно, и да сакам не можам! Којзнае, можеби „виновник“ е творечката енергија, творечкиот порив или „нескротливата“ авантура на духот, моќта на зборот и молкот, „даденото“ од Бога…

И третото прашање што ми доаѓа при чувствувањето на ронењето на моиве години:

Зошто Макс Брод, најдобриот пријател и биограф на Франц Кафка, кому тој постхумно му ги оставил своите дела за да ги уништи, го изневерил, одбил да го стори тоа? Ја имал свеста за нивната големина, за нивната вредност, та не собрал сила и храброст за таквиот чин?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

На изневерата на Брод мнозина ѝ придаваат голема „заслуга“: благодарение на неа Кафка е еден од најпознатите светски писатели на 20. век. Што секако не е точно, туку е дури во прилична мера малициозно. Зашто Кафка е тоа со своето творештво. Со неговата неуништливост, а не со неуништувањето. Дотолку повеќе што многу од денес незаобиколните Кафкини дела, довршени и незавршени, се објавени за време на неговиот живот. Што значи дека обврската на Брод се однесува на нивната преобјава, нова објава или целосна објава.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here