51. Мојата сатира
Ја сакам сатирата и ја пишувам одвреме-навреме. Пред сѐ „чистата“, но неретко проткаена со хумор. На Интернет и на посебна фан страница на мојот Фејсбук профил-времеплов со наслов „Јас сатирик“ веќе објавив 6 дела под заеднички наслов „Шило и осило“, а создавам и едновремено-тековно објавувам нови:
1. „Приказни за големи деца“, со поднаслов “Сатирични и хуморни приказни раскажани од немајкаде“-вкупно 60;
2. „Сатиралии“ (со поднаслов „Стилски вежби за ментално проветрување“), вкупно 115 сатирично- хуморни (при)кажувања;
3. „Саде аир да виѓаваме“, сатирична политикантска и љубовна поезија-вкупно 31;
4. „Со прстот на чело (Помеѓу нас ништо непремолчено)“, сатирични раскази и други писателски сочиненија-вкупно 58;
5. „Нема или-или, а ни трте-мрте!“, афоризми (или лично-безлични закони, прописи, правила, постулати, аксиоми, укажувања, предупредувања и принципи)-вкупно 300;
6. „Урнебесни басни“, хумористично-сатирични оригинални и познати прераскажани, дораскажани, надградени басни-вкупно 64.
Имам реализирано и два аудио проекта (снимени на CD): „ Latentia hronicus-Однапред и одзади“, играна сатирично-умористична серија во 10 епизоди (со користење и на текстови објавени во некои од наведените дела), и „Кажувања на дедо Громче“, полчасовни сатирично-хумористични кажувања без здив, стотици на број (сѐ уште неизброени), прв и сѐ уште единствен македонски радиски стенд-ап (во живо на „Евергрин Гром радио“).
Малку? Доволно? Многу? Не е важно! Важно е дека сето тоа е од мене испишано, „собрано“ во тек на повеќе од четири децении. Се разбира, не мислам да престанам.
Сатирата ја користам како средство на лична политичка борба? Секако, но не само за неа. Исмејувам сѐ што ќе ми дојде в рака, под рака и што ќе ме погоди, а богами и налути. Особено луѓе, на прво место политиканти и партиски измеќари; нивните непромислености, глупости, недоветности.
Сум имал „проблеми“ поради тоа? Иха!
Најмногу ја користам алузијата, а најмалку инсинуацијата (само кога ми иде да „драматизирам“).
Многу ми е жал што морам да подвлечам:
Дури ни кисели насмевки, што најчесто ги предизвикува сатирата, не гледам на лица на улица, на работа, дома и пред огледало. Простосрдечни и весели среќавам само на детски и наивни. Жива болест!