ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 3 минути

29. Јас и Јас

Среде сцената дрвена гола маса со една столица, а спроти неа големо огледало. Поставени така што гледалиштето може непречено да ја гледа и неа и огледалото. На масата бокал со црно вино и чаша.

Излегува Јас и седнува за маса. Во огледалото и Јас. Налева вино во чашата, испива голтка, се загледува во Јас во огледалото, ја крева десната рака во знак на поздрав, и вели:

-Пак јас и ти, а? Ние не можеме еден без друг, и тоа е. Не сме единствени, ама сме ретки на светов…Како си? Добар си, нели? Нормално, ако сум јас добар добар си и ти, а ако не сум исто и ти. Јас сум ти и ти Јас сум јас.

Пак испива голтка вино, се загледува во огледалото, па се полусвртува накај гледалиштето. Продолжува:

-Вечерва не сме сами? Имаме публика? Нормално. Јас и ти Јас не можеме без неа. Исто како што не можеме еден без друг. Зашто сме…политичари! Политичари? А бе ај!

Пак се загледува во огледалото:

-Знаеш што, Јас? Ние сме двајца во еден! Ха-ха! Двајца во еден…политичар. Јас и ти Јас. Ха-ха!… Велиш како сите политичари? Па да, имаш право. Сите се двајца во еден…Ха-ха!…Да, ама ние сме како никој Јас и Јас! Знаеш зошто? Не знаеш? Нормално, не можеш да знаеш ако јас како Јас не ти кажам. Ни сме како никој зашто сите што ги знаеме, со кои сме и против кои сме се само Јас! Не се ни погледнуваат во огледало, а и ако застанат пред него се загледуваат себеси во него. Значи, Јас како Јас. И затоа, точно знам, како такви, политичари, напросто уживаат да се гледаат во огледало. Секогаш се гледаат пред да излезат пред народот како политичари…Ама не се. Тие се, брате мој, политиканти!

Замолчува, ја ведне главата, а од огледалото му проговорува Јас насмеан:

-Знаеш што, Јас? Мислам дека ти како Јас не си никаков политичар и немаш врска со политиката. Може евентуално да се замислуваш таков, ама немаш врска! Исто како Јас. За разлика од тебе Јас, Јас не се ни замислувам како таков. Знаеш зошто? Затоа што Јас сум народен човек и секогаш сум со народот. Исто кога ти се загледуваш во огледалово во кое сум и ми збориш. Баш затоа те прифаќам секогаш како Јас. Народен човек си, секогаш си со народот, па како таков и да сакаш не можеш да бидеш политичар.

Јас испива уште една голтка од чашата, се загледува во огледалото и продолжува со чудно спокоен глас:

-Ти Јас се разбираш од политика? Како да не! Политиката е, другар мој, многу заебана работа. Најпрвин е дволична. Нема врска дали си народен човек и секогаш со народот. Има врска ако е некој едноличен. Значи, ако е личен. Е тој, таквиот, личен, личност, тој не е, не сака, па и не може да биде политичар. А што сме јас и ти како јас? Си личиме ко јајце на јајце, ко сите јајциња меѓу себе. Јас и ти сме Јас и Јас, ама не сме лични, не сме различни…Не сме личности? Разбираш или не?…Политиката е ептен заебана работа. Им тинтариш јајца на едни, на други…Не мораш, не сакаш, значи никому не му ги тинтариш и…

Јас од огледалото:

-Ај батали! Батали го виното. Не дотурај од бокалот. Доста ти е. Ќе почнеш да се гледаш себеси во мене, па ќе морам јас како Јас да те напуштам. Е, тогаш стварно ќе се најдеш во небрано. Ти како Јас и Јас како ти. И тоа лични и различни. Е тогаш ќе биде ептен заебано за тебе. Нема да се гледаш како народен човек, нема да бидеш секогаш со народот, а нема да бидеш ни политичар ни личен односно личност. И тогаш може да го изгубиш тактот, да го удриш огледалово со тупаница, да го искршиш на милион парчиња и мене да ме направиш парампарче.

Јас станува од масата, го зема огледалото со Јас во него под мишка и ја напушта сцената.

Leave the first comment