ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Потребно време за читање: 3 минути

24. Чколијата

Врти-сучи, Буле пак за чколијата односно, како што според него се самонарекува, образованието и образувањето. Овојпат појќе ко лидер на партија, и тоа авангардна во секој поглед и на секој план.

Буле им држи говоранција за чколијата и нејзината реформа на своето сегашно и идно партиско членство, како дел од платформата и акционата програма што ја крчкаат заедно со Куле на чело:

-Чколијава ни е тотално назадна, ко да е од минатиот век. Плус е декадентна, плус е огромен товар за нас учениците. Затоа мораме да ја смениме од корен, да ја откорнеме што се вели, и да ја направиме ко што треба, пак да ја насадиме што се вели. При ова, најмал проблем е чколиите да се направат чисти, од вецеата до климатизацијата, и да се модернизираат со компјутери, електронски табли на ѕид и сè друго ти реков-ми рече во таа смисла. За тоа не треба многу пари, особено…Внимавајте на ова особено, драги мои сегашни и идни сопартијци и сопартијки! Чколиите мора како згради со спортски терени и паркчиња и зеленило околу нив да се сведат на минимум и да бидат строго наменливи, а грото од просторот во нив да служи за ученичка забава, спортување, рекреација и уметничко изразување односно индивидуално творечко докажување. Во училниците и кабинетите да се престојува најмногу петнаесет минути зашто јас со сигурност тврдам дека ние учениците во затворен простор издржуваме најмногу толку. Каква забава? Секаква! Од сурфање на Интернет, онлајн дискусија за секакви теми, прашања и проблеми од нашиот севкупен развој, со акцент на нашиот, следење на важни културни и спортски настани-театарски претстави, филмови, концерти, изложби. Тоа во чколиите како згради. А сè во рамките надвор од нив да служи за слободни активности кои треба да се преправат во неслободни односно задолжителни односно главни. Буквално сите.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Во образовната реформа нашата идна партија мора да го фрли акцентот на наставничките и наставниците. Прво затоа што се тие клучен проблем за нашето знаење и незнаење односно неинтерес, а второ бидејќи уште пред да станеме адолесценти односно при крај основци односно тинејџери и пред старт средношколци конфронтацијата помеѓу нив и нас е очевидна. Што е уште попроблематично, позагрижувачко, па и потрагикомично, тој судир помеѓу нив и нас сè повеќе се продлабочува. Запрашајте се зошто е така и јас ќе ви одговорам максимално конкретно и аргументирано. На пример: зошто наставничката по музичко мома Евгенија никако не може да нè контрапунктира при свирење и пеење, без оглед што очигледно знае да диригира? Затоа што мома Евгенија не знае како да нè синхронизира. Ме разбирате, нели? Или на пример: зошто наставникот по физика Трифун Атомот има толку глупава фаца кога мртов ладен, како да доживеал струен удар, осцилација или бран, ни објаснува што е тело односно објект во природата, а особено кога ни раскажува приказни со содржини од физиката? Затоа што не знае да нè менаџира.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Наставничките и наставниците, драги мои индијански другарки и другари, соплеменици и сопартијци, треба да ни бидат другарки и другари. Секогаш и во сè да бидат барабар со нас. А нивните оценки да бидат за наше добро, демек како поттик не за учење, туку за да мислиме логички и практично како предуслов за логичен и практичен модерен живот кога ќе пораснеме и ќе станеме зрели за лични кариери. Кога велам тие да бидат барабар со нас, мислам на барабар и кога играме секакви игри, при слободни активности, забави, седенки во кафуленца и молови, на журки, во паркови и зеленило. Просто тие да ни влезат нам во психа и ние ним.

И најважно од сè на што нашата идна партија мора да го фрли акцентот: нашите мамичиња и татичиња тотално да се исклучат од комплетниот образовен систем, пред сè од нивната мошне плодна соработка со наставничките и наставниците. За да не бидеме и натаму нивни заморчиња.

Прочитај и за ... >>  ЕДЕН БУЛЕ МАМКИН И ТАТКИН, тинејџерски роман

Мислам дека нема потреба да потсетувам колку говоров на Буле за чколијата од слушачите беше слушан со концентрација и занесеност, проследен со извици од типот „Така е!“, „Браво!“ и „Правилно!“, „Паметно!“, а крајот дочекан со огромен аплауз. Кој немаше да престане до длабоко во ноќта ако тој лично не го прекина со отсечно „Доста е!“.

Leave the first comment