ШИЛО И ОСИЛО, Книга VIII: Скечуално, хумористично-сатирични скечеви

Потребно време за читање: 3 минути

14. Чуден дијалог помеѓу една свеќа и една сијалица

Во едно дамнешно свршено време, пред многу години во мојот стан се случи наеднаш, наврапито мене и на моето потесно семејство да ни падне мрак пред очи. Точно, не прочитавте погрешно: не на, туку пред! Подоцна разбрав дека паднал и на моето пошироко, најшироко семејство, а богами и на најшироките соседски.

Бидејќи е одамна докажано дека никој од нас не го поднесува, особено при виделина или при будење, пред сè кога се гледаме помеѓу себе со отворени очи, веднаш реагиравме и си запаливме свеќа. Се разбира, според редот и обичајот, сите без исклучок, од најмало до најголемо три пати се прекрстивме пред неа, за да не се случи мракот пред очи да не направи слепи на очи.

Само што ја запаливме, на општо изненадување почнавме да слушаме со напнати уши чуден дијалог помеѓу неа и една од изгаснатите сијалици.

Свеќата:

-Аха! Виде дека и тебе ти дојде редот? Виде? Не може само да светиш и за ништо да не ти е гајле, ниту за мракот што паѓа кога не му е време, ќе му е без намера да стане. Нормално, луѓето те сакаат оти си модерна, ефикасна, не капеш, не се топиш како мене. Нормално, постојано се модернизираш, премина и во фаза на штедливите. Ама веќе не можат да ти веруваат. Светиш, но не им покажуваш дека нивната перспектива е целосно, тотално светла.

Сијалицата:

-Што ти е на тебе?! Не сум јас виновна оти горнине ич не мислат на мене и на мојата нетрајност. Никој не ни помислува да ме иновира во таа насока, а за да светам постојано, без прекини, без рестрикции. Да ме палат кога ќе им текне, да не ме гаснат кога нема да им текне. Треба да ми се создадат услови. Досега работев колку што имав сили, какви што ми беа условите, ама веќе се изморив, речиси се истрошив. Па сега, нормално, на лојалните и другите граѓани, особено на нелојалните, а најособено на полит-бизнис олигарсите, ма на сите ќе им паѓа мрак пред очи. И дома и надвор…Да не мислиш дека ти ќе им ја поправиш ситуацијата? Дека со тебе засекогаш ќе ме заменат мене? Зарем не гледаш дека и кога се крстат сè почесто не палат свеќа, туку се осветлуваат со што посилни сијалици, море неброени рефлектори. Знаеш зошто? За да се види кој е со Господ на помош, а кому тој не му треба оти се погосподил.

Свеќата:

Немој да се правдаш, сијалицо низаедна!,-ја прекори свеќата.-Живееше на висока нога, а мене ич не ме третираше. Се бореше со сите сили луѓето да ме исфрлат од употребa, да заборават на мене. Навреме ти предлагав да се солидаризираме, да си помагаме, да си ги поделиме обврските. Но, ти се однсуваше арогантно! Со кренат нос и цврст чекор грабаше само напред не ни погледнувајќи кој е со тебе, кој покрај тебе, кој заостанал баеѓи зад тебе.

Сијалицата:

Ова е само преоден период, свеќо низаедна!,-почна нервозно да подвикнува сијалицата.-Кусо ќе трае твојата улога. Претставата брзо ќе ти заврши. Само да ми изградат луѓето доволно хидро, термо и атомски централи, па ќе нема црн ден за мене.

Свеќата:

-Ти, мори сијалицо,-ѝ подвикна зајадливо свеќата на сијалицата,-ти си премногу напредна за луѓето. Знаеш ли дека сè уште имаме селани во доволен број, дека сè уште не сме си го заборавиле селското потекло?

Сијалицата:

Кои селани?!,-ѝ опонираше сијалицата од висока нога.-Кои селани?! Зарем не ти е познато дека и на село горам, јас си светам?

Свеќата:

-Да! Да! Затоа ни напреднаа толку селата! Гледам, не само што се полни со селани, врие живот во нив, туку се раѓаат и нови. На секој чекор село до село!

Сијалицата:

-Е, свеќо драга, ова да ти речам: јас не само што ширам повеќе светлина од тебе, туку и моето траење е подолго. Ти се трошиш, се топиш од мрак до мрак, а мене ништо друго не може да ме згасне освен инфаркт…Туку, ај да се договориме нешто. Караницава до никаде нема да нè одведе. Ај вака: јас да им светам рестриктивно, штедливо, а ти на луѓето само во свечени прилики. Бидува? На пример на празници. Па кога горнине ќе зборуваат за големите успеси што нашава државичка ги постигна досега, ги постигнува сега и допрва ќе ги постигне…Или кога зборуваат за нашата светла перспектива за која, нели, упорно и посветено се борат со континуирани реформи кои, како такви нели, не смеат никогаш да завршат…А народот ги слуша со начулени уши и ги гледа со ококорени очи…

Свеќата:

-Тоа не може! Благодарение на тебе пребрзавме во перспективата, па сега ситуацијата ни е сложена. Да им светев само јас, стандардот на луѓето ќе им беше нормален, стабилен, и сè друго ќе им беше такво. Ќе стасаа во перспективата полека, ама со сигурен, цврст и спокоен чекор.

Само што го рече ова, свеќата си дојде до крајот, се стопи и згасна. Друга случајно немавме. Си останавме јас и моето семејство во целосен мрачен мрак.

По неколку години пројде рестриктивното време, а струјното стопанство дојде на ред да им се продаде на странци. Се продаде и оттогаш, до ден-денес сме ептен задоволни. Многу ретко, само во сушните периоди на нашево живуркање ни паѓа мрак пред очи.

Можам да констатирам дека сме многу посмирени, поспокојни, позадоволни. Зашто, меѓу другото, нашине горни и да сакаат веќе не можат да нè прават слепи на очи. За странскине ќе видиме. Не сме баш сигурни, ни се раѓа некој сомнеж, нè пролазува некоја јанѕа…

Leave the first comment