Потребно време за читање: 2 минути

9. Неспокоен сон

Сонот што во последниве неколку ноќи го сони Климе Робевски е еден ист и веќе целосно му се предава, немоќен што било да промени во него. Ми го раскажува секогаш не заборавајќи ниеден детал.

-Прво излегува пред мене татко ми, ме зема под рака и ме води до еден грамаден мраморен споменик во Градскиот парк-човек со гола снага кој над глава кренал голема карпа и фрла искри од очите. Ми вели: „Синко, не заборавај дека човек е најсилен кога се бори за лична слобода или ја брани од силници“. Потоа ме напушта, ме остава сам пред него.

Потоа околу мене од нигде се збираат непознати млади мажи, стари жени и мали и големи деца, па почнуваат да играат немо некое оро што не ми е знајно. По некое време наеднаш престануваат да играат, а ороводецот, еден старец со вита става, облечен во бела наметка доземи, со широки ракави и голема качулка, ми се обраќа: „Синко, ние игравме за тебе немо и ќе продолжиме да играме. Затоа што не дозволуваме, а се надеваме дека и ти нема да дозволиш други да ни свират , и тоа туѓа свирка“. Го прашувам: „Зошто не свирите сами, своја?“. Ми се насмевнува сожалително, па ми вели: „Не е дојдено времето, синко. Ќе засвириме, скоро ќе засвириме. Уште малку трпение и ум…А ти не чекај, фати се во орово. Ај да го заиграме заедно“. И како што се собраа, од нигде, така непознатите млади мажи, стари жени и мали и големи деца се разотидуваат. По неколку врвици кон врв на планина во далечина.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

Мојот сон има и трет дел. Без кој чинам дека не би бил целосен:

Јас сум во години, сам, без никој свој, пред пустина со високо сонце. Ја гледам, се обидувам да ја догледам. Се двоумам дали да зачекорам, да навлезам во неа. Наеднаш пред очи ми излегува мајка ми, умрена пред осум години со изгубен ум. Ме гледа втренчено и ми вели со предупредувачки глас: „Синко мој, не ја зачекорувај пустинава, не навлегувај во неа. Семето ќе ти се исуши. Направи меѓа помеѓу неа и тебе, па сврти ѝ грб и тргни по своја врвица кон врвон на планинана во далечина. Нема долго да го искачуваш сам“. Го вели тоа, исчезнува и јас се будам.

Воздивнува длабоко Климе Робевски, молчиме заедно некое време, па ми вели:

-Ти велам, пријателе, сонов ми е еден ист неколку ноќи на ред. Веќе целосно му се предадов зашто сум немоќен што било да променам во него. Не ти го раскажав за да се обидеме заедно да го протолкуваме, и јас како ти не верувам во соништа, туку да ми дадеш совет што да сторам за да се ослободам од него.

Прочитај и за ... >>  ПОЛНОТА НА ЖИВОТОТ, раскази/ескизи

-Од кај, пак, јас да знам?!.-му се чудам.-Сон како секој сон…Само мислам дека е сосем поврзан со стварноста…Преокупиран си, преоптоварен си со неа…Како да не е сон…Сонуваш буден…

-И јас знам за сонот како доживеана или преживеана стварност. Ама ме мачи зошто е еден ист, сосем се повторува.

Му предлагам:

-А да се обидеш да замислиш пред да заспиеш, може и цел ден пред тоа да замислуваш друга стварност?

Ми одговара резигнирано:

-Сум се обидел многупати. Не ми успева.

Се разделивме. До следната средба морам да смислам нешто со што ќе му помогнам. Ако во меѓувреме не се ослободи сам. Не знам што…

Сега ми паѓа на ум да му предложам да почне да создава своја, лична стварност. Макар како детска игра.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here