16. Навечер на улица
Има еден ветер
што се раздувал дниве
низ улици и куќи
на градот во урнатини
зад нас;
преполн од спомени
за детски игри
без смисла и содржина,
но со внатрешна логика
и голема симболика.
Знам дека ќе донесе
силен дожд
оти е таков одамна
покажан, поткажан
и докажан,
та не ќе може ниту
на прагови да се стои,
ниту под стреа
да се достои,
а ни да се помисли
на багремите
во паркот од сништа
со цвеќиња прецутени;
во кој јас и ти како деца
лежевме и гледавме
в небо
да не прелета некоја
маска
заборавена од лице.
Излегуваме на улица
и трчаме од куќа до куќа,
кон двата бреста
на ридот
кои некогаш биле три,
а сега ги нема;
ги исекле и ги однеле
натоварени на коњ
за појадок и дојадок,
а не ги изгореле
од не знам која причина
(не ми ја кажаа
умрените).
Трчаме, трчаме,
а пред нас, а во нас
бизарни и небулозни
слики
на сегашни и утрешни
настани
ко од детска рака
исцртани;
којзнае дали ќе ни успее
до целта
да ги избришеме,
да ги искинеме,
да ги распарчиме.
Има еден ветер наутро
на улица
кога се враќаме под земја
уморни, испотени,
изгорени;
без мисла и премисла,
со чисти гради,
со длабок издив.