КУЌА ШТО МОЛЧИ

Потребно време за читање: 2 минути

16. Четврта патека до градот

Откако ги минавме трите,
првата од крв в коски,
втората од ветер над бели коси
и во самотни очи,
третата со пој на мртви птици,
не стасавме ами заскитавме
во пустина без ниту збор,
ниту капка сомнеж.

Сега на оваа почнуваме
со несигурен чекор
оти ни прекажаа голи деца
дека ќе биде долго качувањето
кон врвот на иглата
со која ни ги крпат кожите,
притоа без макар иронија
на образите;
колку да помислиме дека
ќе нѐ има
и кога никого ќе нема од нас
помеѓу нас.

Бладање пред последен издив:
носот го оставивме искривен
на безлично лице
за да редиме тажачки за слон,
та именуван да престорам
во коњ.

И треба да се смееш оти мина
времето дамнешно одамна,
уште кога ние се криевме
голи во леген на земјен под
крај оган;
телата наши со бистра вода
ги будевме
едновремено барајќи куќа
денот да ни даде.

Прочитај и за ... >>  ПРИРОДНА СОСТОЈБА

Кој трепет, кој немир
на четвртава патека до градот
разденивме пред зајдисонце,
божем ќе го освоиме,
никој повеќе да не може
да го доградува,
да го преградува, заградува
за едни покрај други,
со едни зад други, зад трети?

Дали ти ќе ми се јавиш
кога самиот се менувам,
јас вкоренет сонувач на полноќ,
со цигара в уста
како скитник
од еден до друг извор?

Не треба да разбираш
кога те прашувам:
дали нов збор ќе изговориш
како наш
за заедно да ја мериме улицата
на животот со цел,
без луѓе без сенки
и без крикови на ѕверки.

Бараш да се простам со сите,
од рода до блиски и далечни,
а јас сега повеќе од кога било
сакам да раскажувам скаска
за чекор во сеопшто молчание
и незапирно ридание.

Но видов дека забите
на светот и векот
во суден час се речиси сронати,
наместо нив во нивните усти
има понекој од железо во `рѓа
и понекој златен.

Прочитај и за ... >>  ПРОБЛЕСОК ВО МИСЛАТА

Веќе знам дека совреме
влегов гол и премален
во пожарот на твојата дивина.

Leave the first comment