Има обичаи што не ги носиме само со рацете, туку и со паметењето. Таков е и овој – на Велигден да вапсуваме јајца црвени. На прв поглед изгледа едноставно: боја, јајце, празник, поздрав. А всушност, зад тој мал гест стојат векови вера, народна имагинација, симболика и раскажување. Токму затоа, кога ќе прашаме зошто јајцата се црвени, не добиваме само еден одговор. Добиваме цела мрежа од значења – црковни, народни, преданиски и длабоко човечки.
Меѓу предание, вера и народна раскажувачка сила
Во народната традиција, запишана и од Марко Цепенков, постојат повеќе прикажувања за тоа како настанал обичајот. Во едно од нив, луѓето што го мачеле Христа фрлале неварени јајца врз Него. Во друго, жени на пазар во Ерусалим не поверувале во веста за воскресението, па рекле дека ќе поверуваат дури кога јајцата во кошниците ќе им се вцрвенат – и токму тогаш, според легендата, се случило чудото. Во трето, самото јајце се зема како слика на живот што се отвора, на затворено што се пробива, на нешто што однатре доаѓа до своето воскреснување.
Тука е важно да не ги мешаме рамништата. Овие приказни не се библиски извештаи, туку народни преданија што со векови му давале смисла на празникот. И баш во тоа е нивната убавина. Народот не сакал само да одбележи датум. Сакал да ја раскаже тајната. Сакал со слика, со чудо, со симбол и со збор да објасни нешто што е поголемо од секојдневниот јазик.
Што вели црквата за црвеното јајце
Од аспект на црковната традиција, велигденското јајце е симбол на Христовото воскресение. Црвената боја најчесто се толкува како знак на Христовата крв, но и како знак на победа – победа над смртта, над страдањето, над крајот што не е крај. Затоа и поздравот „Христос воскресе!“ не оди случајно заедно со подарено или кршено јајце. Едното ја објавува веста, другото ја носи во знак.
Според црковното предание, обичајот се поврзува и со Марија Магдалена, која му подарила црвено јајце на римскиот цар Тивериј поздравувајќи го со зборовите „Христос воскресе“. Но и тука е добро да се биде прецизен: тоа е црковно предание, а не евангелски настан директно опишан во Библијата. Значи, кога зборуваме за потеклото на обичајот, треба да правиме разлика меѓу канонски текст, предание и народна легенда. Токму таа разлика му дава сериозност на текстот, а не му ја одзема магијата.
Зошто токму јајце
Јајцето не е случаен избор. Тоа отсекогаш било една од најсилните слики на скриен живот. Однадвор – тишина, затвореност, лушпа. Однатре – можност, движење, раѓање. Затоа во многу култури јајцето е симбол на почеток, а во христијански контекст станува и симбол на воскресение. Како што животот излегува од навидум затворена обвивка, така и воскресението ја пробива логиката на гробот, крајот и темнината.
Народот тоа не го кажувал со теолошки трактати. Го кажувал со проста, но силна слика: јајцето „се опилува“, се отвора, од него излегува живот. Во таа аналогија не треба да бараме догматска формула, туку народен обид да се допре неискажливото. А токму таму, во тие наивни и мудри споредби, живее вистинската убавина на фолклорот.
Што останува живо и денес
И денес, кога во Македонија православниот Велигден во 2026 година се паѓа на 12 април, обичајот со црвените јајца останува жив речиси непроменет: се вапсуваат првите јајца, се чуваат како благослов во домот, се подаруваат, се кршат, се изговара поздравот, се продолжува една линија на паметење. Формите малку се менуваат, боите денес се и поразновидни, украсувањата покреативни, но првото јајце во многу домови и натаму е црвено. Тоа не е случајно. Обичаите што преживуваат не преживуваат затоа што се стари, туку затоа што сè уште значат нешто.
Па затоа, кога ќе речеме дека на Велигден вапсуваме јајца црвени, не зборуваме само за обредна боја. Зборуваме за симбол што ја спојува крвта и животот, страдањето и победата, преданието и народната фантазија, верата и домашната блискост. И можеби токму затоа овој обичај опстојал толку долго – затоа што во едно мало црвено јајце собрал повеќе смисла отколку што на прв поглед изгледа.
Зошто вапсуаме јајца црвени на Велигден
Коа го предадоа Риста на Евреите да го мачат и да го ругаат, при сите лошотии што му ги напраија, го плукаа, го ‘ркаа, а пак едни со неварени јајца фрлаа на него. Јајцата се кршеа од глаата Ристосоа и течеа по лицето и снагата.
Откоа воскресна Ристос, како крстот што го почестија, како венецо, трската, така и јајцата `и почестија и се дало блаослов да се вапсуаат црвени и да се даваат еден другему на Велигден и да си велат „Ристос воскресе!”
Едни велат оти коа воскресна Ристос, идејќи некои жени во Јерусалим на пазар со јајца да продаваат, `и стреле други жени, одејќи си од Јерусалим, и му кажале оти Ристос воскресна, а пак тие не поверуале и рекле вака:
-Коа ќе се вцрват јајцава од кошнициве, тогај и Ристос од умрените ќе воскресни!
И-о чудесија голема-на часот се беа вцрвиле јајцата.
Ете, и од тоа се прикажуа ѓоамити било.
А пак и вака се прикажуат: како што воскреснуа јајцето (демек се опилуа), така и Ристос воскреснал.
(Заб. Марко Цепенков)





