ЗА СЛОБОДНО ПРОМИСЛУВАЊЕ, 56

Потребно време за читање: 3 минути

56. Знаењето и волунтаризмот

Ако се обидеме реално да ги согледаме и промислиме идеолошките платформи односно програмските заложби на постојните „главни“ и „споредни“ политички партии, лесно ќе дојдеме до поразително сознание: дека со нас, со и во нашава држава  многу повеќе ќе владее волунтаризмот одошто знаењето.Тоа едновремено значи дека со помош на „ново-старите“ сите „летаме во место“, а несигурната иднина, па и бесперспективноста натаму ќе ни бидат „зацементирани“. И натаму ќе тонеме кон дното, постојано прашувајќи се дали некогаш или кога ќе го допреме.

Некој може ќе помисли дека се залагам-барам „експертски Парламент“ и експертска Влада. За да не помисли, ај прво да прашам, па да се обидам да (си) одговорам:

Се знае ли разликата помеѓу знаењето и стручноста односно експертноста? Исто е или различно? Оној што знае (помеѓу нив и јас) ќе ви каже (ви кажувам) дека разликата е суштинска и општопозната (значи, се работи за основно знаење): знаењето го обезбедува професионализмот (професијата, занаетот), а стручноста-експертноста значи целосна посветеност на она што се работи и создава; едновремено постојана надградба (во научната односно творечката област).

Мала, „банална“ илустрација:

Познавам (сигурен сум дека и вие познавате) мнозина кои се правници, економисти, лекари, писатели и други уметници, значи со соодветно знаење и призната стручност (дипломирани), а од икс причини (најчесто егзистенцијални) одамна работат како лични шофери, таксисти, портири, културни „дејци“ итн. И тоа мошне волунтаристички.

Па следствено, кога би се залагал за „експертски Парламент“, тогаш би морале од корен да го менуваме нашиот парламентаризам; меѓу другото, укинување на гласањето бидејќи ќе нема потреба од него-тамам работа да гласаме за експертски (што значи и „беспоговорни“) закони, предлози итн; сосема излишна би била и парламентарната дебата, освен ако се води на експертско ниво, што значи дека во составот на Парламентот „се нашле“ повеќе експерти за една проблематика, па им „дошол редот“. Истото се однесува и на залагањето за експертска Влада: сѐ што таквата ќе донесе како предлог и закон Парламентот ќе треба само да „аминува“ (и тоа без расправа и гласање). Впрочем, веќе имавме експертска Влада (би требало да ја ставам во наводници, ама да не одам во „детали“), па знаеме (нè држи паметењето) колку таа (не)успешно функционираше.

Претходното не значи дека се залагам за спротивното: за „волунтаристички Парламент“ и „волунтаристичка Влада“ (такви имавме досега?). Треба ли да аргументирам? Се надевам дека ќе биде доволно само ако посочам на јаловите и неретко ступидни, па и смешни излагања, дискусии, расправи на пратеници за прашања и проблеми за кои се табула раза. Решенијата со долготрајни, дури погубни последици се добро познати. Подобро да не ги спомнувам за да не ви се крене притисокот.

Само патем ќе ја спомнам крајно волунтаристичката изјава на поранешен потпретседател на Собранието: дека Парламентот успешно работел затоа што донесувал „квалитетни закони“. Ако (не)именуваниот не беше волунтарист, немаше да тресне таква „зелена“. Мислите дека знае што е тоа “квалитетен закон”? Дека нема таков? Дека Парламентот не донесува и не смее да донесува „неквалитетни закони“?

Политичкото незнаење (на политиката како наука и вештина) и политичкиот волунтаризам се подеднакво највиновни за позицијата во која се наоѓа нашава држава и за ситуацијата во која сме ние во неа. Всушност, помеѓу двете стои знак на равенство. Со таа разлика што политиката како вештина умеат најдобро да ја практикуваат политички неписмените и неполитички снаодливите (полит-бизнисмените), а волунтаризмот создава само негатива од сите и за сите.

Политиката како занает? Не, туку како ангажман (волонтерски или професионален сеедно) во интерес на сите. Волунтаризмот е рак-рана за секое општество и за секоја држава, кои имаат амбиција да станат модерни, што значи развиени, организирани, почитувани, а над сѐ перспективни.

Значи, бидејќи волунтаристите „како такви“ не знаат и не можат (најмногу оти се плашат) да го ценат знаењето односно стручноста, тие-стручњаците односно експертите и натаму ќе бидат на маргините. Обезвреднети, унижени, доведени до просјачки стап, со урнисано достоинство-зависни од политикантите-волунтаристи. И натаму, не прифаќајќи го таквиот статус, ќе останат повлечени во себе или ќе се спасуваат бегајќи во странство.

Што е најважно, и натаму со нашава државичка и со нас (останатите) во неа ќе владеат неавторитетни „пулитичари“, кариеристи, полтронисти, полит-бизнис олигархисти. Сите исти!

Многу често во овие мои текстови како прашање го поставувам најважното „нешто“ за сегашнината и иднината (минатото во нив) на секое општество и држава. Еве уште еднаш:

Што е тоа систем на вредности?