15. Преселничка песна
Ме гледаш птица преселничка,
а никогаш не сум била, ниту сум.
Мисла сум што долго беше
пред да одлучи веќе да не биде.
Ме здогледа и упорно ме гледаш
на небо незнајна птица преселничка.
Дали ја слушаш, дали допира до тебе
мојава преуморна песна преселничка?
Пеам за сите предели и сите времиња
што ги прелетав досега безгласно.
Не пеам за преселба од север на југ,
туку од запад на исток најисточен.
Посакувам, бескрилен поету во збор,
да одмориме, па да полетаме заедно.
Ти нудам да полетаме за живот
самосвесни, самобитни и слободни.