39. Преумора
Премалува човек
во центар на светот
што од годините,
што од огнено сонце,
што од ладна заветрина,
што од создавање дела
кои нема кому
да му ги остави
за трага или паметење.
Во скришна пештера
минува сè поголем дел
од ноќ, па и од ден,
која совреме ја откри
и ја направи дом
за самотија
уште на млади години.
Од преумора
веќе нема зборови
со кои да ги примирува
мракот и тишината
во неа;
та слегува, та се крие
сè подолу, се подалеку
од луѓе.
Тие, пак, влегуваат
еден по еден
или по два-тројца
за да ги откријат
и да ги освојат
нејзините длабини,
сталактитите
по сводот и ѕидовите,
и сталагмитите на подот,
и изворите и езерата. Се крие од нив,
не излегува пред нив
зашто од преумора
веќе нема зборови
со кои да ги примирува
мракот и тишината
заробени
во живот пред гаснење.