ВО ЖИВ ПРОСТОР ЖИВО ВРЕМЕ, поетска инсталација, 53

Потребно време за читање: < 1 минута

53. Премалени години

Долго и длабоко мисли како да им ги прикаже
на луѓето околу него своите премалени години
што ги распростре сосе умирања со смисла,
а против бесмислено постоење на свет кој
одамна не е во хармонија со надежта човечка,
ниту со сјајноста на ѕвездите небесни и земни.

Мисли токму затоа што му се премалени, а
веќе неброени поради дамнешни и скорашни
траги на бесцелни војни со врази кои
не знаат друго, ами само да се успијат и да
се будат во мрачнина, тишина и длабок молк.

Помисли дека е најдобро да ги изнареди
една врз друга како немири сосе потраги
по знаци на опстанок во игри и песни за јадови
од раѓање среде оган, среде молња, среде крв.

Помисли да ги изнареди една крај друга меѓу
два брега на ту спокојна, ту брановита,
па пенлива, па шумна река
од извор под дрвја вековити и коренити
сè до вливање во бело море бескрајно.

Смисли човекот, кој едновремено животвори
во жив простор и живо време,
да ги прикаже своите премалени години како
гранитни карпи до небо, а меѓу нив процепи
за догледување на изгревања и отклони
на Сонцето и Месечината
кога се
кусодневица, рамнодневица и долгодневица.