-Ми фалат мир и спокој,-ѝ велам на мојата нова пријателка Галена Калешева, поетеса. Заедно сме од пред некој ден и веќе се согласуваме за многу работи, процеси и состојби.
-И мене ми фалат,-ми одговара.-Им фалат на многумина како нас и на различни од нас. Би рекла дека му фалат на целиот свет,-додава.
Констатирам дека тоа е наметната последица на динамиката на животот и затоа што имаме сè помалу време лично, за себе. И не вреди да се спротивставуваме. Дури напротив, ако пронајдеме, ако заживееме во мир и спокој, нема да можеме да општиме и да соработуваме со средината и околината. Таа ми се спротивставува со повишен глас:
-Напротив, јас мислам дека за мир и спокој треба да ги жртвуваме и динамиката на животот и општењето и соработката со средината и околината. Доста сè со брзаница и трчаница.
Јас:
-Знаеш од каде треба да ја почнеме нашата борба за мир и спокој? Од стишување на нашите гласови. Можеби и несвесно ми се спротивстави со повишен.
Ме гледа и низ смеа вели:
-Ако се договориме од овој момент да ја почнеме нашата борба, веќе никогаш нема да го повишам. Ќе ти се спротивставувам мирно и спокојно.
Немам што да додадам или одземам, освен дека мирот и спокојот треба да ги пронајдеме во нас, се разбира заедно, па потоа да почнеме да ги наметнуваме во односите со средината и околината. Низ смеа ѝ велам:
-Мислиш дека ќе можеме со стишани, а не со повишени гласови да им се спротивставуваме на луѓето со спротивни мислења и гледишта од нашите? Мислиш дека и тие ќе си ги стишаат и брзо ќе се научат така?
Поетесата Галина Калешева ми одговара кратко и решително:
-Нема дали ќе можеме. Мораме.
Во мојата „Жива мисла“ за мирот и спокојот:
Прво внатрешни мир и спокој, па потоа надворешни.
Никаков личен и колективен напредок, ни духовен ни материјален без вредностите создадени во спокој.
Мир човекот постигнува и шири од однатре кон надвор.
Мир во тебе за мир со тебе, човеку.
Нема ни мир ни спокој без работа за пристоен живот.
Мир и спокој во самост? Да, ама само личен.
Колку повеќе поседуваш, толку помалку имаш мирен и спокоен чекор напред.
Мирот нема цена, а одбраната на мирот е сè поскапа.
По скалата на мирот човек се искачува мачно и без престан.
И најголем и најдлабок спокој во хармонија со природата.
Спокоен си оти имаш за денес и утре доволно за здравје.
Мирен човек научил да живее во мир.
Мир и спокој во слобода.
Во мир со спокојни луѓе.
Мир со луѓе кои живеат мирно и стасуваат кон догледни цели навреме не брзајќи.
Мир со еднаквост на животната и творечката енергија во себе.
Потрагата по среќа предизвикува најмногу болештини. Меѓу нив може и неизлечива.
Проблемите обеспокојуваат сè додека не се соочиме со нив и не почнеме да ги решаваме решително.
Слобода во мир, мир за слобода.
Расти и созревај смирно, како цветовите на цвеќињата и плодовите на овошките.
И со молчење се брани личниот мир.
Во толпа си дел од неа, прифаќајќи ги нејзините стравувања, надежи, стремежи, немири и несоници.
Не се истакнуваш и не се издвојуваш за да си го сочуваш мирот.
Одиш по своја врвица спокојна, а таа стрмна, тесна, меѓу провалии.
Воопшто не е лесно да се живее во мир со луѓе кои грабаат напред деноноќно. Освен ако не се прилагодиш на нивното грабање.
Кога е збор за мирот и спокојот, мора да се има предвид дека какво било истакнување или издвојување нив ги нарушува.
Во мир и со блиски и со далечни.
Ако некогаш се живеело во мир, ќе се живее и во иднина.
Спокојство се постигнува во полнота на животот.
Силата не е спокојна ако не се докажува.
Внатрешниот мир често се обезбедува со силата на аргументот.
Промислуваш во мир.
Успехот е почеток на смирение, а неговото продолжение предизвикува спокој.
Спокој во душата со верба во Бога.
Купениот мир по која било цена не трае долго.
Гради мир, создавај спокој.
Лажен мир за уривање и уништување.
Нема спокојство во прогонство.
Без мир и спокој животот може да трае толку кратко, што да не создаде никаква вредности.
Слобода и спокој сосе мир.
Мудроста се почитува и се бара кога е мир.
Спокој на староста секогаш пред страстите на младоста.
Денешниот човек сè почесто најнапред се прашува како бавно да стигне навреме на целта.
Мудар човек не отстапува пред силата, туку ја снеможува со своето достојание.
Во тишина и мир и спокој.
Внатрешниот мир на човекот никој со ништо не може да го разниша.
Кој не знае, мора да научи дека семејните радости се неспоредливи со личните.
На патот на мирот нема крстопати.
Лагата најмногу се плаши од мирнотијата на вистината.
Мирољубив човек лесно совладува спротивности и надминува противречности.
Какво-годе насилство е пред сè против мирот и спокојот.
Нема апсолутен мир. Има мир што постојано се гради и надградува.
Кажуваш сè наместо во спокој.
Во мир ненадејностите лесно се надминуваат.
Те вознемирува нечиј спокој затоа што го разнишува твојот.
Доволно се познаваш себеси за никој да не може да те обеспокои.
Меѓу мир и војна-неизвесност.
Нема мир во држава додека власта ѝ слугува на туѓа сила. Кога-тогаш ќе избувне војна.
Умот спокојно умува.
Дребнавостите и непотребностите најпрвин го ништат спокојот.
Разбирачката е за заедничка живеачка во мир.
Вашиот внатрешен мир умее сам да се брани од насилно однесување.
Материјалноста и удобноста на животот предизвикуваат завидливост и лицемерие.
Во трпението и смиреност и спокојство.
Напредок само во мир и непореклива самобитност.
Сочувствуваш и смируваш.
Ништо не може да те вознемирува и спречува додека го работиш или создаваш она што го сакаш.
Со ум и разум до слобода и мир.
Мудриот е секогаш во душевен мир.
Празнотијата вознемирува. Таа никогаш не возбудува, ниту успокојува.
Има утре за тебе во мир и спокој.
Бесмртниот дух создава трајни дела во тишина, со свои знаци и писмо кои никогаш не можат сосем да се одгатнат.
Во бурно време најпотребен е мир.
Надворешниот мир на човекот најмногу зависи од неговиот внатрешен.
Слобода на умот, слобода на мислата, слобода на говорот-дела во мир за мир.
Секој плод човеков за радости, мир и спокој.
Моќта на спокојството е неизмерна.
Брзо се согласуваат мирни и спокојни.
Спокојот доведува до радост и среќа.
Без неограничени желби и потреби, ако сакате слобода и спокој.
Неприкосновената убавина е секогаш заедно со мирот, спокојот и неизмерната среќа.
Простувањето е најмногу од нужност за смирение и живот во разбирање.
Многу е важно да се мирни нашите мисли во каков-годе живот.
Кој не посакува да биде дел од семејство во кое владеат мир, љубов спокој и добрина?
Многу ќе ти биде полесно ако си во мир, љубов и разбирње со себеси.
Во мир убавината е прва секаде и во сè.
Мирно срце вљубено кому му се возвраќа со љубов.
Многу може спокојно срце.
Во смирение си зашто најмногу за тебе зависи од тебе.
Едноставноста е спокојна оти се разбира и нема потреба да се објаснува.
Во мир живот, за мир до смрт.
Ми ја откри својата убавина со мирна насмевка.
Од нашиот спокој во голема мера зависи спокојот на оние со нас.
Кој се навикнал на бурно море, го разболува мирно.
Со природата се разговара мирно и спокојно.
Личниот мир се темели на умност, знаење и искуство.
Што доаѓа неминовно, пречекајте го смирно.
Спокојно срце кое никому за ништо не му е виновно.
Од тебе зависи мирнотијата, радоста и ведроста на твојот чекор.
За д бидеш со убавина во мир, првин треба да постигнеш внатрешен мир.
Личниот успех најмногу зависи од самосвесноста, самодовербата и мирот во твојата душа.
Со душевен мир и спокој на срцето влијаеш врз сите живи суштества.
Само мир меѓу нас и заедно ќе постигнеме многу.
Мислата е енергија што придвижува до остварливи цели.
Мудриот е секогаш во мир со себеси.
Креативниот дух е слободен, во мир и со силна самодоверба. Во состојба на целосна предаденост на создавањето.
Мирот е создавачки процес што ни миг не треба да сопре.
Срцето е најсмирно во тишина.
Во мир, хармонија и рамнотежа богат живот.
Јас и ти со исти соништа и надежи за соседство во мир.
Војна може да донесе мир? Да, само привремен.
Не се обидувај најпосле да го спознаеш конечниот мир. Таков не постои.
Постојана борба за слобода, мир и спокој.
Срцето и умот се секогаш спокојни заедно.
Внатрешен мир опкружен со автентични вредни дела создадени од посветени творци.
Омразата и поделбите први го поразуваат мирот.
Нешта без кое човештвото не може да преживее се љубов и сочувствување.
Знаењето на мирот е секогаш придружено од достоинството.
Човек цел живот открива што е за него спокојство.
Ако не си спокоен, успокој се.
Моментите на мир да бидат за среќа, а не пред надоаѓање на тага.
Кога си во мир, не заборавај дека во неволја надежта се обессилува.
Сиромавите живеат помирно од богатите затоа што имаат свои цели кои не зависат од други.
Треба многу време и трпение за да се постигне спокој.
Среќен живот во мир, спокој и радувања.
Во очите на мудар старец се огледуваат спокој и здравје.
Спокојната душа не е користољубива.
Во создание на творец цел своевиден, немирен и спокоен свет.
Нема долготрајна среќа без сопокој. Има вреден спокој пред среќа.
Спокоен си зашто го имаш она што ти е доволно.
Ни спокојство ни задоволство кога е човек оптоварен со грижи и обврски.
Страста е минлива, но доволно силна за да го наруши спокојот на љубовта.
Мирен си зашто ги прифаќаш нештата какви што се.
Мир за луѓе, гнев за ѕверови.
Секое големо уметничко дело зрачи со спокој.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 53







