-Што е со твојата „Жива мисла или Сите умираат, освен јас“? Најпрвин насловот: дали станува збор за главен наслов и поднаслов или, пак, тој треба да се прифаќа како интертекстуална меѓузависност?-ме прашува поетесата Галена Калешева, мојата нова пријателка и љубов.
Ѝ одговарам по длабока воздишка:
-Станува збор за многу сложено дело кое го создавам макотрпно. Некогаш едно поглавје толку ме исцрпува, та откако ќе го напишам со денови и ноќи не сум во состојба да продолжам да создавам некое од другите. Што се однесува на насловот, инсистирам на интертекстуалната меѓузависност. Но, сега не барај од мене неа детално да ти ја елаборирам. Другпат.
Таа по неколку чекори во молк:
-В ред. Знам прилично за интертекстуалноста воопшто…Ќе ми кажеш за сложеноста, но првин одговори ми зошто си го концепирал толку, та неговото создавање те доведува до состојби на исцрпеност?
-Концептот беше едноставен, но во меѓувреме поставував, вградував нови елементи, состојби и собитија кои го „направија“ многу сложен. Стожерните не се проблем зашто не се менливи: создавање на мислечко-поетично дело, повеќе мислечко одошто поетично, збирка мои мисли односно проблесоци во мислата, гледишта и стојалишта на една тема во два-три збора, во афористички формат; јас-Теодор Вишен, некогаш млад, а некогаш средовечен, како стожерна личност; пријателства и љубови со неколку, да не речам многу девојки и жени; секакви обични и помалку обични приклученија во животно секидневие; ненадејно исчезнување на моето дело и продолжение на мојот живот кој не е ни постапно умирање ни моментна смрт.
Галена Калешева ме ислуша внимателно и без збор, па констатира по малку збунето:
-Да, едноставен концепт со вообичаени стожери. Со што го усложни во текот на создавањето? Ќе продолжиш да го усложнуваш?
Јас по повеќе заеднички чекори во молк:
-Со сешто помеѓу. Да, велам дека концептот не е завршен, постојано го надополнувам развивајќи го или менувајќи го. Така што и досега и сега не знам до кај ќе дотуркам, што сè ќе излезе како завршено. Сакаш шример? Еве: што со моето минато? Ај сегашноста веќе не ми е проблем, горе-долу е јасна. Мислам дека му е јасна иа секој што го следи создавањето на моето дело. Но, што со минатото? Не колку ми е „богато“, сеедно позитивно или негативно, сеедно минливо или со неизбришливи траги, туку каква треба да биде неговата улога во умирањето на сите, освен јас. Ова сè повеќе ме оптоварува во последно време.
Галена искажа став како заклучок и по него прашање. Ставот:
-Мене лично ми е најинтересно што создавањето на твоето дело оди истовремено и наспоредно со објавата во континуитет, а притоа не постои интерактвност помеѓу тебе како автор и оној што го чита односно го следи. Патем, мислам дека мислите, ставовите и стојалиштата во афористична форма не треба секогаш да се по раскажаните обични и помалку обични приклученија, твоите пријателства, љубовите и така натаму. Треба да го напуштиш тоа клише. Отсега не почнувај секогаш со нив ново поглавје, туку понекогаш нека се најдат и во средината или и на почетокот и на крајот. Во зависност од самата „приказна“.
Прашањето на Калешева по кое отидовме во моето живеалиште да водиме љубов:
-Уште стоиш цврсто на ставот да не го објавуваш твоето дело во печатен формат, како книга?
Ѝ одговорив кусо:
-Да. Не гледам никаква причина за да го сменам. Доволна е неговата континуирана објава на Интернет.
Во „Жива мисла или Сите умираат, освен јас“ за гордите, горделивите и суетните луѓе:
Треба да се цениш себеси, но не да си умислиш дека си голем меѓу мали.
Горд си поради вредностите што си ги создал и кои те тераат да продолжиш? Треба да бидеш. Само варди се гордоста да не те изразболи, та да те направи ем горделив ем суетен.
Гордоста е по природа учтива и докажана со дело.
На горделивиот не му се блиски оние што се гордеат со постигнатото.
Горделивиот се плаши од конкуренција.
Горделив меѓу скромни се деградира самиот себеси, а скромните не ги деградираат, туку ги игнорираат горделивите.
Политичарите се најголеми суетни медиокритети.
Суетата брзо го разболува човекот до неизлечивост.
Тешко во место со суетни луѓе. Лесно напред без нив.
Мали коленичат и се лактаат за да станат големи. Големи стојат исправени и достоинствени пред големи.
Не му ласкај на горделив човек. Никогаш нема да те остави намира.
Со мали луѓе не стануваш голем. Ни со големи. Стануваш голем зашто си.
Влегла горделивоста во тебе, па не ти дава да продолжиш на својот пат.
Не се ситни души за големи достигнувања.
Како владеат горделиви и суетни со горди и мали? Малограѓански.
Им удрила слава во глава на создатели на дела и воопшто не се грижат за оние на кои им ги намениле.
Лажната скромност е секојдневна маска на суетните луѓе.
Секој е повеќе или помалку суетен и скромен. Колку едното и другото, тоа зависи од позицијата на која е и влијанието врз луѓето кои го опкружуваат.
Нужната скромност е извештачена.
Повредена е неговата суета. Никој не му обрнува никакво внимание.
Само суетата е иста и кога е голем и кога е мал порок.
Машката суета е најјака кога им се докажува на жените.
Јас не сум суетен човек, но не дозволувам да ме споредуваат со кого било.
Не можам да поднесам суетни луѓе. Од нив не можам да дојдам ни до збор, а камо ли да зборувам за мене.
Моќна е суетата кога ќе ѝ се препуштиме.
Суетата знае да биде многу лицемерна со своето ласкање.
Секогаш жестока борба меѓу суетни луѓе за повисока положба во општеството.
Големштилакот се храни со самољубие.
Долг не враќа горделив и суетен човек.
Се гордеам со своето дело зашто знам колку вреди.
Не биди суетен. Биди еднакво критичен и самокритичен.
Не познавам портретист кој успеал да портретира суетен човек.
Суетниот ужива да се зборува само за него.
Самосвесноста ја ништи суетноста.
Излегол пред скромни луѓе глупав и суетен човек, па ги гледа напоречки.
Гордиот човек не се однесува гордо ниту спрема блиски, ниту спрема далечни луѓе.
Она што го има сиромавиот е повеќе и поголемо од она со што се гордее богатиот.
Не е суетен оној што знае колку знае. Суетен е зналец кој мисли дека знае многу.
Суетата го мати умот и предизвикува неразумно однесување.
Скромниот учен ја препознава и прифаќа ученоста на секој што радо ја споделува својата ученост со неговата.
Суетата долго се огледува во огледало, одушевувајќи се колку е убава неговата грдост.
Се надул како балон, па налетал на трн.
Не гордоста, а горделивоста и суетата не ѝ дозволуваат на вредноста да се најде на вистинското место.
Не заживува љубов меѓу суетни луѓе.
Суетата секогаш чини прескапо.
Како да се ослободиш од сопствената суета? Не ѝ дозволувај да излезе од тебе.
Почитувањето на различен од различни не ѝ дава на суетата да дојде до израз.
Суетните не му оддаваат почит ни на мртов поголем од нив.
Мала суета не штети. Голема наштетува ненадоместиво.
Има совест суетен човек? Да, задоцнета.
Не се радува на туѓ успех суетен човек. Ни на свој кога нема кој да му се радува.
Големи луѓе не им даваат на своите суети да им се наметнат на мали.
Ретки се скромни меѓу богати, како што се ретки суетни меѓу сиромашни.
Гордоста сама никому не му се наметнува. Суетата сама секому му се докажува.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 54





