Ме прашува Теодор Вишен:
-Сум ти ракажал за мојата дамнешна љубов со Илијана Славејкова?
Му одговарам:
-Не.
Продолува да ме прашува:
-Сакаш да слушнеш?
Јас му одговарам рамнодушно:
-Може во два-три збора.
Вишен одречно:
-Не можам во два-три.
Јас божем упорен:
-Пробај…Да ти помогнам?…Добро…Која е Илијана Славејкова?
Теодор Вишен по минута-две замисленост:
-Ти реков веќе. Беше моја дамнешна љубов.
Јас продолжувам да го поттикнувам:
-Добро. И?…Беше убава?
Тој по малку занесно и самоуверено:
-Ма што да ти кажувам…Прекрасна. Впрочем, знаеш дека сите мои досегашни и сегашни љубови биле и се која од која поубава.
Јас инсистирам:
-Ајде, кажи што било посебно во таа твоја дамнешна љубов со Илијана, па да ја завршиме прошеткава низ нашиов град со една слепа улица.
Кога е збор за нашите прошетки, треба да се знае дека токму слепата улица го издвојува градов од сите други наши. Најпрвин според тоа што во другите јас и он правиме прошетки многу ретко, по една на две-три, па и повеќе недели, а во овој наш многу почесто, по две три во неделата, и тоа пред сè поради слепата улица. Имено, во сите други наши градови одиме кога ни е нужно и по покупки, а слепата улица во овој нè привлекува како магнет зашто е широка, двонасочна, тивка, со стар дрворед и клупи за одмор, како и со низа стари семејни куќи изградени во староградски стил. Слепотата не е метафорична, туку вистинска. Улицата завршува со свртилиште.
Теодор Вишен се обидува во два-три збора:
-Љубовта ни беше искрена, длабока, можам да речам страсна, но меѓу слога и неслога. Затоа траеше само два ипол месеци.
Јас искрено нажалено и по малку изненадено:
-Многу кратко. Баш ми е жал…А како успеала да трае меѓу слога и неслога?!
Вишен замислено и по малку трогателно:
-Со судни маки…На пример, бевме сложни дека треба без престан да се бориме за љубов, а несложни кога во љубовта се обидувавме белото да го спротивставиме на црното, а црното да го докажуваме како бело.
-Стварно сте биле во судни маки…Јас мислам дека за обајцата е добро што тоа траело толку кратко….А често се сеќаваш на неа како на дамнешна љубов?
Теодор Вишен низ смеа:
-Како може нешто често кога е дамнешно? Зарем тебе треба да те учам дека сеќавањето на нешто што било дамна значи незаборав, значи траење?
Јас сериозно и убедливо:
-Не треба. Но, кога си ти во прашање, со неброени љубови, човек не е сигурен кога е честото дамнешно, а кога е сеќавањето траење.
Подоцна ми прочита неколку запишани свои искази за слогата и неслогата во неговата „Жива мисла“:
Блиски сме во слога, дури непојмливо далечни во неслога.
Сме растеле и сме пораснале сложно, па продолжуваме да живееме сложно.
Сложни сме додека се разбираме. Кога престануваме да се разбираме, дури стануваме непријатели.
Во односите слога, во однесувањето неслога.
Ако нема слога во заедница, таа се одржува авторитарно.
Неслогата предизвикува судир што трае.
Добрините и добродетелствата ја јакнат сложноста.
Нема пречки за сложни. Несложни меѓусебно смислуваат и прават пречки за што повеќе да си наштетат едни на други.
Слогата и неслогата живеат заедно во трошна куќарка пред уривање.
Сложни борци, несложни предавници.
Ќе се скараат и ќе се судрат големи и силни, па им идат мали и слаби да ги смират и да им ја вратат меѓусебната доверба.
Љубов сложна надминува секоја неслога.
Неслогата може да го обесмисли животот до смрт.
Највредна согласност е кога постои меѓусебно почитување на несогласноста.
Согласни сме дека не се согласуваме во мислењата и ставовите, па затоа заедно цврсто грабиме напред.
Слогата го одржува мирот и ја брани слободата.
Влегла неслога меѓу сложни, па брзо сама се удавила.
Затоа што сме сложни, за нас нема ништо неостварливо.
Сложно до големи цели.
ЖИВА МИСЛА ИЛИ СИТЕ УМИРААТ, ОСВЕН ЈАС, мислечко-поетичен роман, 50



