ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Потребно време за читање: 3 минути

55. Власт

Со Страте Јадроски се среќавам одвреме-навреме и, што е чудно само по себе и за мене, секогаш квечерум. Никогаш досега не се среќаваме во друг период на денот или ноќта, или, пак, во некое нивно меѓувреме. Досега неколкупати сум се прашал зошто е тоа, како е можно, неколкупати и сме разговарале чудејќи се заедно, ама тоа е така, без никакво рационално објаснение. Како некој да сака да се среќавам со него баш тогаш. Може едно нешто да е некакво објаснение: на обајцата квечерта ни е посебна, различна, особено привлечна; во неа, за разлика од другите периоди на денот и ноќта, сме поинаку расположени за средби. Имено, тогаш обајцата и меѓусебно да се чувствуваме некако најблиски. За него не знам, но за себе знам: квечерум најмногу се опуштам по дневните мали и големи оптегнувања на нервите, а и емоционално сум речиси во рамнотежа. Таквата состојба е близу до крајот на секојдневен работен или творечки ангажман. Слични се, а различноста е најмногу во спокојот што ме обзема поради самрачното небо со хармонија на боите.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Со Страте Јадроски разговараме на разни теми, особено на актуелни прашање и проблеми, од нашево совремие. Се разбира, тие разговори се всушност лаф-муабети, освен кога ќе се фатиме за нешто од нашите учености-мојата во математиката, неговата во географијата. Разбирливо, тогаш едниот слуша повеќе од другиот и обично прашува од незнаење, неинформираност или неразбирање, а другиот, знаејќи го тоа, не се впушта во детализирање или продлабочени одговори.

Мислам дека не е никакво изненадување тоа што последните неколку наши средби ни минаа во лаф-муабети за власта воопшто и, се разбира, за актуелнава посебно. Ќе се обидам во кратки црти да ги извлечам ставовите и поентите. Не затоа што се особено интересни, специфични, различни од на други, туку поради ставовите и поентите што мислам дека се заеднички со на многу други учени и мислечки луѓе; кои се трудат да не бидат на маргините на собитијата, без оглед дали се учесници во неа или барем чувствуваат дека ги засега.

Јас:

-И оваа наша власт не ја бидува. Како сите други. Мислам дека конечно ќе разбереме дека не е проблемот во неа, на оние во неа и со неа, ниту во оние што ја поддржуваат, што ја изгласале на избори, туку во системот. Него треба да го промениме коренито. И тоа не само применувајќи ги правилата, принципите, решенија во демократиите во светот, туку имајќи ги предвид и нашите специфики, на нашиот народ и малцинствата што живеат со нас. Но, истовремено сметам дека тоа не може да се постигне брзо, што се вели преку ноќ. Потребни се време, трпение, доследност, цврстина, особено искуство и знаење. Тоа значи дека уште долго ќе имаме власт каква што имаме и какви што имавме досега. Од осамостојувањето и независноста на нашава држава.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Страте Јадроски:

-Не можам да се согласам целосно, особено во врска со системот. Прво, власта е власт кога е власт. Сакам да речам, таа е власт кога владее со луѓе, со народ, со држава. Не е власт кога е на власт за да работи и создава за луѓе, за народ, за држава. Мислам дека ме разбираш. Да, таквата треба да се именува инаку, не како власт, но мене сè уште не ми паѓа на ум како би требало да се именува најточно.

Проблемот со власта воопшто кај нас е двоен. Од една страна, власта е власт зашто не е избрана, на демократски избори, туку е октроирана, што по дифолт значи послушна, слугинска. Се разбира, на оној што ја поставил, ја наметнал. Од друга, пак, однапред е воспоставен систем во кој и со кој таа единствено може да  владее. Сакам да речам дека постои не нефункционален систем, напротив, тој е совршено функционален, туку систем кој генерира власт каква што имавме и имаме сиве години наназад.

Прочитај и за ... >>  ТЕКОВИ, раскази/ескизи

Јас:

-Се согласувам, но ќе се согласиш дека во тој и таков систем власта не владее со држава, туку со квазидржава. И не гради општество, туку квазиопштество. Кои се предодредени на пропаст.

Страте Јадроски:

-Станува збор за власт со задача, со обврска. Не за пропаѓање на квазидржава и квази општество, туку за вазална и обессилена држава и за медиокритетско и разградено општество.

Нашите квечери засега завршуваат или пред самоти самрак или во првиот негов час. Не знам, а и не сакам да знам зошто.

Leave the first comment